Гледиште на Библијата
Ти имаш вредност во Божјите очи!
„ПОГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД МОЈОТ ЖИВОТ МЕ ИЗМАЧУВААТ ЧУВСТВА НА БЕЗВРЕДНОСТ“, НАПИШАЛА ЕДНА ХРИСТИЈАНКА. „БЕЗ ОГЛЕД НА ТОА КОЛКУ ГО САКАМ ЈЕХОВА ИЛИ КОЛКАВИ НАПОРИ ВЛОЖУВАМ ЗА ДА МУ СЛУЖАМ, СЕКОГАШ МИСЛАМ ДЕКА ТОА НЕ Е ДОВОЛНО.“
ПОЗНАВАШ ли некого кој се бори со длабоки чувства на недостаточност или безвредност? Или, пак, дали понекогаш ти лично имаш вакви чувства? Таквите чувства не се невообичаени, па дури и меѓу верните обожаватели на Бог. Никој не е имун на последиците од тоа што живееме во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘. Многумина биле запоставени и злоупотребени од поединци кои се „без самосовладување, жестоки, без љубов кон добротата“ — особини кои преовладуваат во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1—5, NW). Таквите болни искуства можат да остават длабоки емоционални лузни, предизвикувајќи чувства на потполна безвредност.
Во други случаи, негативните чувства можат да бидат резултат на тоа што луѓето си поставуваат превисоки мерила. Неспособноста да се достигнат тие мерила го засилува чувството дека тие едноставно никогаш не се доволно добри. Која и да е причината, на оние што се борат со чувства на безвредност можеби им е тешко да увидат зошто Бог — или некој друг — ги сака. Всушност, можеби дури и веруваат дека едноставно не се достојни за љубов.
Но, Јехова не мисли така! Во својата Реч, Тој нѐ предупредува да се пазиме од „измамничките тактики“ на неговиот Непријател, Сатана Ѓаволот (Ефесјаните 6:11, Jewish New Testament). Сатана ги користи своите измамнички тактики да се обиде да нѐ натера да престанеме да го обожаваме нашиот Бог. За таа цел, Сатана го потхранува кај нас чувството дека сме безвредни, дека Јехова никогаш не би можел да нѐ смета достојни за љубов. Но, Сатана е „лажец“ — всушност, „татко на лагата“ (Јован 8:44). Затоа, не смееме да бидеме заведени од неговите измамнички тактики! Во Библијата Јехова зборува самиот за себе, уверувајќи нѐ дека сме вредни во негови очи.
Урамнотежено гледиште за нашата вредност
Библијата предупредува на негативното влијание што обесхрабрувањето може да го има врз нас. Изреки 24:10 (NW) наведува: „Дали си се покажал обесхрабрен во денот на неволјата? Твојата сила ќе биде оскудна“. Долготрајните негативни чувства можат да ни ја одземат силата, предизвикувајќи да се чувствуваме слаби и ранливи. Биди сигурен дека Сатана добро го знае тоа. Доволно тешко е ако нашето срце веќе е измачувано од чувства на безвредност. Меѓутоа, кога Сатана ќе се обиде да ги искористи таквите чувства, тоа уште повеќе ја отежнува ситуацијата.
Затоа, важно е да имаме едно здраво, урамнотежено гледиште за нашата вредност. „На секого од вас му кажувам“, поттикнал апостол Павле, „да не мисли повеќе, отколку што треба да мисли; туку мислете скромно [како што е по здравиот разум, NW]“ (Римјаните 12:3). Еден друг превод ги преведува овие зборови вака: „На секого од вас би му рекол да не се проценува себеси над својата вистинска вредност, туку да направи трезвена проценка за себе“ (Charles B. Williams). Значи, Писмото нѐ охрабрува да имаме урамнотежено гледиште за себеси. Од една страна, мора да се чуваме од арогантност; од друга страна, пак, не треба да се обидуваме да одиме во друга крајност, бидејќи Павле покажува дека, за да имаме здрав разум, неопходно е да мислиме нешто за себеси. Да, под божествена инспирација Павле покажува дека секој од нас има вредност во Јеховините очи.
Урамнотеженото чувство за лична вредност се гледа и од зборовите на Исус: „Возљуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). Зборовите „како себеси“ покажуваат дека мора да имаме некакво чувство на лична вредност, односно самопочит. Точно е дека имаме маани и правиме грешки. Но, кога се трудиме да му угодиме на Бог, кога ни е жал за нашите слабости и кога бараме да ни прости, сѐ уште може да имаме извесна мера на лична вредност. Нашите критички настроени срца можеби инсистираат поинаку, но запомни, ‚Бог е поголем од нашите срца‘ (1. Јованово 3:20). Со други зборови, Јехова нѐ гледа на начин кој можеби е сосема поинаков од начинот на кој ние се гледаме себеси.
Скршено срце, здробен дух
Псалмистот Давид напишал: „Јехова е близу до оние кои се скршени во срцето; а ги спасува оние кои се здробени во духот“ (Псалм 34:18, NW). Коментирајќи за овој стих, Matthew Henry’s Commentary on the Whole Bible (Коментар кон целата Библија на Метју Хенри) забележува: „Поради својот карактер, праведните . . . се со скршено срце и жалосен дух, односно понижени заради гревот и лишени од своето „јас“; тие се спуштени во сопствените очи и не се уверени во сопствената вредност“.
