Ерусалим доследен на своето име
„Ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам Ерусалим [да биде причина, NW] за веселба“ (ИСАИЈА 65:18).
1. Што мислел Ездра за Божјиот избран град?
КАКО трудољубив проучувач на Божјата Реч, еврејскиот свештеник Ездра длабоко ја ценел врската што некогаш постоела меѓу Ерусалим и Јеховиното чисто обожавање (5. Мојсеева 12:5; 1. Ездра 7:27). Неговата љубов кон Божјиот град е откриена во делот од Библијата што тој бил инспириран да го напише — Прва и Втора Летописи и Ездра. Од вкупно над 800 пати, колку што се појавува името Ерусалим во целата Библија, во овие историски записи се наоѓа речиси една четвртина од тој број.
2. Кое пророчко значење можеме да го видиме во смислата на името Ерусалим?
2 На библискиот хебрејски јазик, зборот „Ерусалим“ може да се сфати во еден облик на хебрејскиот јазик кој е наречен двоина. Двоината најчесто се користи за работи кои одат во парови, како на пример, очи, уши, раце и нозе. Во овој двоен облик, името Ерусалим може да се смета како пророчко за мирот кој ќе го доживува Божјиот народ во двострука смисла — духовна и физичка. Писмото не открива дали Ездра во целост го разбрал тоа. Но, како свештеник, тој го сторил најдоброто што можел за да им помогне на Евреите да уживаат мир со Бог. И сигурно дека напорно работел на тоа Ерусалим да биде верен на значењето на неговото име, т. е. „Посед [или основа] за двострук мир“ (1. Ездра 7:6).
3. Колку години поминале пред повторно да се запознаеме со активностите на Ездра, и во какви околности го наоѓаме?
3 Библијата не наведува каде бил Ездра за време на 12-те години кои изминале меѓу неговата посета на Ерусалим и пристигнувањето на Неемија во градот. Слабата духовна состојба на нацијата во тоа време укажува дека Ездра бил отсутен. Сепак, увидуваме дека Ездра повторно служел како верен свештеник во Ерусалим баш откако повторно бил изграден градскиот ѕид.
Прекрасен ден на собир
4. Што било значајно за првиот ден од израелскиот седми месец?
4 Ѕидот на Ерусалим бил завршен токму на време за важниот празничен месец тишри — седмиот месец од израелскиот верски календар. На првиот ден од тишри имало посебна свеченост на младата месечина, наречена Празник на трубни знаци. На тој ден, свештениците дувале во труби додека му се принесувале жртви на Јехова (4. Мојсеева 10:10; 29:1). Тој ден ги подготвувал Израелците за годишниот Ден на искупување на 10 тишри и за радосниот Празник на собирање од 15 до 21 истиот месец.
5. а) Како Ездра и Неемија добро го искористиле „првиот ден на седмиот месец“? б) Зошто плачеле Израелците?
5 „Првиот ден на седмиот месец“, веројатно охрабрен од Неемија и Ездра, се собрал „сиот народ“. Тука спаѓале мажи, жени и ‚сите што можеле да разберат‘. На тој начин, и мали деца присуствувале и внимавале додека Ездра стоел на еден подиум и го читал Законот „од осамнување до пладне“ (Неемија 8:1—4). Во редовни интервали, Левитите им помагале на луѓето да го разберат она што се читало. Тоа до солзи ги трогнало Израелците бидејќи увидувале колку многу тие и нивните прататковци потфрлиле во послушноста кон Божјиот закон (Неемија 8:5—9).
6, 7. Што можат да научат христијаните од тоа што го сторил Неемија за да го прекине плачењето на Евреите?
6 Но, ова не било време за жално плачење. Било празник, а луѓето штотуку ја довршиле работата — повторното градење на ерусалимскиот ѕид. Затоа Неемија им помогнал да дојдат во исправна душевна состојба, велејќи: „Одете, јадете . . . мрсно и пијте слатко, и испратете им делови на оние, што немаат приготвено, зашто овој ден е свет пред нашиот Господ. Не тажете, зашто радоста пред Господа е поткрепа за вас“. Послушно ‚пошол сиот народ да јаде и да пие и да испраќа делови и да празнува со голема радост, зашто ги разбрал зборовите, што им ги кажал‘ (Неемија 8:10—12).
