Лука
11 Во една прилика, откако Исус се помоли, еден од неговите ученици му рече: „Господару, научи нѐ да се молиме, како што и Јован ги научи своите ученици“.
2 Тогаш тој им рече: „Кога се молите, речете: ’Татко, нека се свети* името твое. Нека дојде Царството твое. 3 Секој ден давај ни леб онолку колку што ни е потребно за тој ден. 4 И прости ни ги нашите гревови, зашто и ние му простуваме на секој што ни греши нам.* И не дозволувај да подлегнеме на искушение‘“.*
5 Потоа им рече: „Замислете дека на полноќ одите кај некој пријател и му велите: ’Дај ми на заем три леба, 6 бидејќи пред малку дојде кај мене еден пријател од пат, а немам што да му принесам‘. 7 Но тој однатре ви одговори: ’Не досадувај ми! Вратата е веќе заклучена, а јас и децата веќе си легнавме. Не можам да станам да ти дадам‘. 8 Ви велам, макар и да не стане да ви даде затоа што сте пријатели, ќе стане поради вашата упорност и ќе ви даде што и да ви треба. 9 Затоа ви велам: молете, и ќе ви се даде; барајте, и ќе најдете; чукајте, и ќе ви се отвори. 10 Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори. 11 Кој татко, ако неговиот син му побара риба, ќе му даде змија наместо риба? 12 Или, ако му побара јајце, ќе му даде ли скорпија? 13 И така, ако вие, иако сте грешни, знаете да им давате убави подароци на своите деца, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа!“
14 Подоцна, од еден човек истера демон, кој на луѓето им ја одземаше способноста за говор. Кога демонот излезе, немиот човек прозборе. И народот се восхитуваше. 15 Но некои од нив рекоа: „Ги истерува демоните со помош на Ѓаволот,* владетелот на демоните“. 16 А други, за да го искушаат, бараа од него знак од небото. 17 Но тој знаеше за што размислуваат, па им рече: „Секое царство кое е разединето, ќе пропадне, и куќата која е разединета, ќе се распадне. 18 Така, ако и Сатана се свртел против самиот себе, како ќе опстане неговото царство? Зашто, вие велите дека ги истерувам демоните со помош на Ѓаволот.* 19 Ако јас ги истерувам демоните со помош на Ѓаволот,* со чија помош вашите ученици ги истеруваат? Затоа тие ќе ве осудат. 20 Но, ако јас ги истерувам демоните со Божја сила,* тогаш Божјето Царство веќе е тука, а вие не сте свесни за тоа. 21 Кога некој силен, добро вооружен човек ја чува својата куќа, неговиот имот е безбеден. 22 Но, кога ќе дојде некој што е посилен од него и ќе го совлада, ќе му го одземе сето оружје на кое се надевал и ќе го раздели она што му го запленил. 23 Кој не е на моја страна, против мене е, и кој не собира со мене, растерува.
24 Кога ќе излезе од некој човек, нечистиот дух поминува низ безводни места и бара место за да се одмори, но не наоѓа, па вели: ’Ќе се вратам во куќата од која излегов‘. 25 А кога ќе дојде, ја наоѓа исчистена и уредена. 26 Тогаш оди и доведува седум други духови, уште позлобни од него, па влегуваат и се населуваат таму. На крајот, на тој човек ќе му биде полошо од претходно“.
27 Додека го зборуваше тоа, една жена од мноштвото извика: „Среќна е жената што те родила и што те доела!“ 28 А Исус рече: „Не, туку среќни се оние што ја слушаат Божјата реч и ја држат!“
29 А кога се собра повеќе народ, тој почна да поучува: „Ова поколение е злобно поколение. Бара знак, но нема да му се даде никаков друг знак, освен знакот на Јона. 30 Зашто, како што Јона беше знак за Ниневијците, така и Синот човечки ќе биде знак за ова поколение. 31 Царицата на југот ќе воскресне во Судниот ден заедно со луѓето од ова поколение и ќе ги осуди, зашто дојде од другиот крај на земјата за да ја чуе мудроста на Соломон. А овде е некој што е поголем од Соломон. 32 Жителите на Ниневија ќе воскреснат во Судниот ден заедно со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа кога им проповедаше Јона. А овде е некој што е поголем од Јона. 33 Никој не пали светилка за да ја стави на скришно место или под кошница,* туку на светилник за оние што влегуваат да ја видат светлината. 34 Светилка на телото е окото. Кога окото ти е сконцентрирано само на една работа,* тогаш и целото тело ти е светло,* а кога е завидливо,* тогаш и твоето тело е темно. 35 Затоа, внимавај светлината што е во тебе да не биде темнина. 36 Според тоа, ако целото твое тело е светло и нема ниту еден темен дел, тогаш ќе свети како светилка која ти дава светлина“.
37 Откако го кажа тоа, еден фарисеј го викна на гости. И Исус влезе во неговата куќа и седна на масата. 38 А фарисејот се зачуди кога виде дека Исус не си ги изми рацете според обредот пред да јаде. 39 Тогаш Господарот му рече: „Вие фарисеите ги чистите чашата и чинијата однадвор, а однатре сте полни со алчност и злоба. 40 Неразумни! Зарем оној што ја направи надворешноста, не ја направи и внатрешноста? 41 Затоа, кога им помагате на сиромашните,* тоа нека доаѓа однатре, па ќе бидете чисти во сѐ. 42 Но тешко вам, фарисеи, бидејќи давате десеттина од нане и седефче и од секоја билка од градината, а ја занемарувате правдата и љубовта кон Бог! Првото бевте должни да го правите, но и другото не смеевте да го занемарите. 43 Тешко вам, фарисеи, бидејќи сакате да седите на најдобрите* места во синагогите и луѓето да ве поздравуваат по пазарите!* 44 Тешко вам, бидејќи сте како необележани гробови врз кои луѓето одат, без да го знаат тоа!“
45 Тогаш еден човек, кој добро го познаваше Законот, му рече: „Учителе, со тие зборови нѐ навредуваш и нас“. 46 А тој одговори: „Тешко и вам, кои добро го познавате Законот, бидејќи им наметнувате на луѓето товари кои се тешки за носење, а самите не сакате ни со прст да мрднете за да им ги олесните!
47 Тешко вам, бидејќи вие им градите гробници на пророците, а вашите прататковци ги убија! 48 Навистина, вие добро знаете што правеа вашите прататковци, а сепак го одобрувате тоа. Тие ги убиваа пророците, а вие им градите гробници на тие пророци. 49 Токму затоа Бог, кој е мудар, рече: ’Ќе испратам пророци и апостоли кај нив, а тие ќе убијат некои од нив, а некои ќе ги прогонуваат. 50 Така ова поколение ќе биде виновно за крвта на сите пророци, која е пролеана од настанувањето на светот, 51 од крвта на Авел до крвта на Захарија, кој беше убиен помеѓу жртвеникот и храмот‘. Да, ви велам, ова поколение ќе биде виновно за нивната крв.
52 Тешко вам, кои добро го познавате Законот, бидејќи го зедовте клучот на знаењето! Самите не влеговте,* а ги спречувате и оние што би сакале да влезат!“
53 Кога Исус излезе оттаму, познавачите на Законот* и фарисеите жестоко му се нафрлија и почнаа да го опсипуваат со многу прашања, 54 чекајќи го да рече нешто за кое би можеле да го обвинат.