Оние кои се „скршени во срцето“ или „здробени во духот“ можеби мислат дека Јехова е далеку и дека се премногу безначајни за Тој да се грижи за нив. Но, не е така. Давидовите зборови нѐ уверуваат дека Јехова не ги напушта оние кои се „спуштени во сопствените очи“. Нашиот сочувствителен Бог знае дека во тие мигови тој ни е попотребен од кога и да е, и тој е близу.
Разгледај еден пример. Пред неколку години, една мајка го довела своето двегодишно синче во болница затоа што имало сериозни проблеми со грлото. Откако го прегледале момчето, лекарите ѝ рекле на мајката дека ќе мора да го задржат в болница во текот на ноќта. Каде ја поминала мајката таа ноќ? На една столица во болничката соба, до креветот на синчето. Нејзиното детенце било болно и таа едноставно морала да биде покрај него. Сигурно дека можеме да очекуваме уште повеќе од нашиот небесен Татко кој е полн со љубов, по чија слика сме создадени ние! (1. Мојсеева 1:26; Исаија 49:15). Трогателните зборови од Псалм 34:18 (NW) нѐ уверуваат дека, кога сме „скршени во срцето“, тогаш Јехова, како еден родител кој е полн со љубов, „е близу“ — секогаш буден, внимателен и спремен да помогне (Псалм 146:1, 3).
„Вие сте поскапи од многу врапчиња“
Додека траела Исусовата земна служба, тој открил многу за Јеховините мисли и чувства, вклучувајќи го и она што Јехова го мисли за Своите слуги на земјата. Исус повеќепати ги уверувал своите ученици дека имаат вредност во Јеховините очи (Матеј 6:26; 12:12).
На пример, илустрирајќи ја поединечната вредност на секој од учениците, Исус рекол: „Не се продаваат ли две врапчиња за еден асариј? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на Вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња“ (Матеј 10:29—31). Да разгледаме што мора да значеле тие зборови за Исусовите слушатели од првиот век.
Очигледно, врапчињата спаѓаат во најефтините од сите птици што служат за храна. Овие мали птички обично ги кубеле, ги набодувале на дрвени стапчиња и ги печеле како ражни. Несомнено Исус ги гледал сиромашните жени на пазарот како ги бројат своите парички за да видат колку врапчиња можат да си купат. Тие птици вределе толку малку, што за една паричка од мала вредност (дословно, еден асариј, кој вреди помалку од пет центи) можеле да се купат две врапчиња.
Исус повторно ја навел оваа илустрација нешто подоцна — но со една мала разлика. Според Лука 12:6, Исус рекол: „Зар не се продаваат пет врапчиња за два асарија?“ (Лука 12:6). Размисли за ова. За една паричка од мала вредност, купувачот добивал две врапчиња. Но, ако бил спремен да потроши две парички, тој не добивал четири врапчиња туку пет. Петтата птица била додадена во продажбата како да немала никаква вредност. Исус рекол: „И ниедно од нив [дури ниту она што е додадено во продажбата] не е заборавено од Бога“. Објаснувајќи ја примената на оваа илустрација, Исус заклучил: „Од многу врапчиња вие сте поскапи“ (Лука 12:7). Колку само овие зборови мора да ги охрабриле неговите слушатели!
Дали ја сфаќаш смислата на Исусовата сочувствителна илустрација? Ако Јехова ги смета за вредни дури и малите птички, колку повеќе мора да му се драги неговите земни слуги! Со Јехова, никој од нас не е изгубен во мноштвото. Секој од нас има толкава вредност во очите на Јехова што тој го забележува дури и најмалиот детаљ за нас — секое влакно на главата ни е избројано.
Се разбира, Сатана ќе продолжи да ги користи своите ‚измамнички тактики‘ — како што е искористувањето на чувствата на безвредност — за да нѐ натера да престанеме да му служиме на Јехова. Но, не допуштај му на Сатана да победи! Сети се на христијанката што беше спомната на почетокот. Нејзе ѝ помогнала една статија во списанието Стражарска кула, која предупредувала на Сатановите обиди да ги искористи нашите чувства.a Таа вели: „Не сфаќав дека Сатана се обидува да ги искористи моите чувства за да ме обесхрабри. Ова сознание ми дава мотивација да се борам со ваквите чувства. Сега можам смело да се соочам со овие сатански напади, со високо крената глава“.
Јехова „знае сѐ“ (1. Јованово 3:20). Да, тој знае низ што минуваме сега. Исто така знае што сме доживеале во минатото што можеби ја скршило нашата самопочит. Запомни, Јеховиното гледиште за нас е тоа што вреди! Без оглед на тоа колку можеби мислиме дека сме незаслужни за љубов или безвредни, Јехова нѐ уверува дека секој од неговите слуги има вредност во неговите очи. Можеме да му веруваме на Јехова бидејќи, за разлика од неговиот Непријател, Бог „не лаже“ (Тит 1:2).
[Фуснота]
a Види ја статијата „Во Божји очи ти си драгоцен!“ во изданието на Стражарска кула од 1 април 1995, страници 10—15.
[Истакната мисла на страница 12]
Како еден родител полн со љубов, Јехова е близу до оние кои се тажни во срцето
[Слики на страница 13]
Ако Јехова не го заборава врапчето, како може да те заборави тебе?
[Извори на слики]
Lydekker
Illustrated Natural History