7 Божјиот народ денес може многу да научи од овој извештај. Оние кои се привилегирани да имаат точки на состаноците и собирите треба да го задржат на ум гореспоменатото. И покрај давањето совет за исправање, што понекогаш е потребно, таквите прилики ги истакнуваат користите и благословите кои произлегуваат од задоволувањето на Божјите барања. Се дава пофалба за добрите дела кои ги извршува, а се обезбедува охрабрување за да истрае. Божјиот народ треба да си замине од таквите собири со радост во срцето поради изградувачкото упатство што го добил од Божјата Реч (Евреите 10:24, 25).
Друг радосен собир
8, 9. Каков посебен состанок се одржал вториот ден од седмиот месец, и каков бил резултатот од тоа за Божјиот народ?
8 Вториот ден од тој посебен месец ‚се собрале старешините на родовите од сиот народ, свештениците и левитите при книжникот Ездра, за да им ги објасни зборовите на Законот‘ (Неемија 8:13). Ездра бил добро квалификуван да го води тој состанок, бидејќи ‚го имал управено срцето свое да го изучува законот Господов и да го извршува и да го учи Израилот во законите и уредбите‘ (1. Ездра 7:10). Несомнено, тој состанок истакнал на кои подрачја Божјиот народ требало уште потемелно да се приспособи кон заветот на Законот. Од моментален интерес била потребата да се направат прикладни подготовки за да се прослави претстојниот Празник сеници.
9 Овој празник што траел една седмица се одржал на исправен начин, при што сите луѓе престојувале во привремени засолништа кои ги направиле од гранки и листови на различни дрвја. Луѓето ги подигале овие сеници на своите рамни покриви, во своите дворови, во храмските дворови и на јавните плоштади во Ерусалим (Неемија 8:15, 16). Колку само убава прилика било тоа да се соберат луѓето и да им се чита од Божјиот закон! (Спореди 5. Мојсеева 31:10—13.) Тоа се правело секој ден, „од првиот до последниот ден“ на празникот, кое водело до ‚многу голема радост‘ за Божјиот народ (Неемија 8:17, 18).
Не треба да го занемаруваме Божјиот дом
10. Зошто на 24 ден од седмиот месец бил договорен посебен собир?
10 Постои прикладно време и место за да се исправат сериозните недостатоци меѓу Божјиот народ. Изгледа сфаќајќи дека тоа било такво време, Ездра и Неемија договориле 24 од месецот тишри да биде ден за постење. Повторно се читал Божјиот Закон и народот ги исповедал своите гревови. Потоа, Левитите ги разгледале Божјите милосрдни постапки со својот своеглав народ, дале убави изрази на фалба на Јехова и направиле „цврст завет [веродостојна спогодба, NW]“ која ја потврдиле со печатот на своите кнезови, Левитите и свештениците (Неемија 9:1—38).
11. На која „веродостојна спогодба“ се обврзале Евреите?
11 Луѓето, во целина, дале заклетва дека ќе ја извршуваат писмената „веродостојна спогодба“. Тие ќе ‚постапувале по Божјиот закон‘. Исто така, се сложиле да не стапуваат во брачни заедници со „туѓите народи“ (Неемија 10:28—30). Освен тоа, Евреите се обврзале да го држат Сабатот, да даваат годишен финансиски прилог за поддршка на вистинското обожавање, да обезбедуваат дрва за жртвениот олтар, да ги даваат првородените од своите стада за жртви и да ги донесат првите плодови од своите имоти во трпезариските простории на храмот. Јасно, тие биле одлучни да ‚не го оставаат [занемаруваат, NW] домот на својот Бог‘ (Неемија 10:32—39).
12. Што е вклучено во тоа да не се занемарува Божјиот дом денес?
12 Денес Јеховиниот народ мора да внимава да не ја занемарува својата предност ‚да му принесува света служба‘ (NW) на Бог во дворовите на неговиот голем духовен храм (Откровение 7:15). Тоа вклучува редовни искрени молитви за напредок на Јеховиното обожавање. Живеењето во склад со таквите молитви бара подготовка за христијанските состаноци и удел во нив, учество во подготовките за проповедање на добрата вест и помагање на заинтересираните лица преку навраќање и, доколку е можно, водење библиски студии со нив. Многумина кои не сакаат да го занемаруваат Божјиот дом, даваат финансиски прилози за проповедничкото дело и за одржувањето на местата за вистинско обожавање. Исто така, можеме да ја дадеме нашата поддршка и за изградба на итно потребните места за состанување, како и за нивното одржување во чиста и уредна состојба. Еден важен начин да се покаже љубов кон Божјиот духовен дом е да се унапредува мирот меѓу соверниците и да им се помага на сите кои имаат потреба од материјална или духовна помош (Матеј 24:14; 28:19, 20; Евреите 13:15, 16).
