Неемија
9 На 24-тиот ден од седмиот месец, Израелците се собраа и постеа во облека за жалење* и со прав на главите. 2 Тогаш оние што беа со израелско потекло се одвоија од сите туѓинци. Стоеја и ги признаваа своите гревови и престапите на своите татковци. 3 Додека стоеја на своите места, три часа* читаа на глас од книгата на Законот на својот Бог, Јехова. А потоа три часа ги признаваа своите гревови и му се поклонуваа на Јехова, својот Бог.
4 Исус, Вани, Кадмиел, Севанија, Вуниј, Серевија, Вани и Хананиј се качија на бината која беше подигната за левитите и повикаа со силен глас кон својот Бог, Јехова. 5 Тогаш левитите Исус, Кадмиел, Вани, Асавниј, Серевија, Одија, Севанија и Фетахија рекоа: „Станете и фалете го Јехова, својот Бог, во сета вечност!* Нека се слави твоето величествено име, Боже, кое е достојно за секоја фалба и чест!
6 Ти си единствен, Јехова! Ти ги создаде небесата, небото над небесата и сѐ што е на нив,* земјата и сѐ што е на неа, морињата и сѐ што е во нив. Ти ги одржуваш во живот, и сѐ што е на небесата* ти се поклонува тебе. 7 Ти си, Јехова, вистинскиот Бог, кој го избра Аврам, го изведе од халдејскиот град Ур и му го даде името Авраам. 8 Виде дека ти е верен од срце, и затоа склучи сојуз со него за да им ја дадеш нему и на неговото потомство земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евусејците и Гергесејците. Ти ги исполни своите ветувања бидејќи си праведен.
9 Ја виде неволјата на нашите прататковци во Египет и го слушна нивниот повик за помош кај Црвеното Море. 10 Тогаш направи знаци и чуда за да ги казниш фараонот, сите негови слуги и целиот народ од неговата земја, бидејќи знаеше дека постапуваа дрско со нашите прататковци. Го прослави своето име и тоа е славно до ден-денес. 11 Го раздели морето пред нив, и тие поминаа по суво сред море, а оние што ги гонеа ги фрли во длабочините како камен во разбранувани води. 12 Дење ги водеше со столб од облак, а ноќе со столб од оган за да им го осветлуваш патот по кој требаше да одат. 13 Потоа слезе на гората Синај и им зборуваше од небото. Им даде праведни прописи, закони кои се темелат на вистината, и корисни одредби и заповеди. 14 Ги поучи да го држат твојот свет сабат,* и им даде заповеди, одредби и закони преку својот слуга Мојсеј. 15 Им даваше леб од небото кога беа гладни, им извади вода од карпата кога беа жедни и им рече да одат и да ја заземат земјата за која се заколна* дека ќе им ја дадеш.
16 Но, нашите прататковци постапуваа дрско, станаа тврдоглави* и не ги слушаа твоите заповеди. 17 Не сакаа да слушаат и ги заборавија големите чуда што ги направи за нив. Беа тврдоглави и си поставија водач за да се вратат во ропство во Египет. Но, ти си Бог кој спремно простува, кој е сочувствителен* и милостив, стрплив* и полн со верна љубов. Затоа не ги остави. 18 Дури и кога си направија леано теле и велеа: ’Ова е нашиот Бог кој нѐ изведе од Египет‘, и кога покажаа голем презир кон тебе со своите постапки, 19 дури и тогаш, поради својата голема милост, ти не ги напушти во пустината. Столбот од облак не престана да ги води по патот дење и столбот од оган не престана да им го осветлува ноќе патот по кој требаше да одат. 20 Им го даде својот дух* за да бидат мудри, не престана да ги храниш со мана и им даваше вода кога беа жедни. 21 Цели 40 години ги хранеше во пустината, и ништо не им недостасуваше. Облеката не им се излити и нозете не им отекуваа.
22 Им даде царства и народи, чија земја им ја раздели дел по дел, така што ја зазедоа земјата на Сихон, царот на Есевон, и земјата на Ог, царот на Васан. 23 Ги намножи нивните деца како ѕвездите на небото. Потоа ги доведе во земјата за која им вети на нивните прататковци дека ќе влезат во неа и ќе ја заземат. 24 Така, тие влегоа и ја зазедоа, а ти ги покори пред нив Ханаанците кои живееја таму. Им ги предаде в раце царевите и народите од таа земја за да прават со нив што сакаат. 25 Освоија утврдени градови и плодна земја, и зазедоа куќи полни со секакви добра, ископани бунари, лозја, маслинарници и многу овоштарници. Па јадеа, се наситија и се здебелија, и уживаа во твојата голема добрина.
26 И покрај сѐ, тие станаа непослушни, се побунија против тебе и му свртеа грб на твојот Закон. Ги убиваа твоите пророци, кои ги опоменуваа да ти се вратат, и покажуваа голем презир кон тебе со своите постапки. 27 Затоа ги предаваше во рацете на нивните противници, кои постојано им нанесуваа неволји. А кога ќе се најдеа во неволја, тие те повикуваа и ти ги слушаше од небото. Поради својата голема милост им праќаше спасители кои ги избавуваа од противниците.
28 Но, штом ќе почувствуваа олеснување, пак го правеа она што е зло во твои очи, а ти ги предаваше на непријателите кои ги угнетуваа. Тогаш се свртуваа кон тебе и те повикуваа за помош, а ти ги слушаше од небото и секогаш одново ги избавуваше поради својата голема милост. 29 Иако ги опоменуваше да му се вратат на твојот Закон, тие постапуваа дрско и не сакаа да ги слушаат твоите заповеди. Грешеа со тоа што ги прекршуваа твоите закони, кои значат живот за оние што ги држат. Беа тврдоглави, упорно ти вртеа грб и не сакаа да те слушаат. 30 Ти со години беше стрплив кон нив и со својот дух ги поттикнуваше пророците да ги опоменуваат, но тие не сакаа да слушаат. На крајот, ги предаде во рацете на другите народи. 31 Сепак, во својата голема милост не ги истреби и не ги напушти, бидејќи си сочувствителен и милостив Бог.
32 А сега, Боже наш, Боже величествен и моќен, ти кој влеваш стравопочит, не отстапуваш од својот сојуз и покажуваш верна љубов, не заборавај ги сите неволји што нѐ снаоѓаа нас, нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и пророци, нашите прататковци и сиот твој народ уште од времето на асирските цареви па сѐ до денес. 33 Ти постапи праведно во сѐ што нѐ снајде, зашто ти постапуваше верно, а ние правевме зло. 34 Нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и нашите прататковци не го држеа твојот Закон и не обрнуваа внимание ниту на твоите заповеди ниту на опомените* што им ги даваше. 35 Дури и кога имаа свои цареви и уживаа во изобилството добри работи што им ги даде, во пространата и плодна земја што им ја подари, тие не ти служеа и продолжија да постапуваат неисправно. 36 Затоа денес сме робови — робови сме во земјата која им ја даде на нашите прататковци за да се насладуваат на нејзините плодови и на нејзините добра. 37 Бидејќи ти грешевме, сега нејзиниот обилен род го земаат туѓите цареви што ги постави над нас. Тие владеат над нас* и над нашата стока како што сакаат, а ние сме во голема неволја.
38 Поради сето ова, склучуваме писмен договор и го заверуваме со печатот на нашите кнезови, левити и свештеници“.