Дела на апостолите
23 А Павле го впери погледот во Судскиот совет* и рече: „Луѓе, браќа, јас до ден-денес живеам пред Бог со потполно чиста совест“.+ 2 Тогаш првосвештеникот Ананија им нареди на оние што стоеја покрај него да го удрат+ по уста. 3 Тогаш Павле му рече: „Бог ќе те удри тебе, ѕиду варосан!+ Како можеш да седиш тука и да ми судиш според Законот,+ а го престапуваш Законот+ заповедајќи да ме удираат?“ 4 А оние што стоеја таму, рекоа: „Зарем го навредуваш Божјиот првосвештеник?“ 5 Павле одговори: „Браќа, не знаев дека е првосвештеник. Зашто, напишано е: ‚Не зборувај зло за поглаварот на својот народ!‘ “+
6 А кога Павле забележа дека некои од нив се садукеи,+ а некои фарисеи, извика пред Судскиот совет: „Луѓе, браќа, јас сум фарисеј,+ син на фарисеи! Ми судат поради надежта во воскресението+ на мртвите!“+ 7 Кога го рече тоа, настана караница+ меѓу фарисеите и садукеите, и мноштвото се подели. 8 Зашто, садукеите+ велат дека нема ниту воскресение,+ ниту ангели, ниту духови, а фарисеите поучуваат за сето тоа. 9 Затоа настана голема викотница.+ И некои книжници од страната на фарисеите станаа и жестоко се спротивставија, велејќи: „Не наоѓаме ништо лошо кај овој човек.+ Но, ако му зборувал дух или ангел, тогаш...“+ 10 А кога караницата се заостри, илјаданачалникот се исплаши да не го растргнат Павле, па им заповеда на војниците+ да слезат и да го грабнат од помеѓу нив и да го одведат во касарната.+
11 Таа ноќ Господарот* му пристапи на Павле+ и рече: „Биди храбар!+ Зашто, како што во Ерусалим даваше темелно сведоштво+ за мене така треба да сведочиш и во Рим“.+
12 А кога самна, Евреите сковаа заговор+ и се заколнаа, повикувајќи проклетство на себе,+ дека нема ни да јадат ни да пијат додека не го убијат Павле.+ 13 А имаше преку четириесет заговорници, кои дадоа таква заклетва. 14 Тие отидоа кај главните свештеници+ и кај старешините и рекоа: „Се заколнавме, повикувајќи проклетство на себе, дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павле. 15 Затоа сега вие заедно со Судскиот совет замолете го илјаданачалникот да го доведе кај вас, небаре имате намера поподробно да го испитате неговиот случај,+ а ние ќе бидеме подготвени да го убиеме уште пред тој да дојде ваму“.+
16 Но кога синот на Павловата сестра чу за заседата,+ дојде и влезе во касарната и му го јави тоа на Павле. 17 А Павле повика кај себе еден стотник и му рече: „Одведи го ова момче кај илјаданачалникот, зашто има нешто да му каже“. 18 И тој го зеде, го одведе кај илјаданачалникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и ме замоли да ти го доведам ова момче, бидејќи имало нешто да ти каже“. 19 И илјаданачалникот го зеде+ за рака, го одведе настрана и го праша: „Што имаш да ми кажеш?“ 20 А тој рече: „Евреите се договорија да те замолат утре да го доведеш Павле до Судскиот совет, небаре имаат намера да дознаат повеќе за него.+ 21 Не дозволувај да те наговорат, бидејќи во заседа го чекаат повеќе од четириесет луѓе,+ кои се заколнаа, повикувајќи проклетство на себе, дека нема ни да јадат ни да пијат додека не го убијат.+ Веќе се подготвени, само чекаат на твојата согласност“. 22 Тогаш илјаданачалникот го отпушти момчето, наредувајќи му: „Никому не кажувај дека си ми го јавил ова!“
23 И повика двајца стотници и им рече: „Подгответе двесте војници, седумдесет коњаници и двесте копјеносци да тргнат во третиот* час од ноќта право за Цезареја. 24 Подгответе и коњи на кои ќе јава Павле, па жив и здрав одведете го кај управителот Феликс“. 25 И напиша писмо со ваква содржина:
26 „Клавдиј Лисиј го поздравува возвишениот управител Феликс.+ 27 Овој човек Евреите го фатија и имаа намера да го убијат, но јас притрчав со војниците и го избавив,+ бидејќи дознав дека е римски граѓанин.+ 28 Сакав да утврдам зошто го обвинуваат, па го доведов пред нивниот Судски совет.+ 29 Утврдив дека го обвинуваат за некои спорни прашања што се однесуваат на нивниот Закон,+ но дека не направил никаква грешка со која би заслужил смрт или окови.+ 30 А бидејќи ми е јавено дека против него се кове заговор,+ веднаш го испратив кај тебе, а на обвинителите им заповедав да кажат пред тебе што имаат против него“.+
31 И така тие војници+ го одведоа Павле според наредбите што ги добија и го доведоа ноќе во Антипатрида. 32 Утредента ги пуштија коњаниците да одат понатаму со него, а тие се вратија во касарната. 33 Кога коњаниците влегоа во Цезареја,+ му го врачија писмото на управителот и му го доведоа Павле. 34 Управителот го прочита писмото и го праша од која провинција е. Кога дозна+ дека е од Киликија,+ 35 рече: „Темелно ќе те сослушам кога ќе стигнат и твоите обвинители“.+ И заповеда да го чуваат во Иродовата царска палата.