Радосно свечено отворање
13. Која итна работа барала внимание пред да може свечено да се отвори ерусалимскиот ѕид, и каков убав пример дале многумина?
13 ,Веродостојната спогодба‘ запечатена во времето на Неемија го подготвила Божјиот древен народ за денот на свечено отворање на ерусалимскиот ѕид. Но, сепак требало да се обрне внимание на една друга итна работа. Сега, кога бил опкружен со еден огромен ѕид со 12 порти, на Ерусалим му било потребно поголемо население. Иако таму живееле некои Израелци, сепак ‚градот бил широк и голем, а народ во него имало малку‘ (Неемија 7:4). Со цел да се реши овој проблем, народот ‚фрлил ждрепка за да го доведат секој десетти да живее во Ерусалим, светиот град‘ (NW). Спремниот одѕив на оваа подготовка ги поттикнал луѓето да ги благословуваат ‚сите, кои доброволно се согласиле да живеат во Ерусалим‘ (Неемија 11:1, 2). Колку само убав пример за денешните вистински обожаватели чии околности им дозволуваат да се преселат онаму каде што постои поголема потреба од помош на зрели христијани!
14. Што се случило на денот на свеченото отворање на ерусалимскиот ѕид?
14 Набрзо започнале важните подготовки за големиот ден на свечено отворање на ерусалимскиот ѕид. Биле собрани музичари и пеачи од градовите околу Јуда. Тие биле распоредени во два големи благодарствени хора од кои секој требало да биде следен со поворка (Неемија 12:27—31, 36, 38). Хоровите и поворките започнувале од една точка на ѕидот која била најоддалечена од храмот, веројатно од Долинските порти, и марширале во спротивни правци сѐ додека не се сретнеле кај Божјиот дом. „Во тој ден се принесоа големи жртви и се веселеа, зашто Бог им беше дал голема радост. Се радуваа и жените, и децата, и веселбата ерусалимска се слушаше надалеку“ (Неемија 12:43).
15. Зошто свеченото отворање на ерусалимскиот ѕид не било причина за трајна радост?
15 Библијата не го наведува датумот на оваа радосна прослава. Несомнено, тоа било врвен настан, ако не и кулминација на обновувањето на Ерусалим. Се разбира, внатре во градот требало да се изврши голема градежна работа. Со текот на времето, граѓаните на Ерусалим ја изгубиле својата добра духовна положба. На пример, кога Неемија го посетил градот по вторпат, открил дека Божјиот дом повторно бил занемарен и дека Израелците повторно се женеле со паганки (Неемија 13:6—11, 15, 23). За истата лоша состојба потврдуваат записите на пророкот Малахија (Малахија 1:6—8; 2:11; 3:8). Затоа, свеченото отворање на ерусалимскиот ѕид не било причина за трајна радост.
Причина за вечна радост
16. Кои врвни настани со нетрпение ги очекува Божјиот народ?
16 Денес Јеховиниот народ копнее по времето кога Бог ќе триумфира над сите свои непријатели. Тоа ќе започне со уништувањето на ‚Големиот Вавилон‘ — фигуративен град кој ги опфаќа сите облици на лажна религија (Откровение 18:2, 8). Уништувањето на лажната религија ќе ја означи првата фаза од претстојната голема неволја (Матеј 24:21, 22). Исто така, пред нас лежи еден навистина важен настан — небесната венчавка на Господ Исус Христос со неговата невеста од 144.000 граѓани на ‚новиот Ерусалим‘ (Откровение 19:7; 21:2). Ние не можеме точно да кажеме кога ќе биде комплетирано тоа врвно обединување, но тоа сигурно ќе биде радосен настан. (Види Стражарска кула од 15 август 1990, страници 30, 31 [англ.].)
17. Што знаеме за комплетирањето на Новиот Ерусалим?
17 Сепак, знаеме дека комплетирањето на Новиот Ерусалим е многу близу (Матеј 24:3, 7—14; Откровение 12:12). За разлика од земниот град Ерусалим, тој никогаш нема да биде причина за разочарување. Тоа е така бидејќи сите негови граѓани се духовно помазани, испитани и облагородени следбеници на Исус Христос. Со нивната верност до смрт, секој од нив ќе се покаже како вечно лојален на Универзалниот Суверен, Јехова Бог. Тоа има важно значење за останатиот дел од човештвото — живиот и мртвиот!
18. Зошто треба да ‚се веселиме и да се радуваме довека‘?
