Лука
12 Во меѓувреме се собраа илјадници луѓе, толку многу што се газеа едни со други. А Исус најпрво им се обрати на своите ученици: „Чувајте се од квасецот на фарисеите, односно од нивното лицемерство. 2 Нема ништо скриено што нема да биде откриено, ниту тајно што нема да се дознае. 3 Според тоа, она што го кажувате во темнина ќе се чуе на светлина, и она што го шепотите во своите соби ќе се проповеда од покривите. 4 Пријатели мои, ви велам, не плашете се од оние што го убиваат телото, но не можат ништо повеќе да направат. 5 Ќе ви кажам од кого треба да се плашите: плашете се од оној што, откако ќе убие, има власт потполно да уништи.* Да, ви велам, од него плашете се! 6 Зарем не се продаваат пет врапчиња за две парички?* Сепак, Бог не заборава ниту едно од нив. 7 А вам и сите влакна на главата ви се изброени. Не плашете се, вие вредите повеќе од многу врапчиња.
8 Ви велам, секој што ќе застане на моја страна пред луѓето, и Синот човечки ќе застане на негова страна пред Божјите ангели. 9 Но, ако некој се одрече од мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Божјите ангели. 10 На секој што ќе каже нешто против Синот човечки ќе му биде простено, но на оној што хули на светиот дух нема да му биде простено. 11 Кога ќе ве изведат на јавно сослушување* и пред владетели и власти, немојте да се грижите како ќе се одбраните или што ќе кажете, 12 зашто во тој момент светиот дух ќе ве поучи што треба да кажете“.
13 Тогаш еден човек од мноштвото му рече: „Учителе, речи му на брат ми да го подели наследството со мене“. 14 А Исус му рече: „Човеку, кој ме поставил мене да судам или да делам меѓу вас?“ 15 Потоа им рече: „Бидете претпазливи и чувајте се од секаква лакомост, бидејќи, дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не зависи од она што го има“. 16 Тогаш им раскажа една споредба: „Земјата на еден богат човек даде добар род. 17 Затоа почна да си размислува: ’Што да направам? Немам каде да го соберам родот од моите ниви‘. 18 Па рече: ’Вака ќе направам: ќе ги урнам своите складишта и ќе изградам поголеми, па таму ќе го соберам сето свое жито и сите други добри работи. 19 И ќе си речам: „Имаш насобрано многу добри работи за многу години. Одмарај, јади, пиј и уживај!“‘ 20 Но Бог му рече: ’Безумнику, ноќеска ќе умреш.* Тогаш, кој ќе го има она што си го собрал?‘ 21 Тоа се случува со оној што собира богатство за себе, а не е богат во Божји очи“.
22 Тогаш им рече на своите ученици: „Затоа ви велам: повеќе не бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете, или за своето тело, што ќе облечете. 23 Зашто, животот вреди повеќе од храната и телото вреди повеќе од облеката. 24 Видете ги гавраните! Тие ниту сеат ниту жнеат, немаат ни складишта ни амбари, а сепак Бог ги храни. Зарем вие не вредите многу повеќе од птиците? 25 Кој од вас може со тоа што ќе биде загрижен да си го продолжи животот макар малку?* 26 Значи, ако не можете дури ни тоа да го направите, зошто тогаш сте загрижени за останатото? 27 Погледнете ги цвеќињата* како растат! Ниту се мачат ниту предат, но ви велам дека дури ни Соломон, во сиот свој раскош, не беше облечен како едно од нив. 28 А, ако Бог така ги облекува растенијата во полето, кои денес ги има, а утре се фрлаат во печка, колку повеќе ќе се погрижи вие да имате облека! Толку ли ви е слаба верата? 29 Затоа, повеќе не оптоварувајте се со тоа што ќе јадете и што ќе пиете, и не бидете претерано загрижени. 30 Зашто, со сите овие работи се преокупирани луѓето од светот. А вашиот Татко знае дека тие работи ви се потребни. 31 Наместо тоа, секогаш ставајте го неговото Царство на прво место во животот, и тој ќе ви ги даде сите тие работи.
32 Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот Татко сака да ви го даде Царството. 33 Продајте го она што го имате и помагајте им на оние кои имаат потреба.* Направете си ќесиња за пари кои нема да се излитат — неисцрпно богатство на небесата, каде што крадец не може да се приближи ниту молец да го уништи. 34 Зашто, каде ви е богатството, таму ќе ви биде и срцето.
35 Бидете подготвени* и светилките нека ви бидат запалени. 36 И бидете како робови што го чекаат својот господар да се врати од свадба за да му отворат веднаш штом ќе стигне и ќе чукне. 37 Среќни се оние робови кои господарот, кога ќе си дојде, ќе ги најде како бдеат! Вистина ви велам, тој ќе си стави престилка, ќе ги смести на масата и ќе ги послужува. 38 Дури и ако дојде доцна навечер* или после полноќ* и ги најде подготвени, среќни се! 39 Но знајте го ова: кога би знаел во кое време* ќе дојде крадецот, домаќинот не би дозволил да му провали во куќата. 40 Така и вие бидете подготвени, бидејќи Синот човечки ќе дојде тогаш* кога не го очекувате!“
41 Тогаш Петар праша: „Господару, само за нас ли е оваа споредба или за сите?“ 42 А Господарот одговори: „Кој е, всушност, верниот и разборит* управител кого неговиот господар ќе го постави над своите слуги за да им ја дава потребната храна во вистинско време? 43 Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! 44 Вистина ви велам, ќе го постави над целиот свој имот. 45 Но, ако тој роб си рече: ’Мојот господар доцни‘, па почне да ги тепа слугите и слугинките, да јаде, да пие и да се опива, 46 господарот на тој роб ќе дојде во ден кога не очекува и во час во кој не ни помислува, и ќе го казни најстрого и ќе му одреди место кај неверните. 47 Тогаш тој роб кој разбрал што бара неговиот господар од него, но не се подготвил и не го направил она што го побарал господарот, ќе добие многу удари. 48 А тој што не разбрал што бара неговиот господар од него, па направил нешто што заслужува удари, ќе добие малку удари. Кому многу му е дадено, многу ќе се бара од него. Кому многу му е доверено, од него ќе се бара уште повеќе.
49 Јас дојдов да запалам оган на земјата, и што уште да посакам кога веќе е запален? 50 Но ме чека едно крштавање со кое треба да се крстам и, додека тоа не се заврши, ќе ми биде многу тешко! 51 Мислите ли дека дојдов за да донесам мир на земјата? Ви велам, не дојдов да донесам мир, туку поделби. 52 Зашто, отсега петмина во една куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца. 53 Таткото ќе биде против синот и синот против таткото, мајката против ќерката и ќерката против мајката, свекрвата против снаата и снаата против свекрвата“.
54 Потоа му рече на мноштвото: „Кога ќе видите дека на запад се крева облак, веднаш велите: ’Ќе има бура‘. И тоа и се случува. 55 А кога ќе видите дека дува јужен ветар, велите: ’Ќе биде многу жешко‘. И тоа и се случува. 56 Лицемери, кога ги гледате земјата и небото, знаете да кажете какво ќе биде времето. Тогаш, како не можете да распознаете во какво време живеете? 57 Зошто не разбирате што треба да правите? 58 На пример, кога со оној што те тужи одиш кај некој службеник, гледај уште по патот да го решиш несогласувањето со него, за да не те одведе пред судијата, па судијата да те предаде на стражарот, а стражарот да те фрли во затвор. 59 Ти велам, нема да излезеш оттаму додека не ја исплатиш и последната паричка“.*