18 Разгледај што ќе се случи кога Новиот Ерусалим ќе го сврти своето внимание кон луѓето кои практикуваат вера во Исусовата откупна жртва. Апостол Јован напишал: „Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:2—4). Освен тоа, Бог ќе го употреби ова уредување, кое е како град, за да го издигне човештвото до човечко совршенство (Откровение 22:1, 2). Колку само прекрасни причини се тоа за да ‚се веселиме и да се радуваме довека за она што Бог го создава‘! (Исаија 65:18).
19. Што е духовниот рај во кој се собираат христијаните?
19 Меѓутоа, луѓето кои се каат не мора да чекаат дотогаш за да добијат помош од Бог. Во 1919 година Јехова почнал да ги собира последните членови од 144.000-те во еден духовен рај, во кој изобилуваат плодовите на Божјиот дух, како што се љубовта, радоста и мирот (Галатјаните 5:22, 23). Истакнато обележје на овој духовен рај е верата на неговите помазани жители кои на прекрасен начин се продуктивни во предводењето на проповедањето на добрата вест за Божјето Царство по сета населена Земја (Матеј 21:43; 24:14). Како резултат на тоа, на речиси шест милиони „други овци“ кои имаат земна надеж им е дозволено да влезат во духовниот рај и да уживаат во продуктивното дело (Јован 10:16). Тие се квалификувани за тоа така што му се предале на Јехова Бог на темел на својата вера во откупната жртва на неговиот Син, Исус Христос. Нивното дружење со потенцијалните членови на Новиот Ерусалим навистина се покажало како благослов. На тој начин, преку своите постапки со помазаните христијани, Јехова положил цврст темел за една „нова земја“ — друштво од богобојазливи луѓе кои ќе го наследат земното подрачје на небесното Царство (Исаија 65:17; 2. Петрово 3:13).
20. Како новиот Ерусалим ќе биде верен на значењето на своето име?
20 Мирољубивите околности кои сега ги ужива Јеховиниот народ во својот духовен рај наскоро ќе се доживеат во физичкиот рај на Земјата. Тоа ќе се случи кога Новиот Ерусалим ќе се спушти од небото за да го благослови човештвото. Божјиот народ на двострук начин ќе ги ужива мирољубивите околности кои се ветени во Исаија 65:21—25. Како Јеховини обединети обожаватели во духовниот рај, помазаниците допрва треба да го заземат своето место во небесниот Нов Ерусалим, а лицата, пак, од другите овци уште сега го доживуваат мирот кој го дава Бог. Таквиот мир ќе се прошири и во физичкиот Рај, кога ‚волјата Божја ќе се врши како на небото така и на земјата‘ (Матеј 6:10). Да, Божјиот славен небесен град ќе се докаже доследен на името Ерусалим како цврст ‚темел за двострук мир‘. Тој за сета вечност ќе стои како потврда која е за пофалба на својот Велик Творец, Јехова Бог, и на својот Цар — Младоженец, Исус Христос.
Дали се сеќаваш?
◻ Што било постигнато кога Неемија го собрал народот во Ерусалим?
◻ Што морале да прават древните Евреи за да не го занемарат Божјиот дом, и што сме повикани да правиме ние?
◻ Како „Ерусалим“ е вклучен во донесувањето трајна радост и мир?
[Карта на страница 23]
(Види во публикацијата)
ЕРУСАЛИМСКИТЕ ПОРТИ
Бројките го претставуваат денешното издигнување во метри
РИБНА ПОРТА
СТАРИ ПОРТИ
ЕФРЕМОВИ ПОРТИ
АГОЛНИ ПОРТИ
Широк ѕид
Плоштад
ДОЛИНСКИ ПОРТИ
ВТОР ДЕЛ
Поранешниот северен ѕид
ДАВИДОВИОТ ГРАД
ГНОИШНИ ПОРТИ
Еномова долина
Тврдина
ОВЧИ ПОРТИ
ЗАТВОРСКИ ПОРТИ
Подрачје на храмот
ХАМИФКАДСКИ ПОРТИ
КОЊСКИ ПОРТИ
ОФЕЛ
Плоштад
ВОДЕНИ ПОРТИ
3Изворот Гион
ИЗВОРНИ ПОРТИ
Царската градина
Рогел
Тиропеонска (Централна) долина
Потокот Кедрон
740
730
730
750
770
770
750
730
710
690
670
620
640
660
680
700
720
740
730
710
690
670
Можната ширина на ерусалимскиот ѕид во времето на уништувањето на градот и во времето кога Неемија презел водство при повторната изградба на ѕидот