Даниел
3 Цар Навуходоносор направи златен кип, кој беше висок 60 лакти* и широк шест лакти,* и го постави во рамницата Дура, во вавилонската покраина. 2 Потоа заповеда да се соберат сатрапите,* надгледниците, управителите, советниците, ризничарите, судиите, началниците и сите намесници на покраините. Тие требаше да дојдат на свеченоста по повод осветувањето на кипот кој го постави цар Навуходоносор.
3 Тогаш се собраа сатрапите,* надгледниците, управителите, советниците, ризничарите, судиите, началниците и сите намесници на покраините по повод свеченото претставување на кипот кој го постави цар Навуходоносор. Додека стоеја пред кипот што го подигна Навуходоносор, 4 гласникот извика: „Народи, племиња и луѓе од сите јазици, вам ви се заповеда: 5 Штом ќе го чуете звукот на рогот, на кавалот, на цитрата,* на харфата, на лирата,* на гајдата и на сите други музички инструменти, паднете на колена и поклонете му се* на златниот кип кој го постави цар Навуходоносор! 6 Оној што нема да падне на колена за да му се поклони, веднаш ќе биде фрлен во вжарената печка“. 7 И така, кога го слушнаа звукот на рогот, на кавалот, на цитрата, на харфата, на лирата и на сите други музички инструменти, сите луѓе од разните народи, племиња и јазици паднаа на колена и му се поклонија на златниот кип што го постави цар Навуходоносор.
8 Тогаш некои Халдејци дојдоа кај царот и ги обвинија* Евреите. 9 Овие Халдејци му рекоа на цар Навуходоносор: „О царе, да сте жив засекогаш! 10 Вие, царе, дадовте заповед штом ќе се чуе звукот на рогот, на кавалот, на цитрата, на харфата, на лирата, на гајдата и на сите други музички инструменти, секој човек да падне на колена и да му се поклони на златниот кип, 11 а оној што нема да падне на колена за да му се поклони да биде фрлен во вжарената печка. 12 Но, овде има некои Евреи кои ги поставивте да управуваат со вавилонската покраина — Седрах, Мисах и Авденаго. Тие не покажуваат никаква почит кон Вас, царе. Не им служат на Вашите богови и не сакаат да му се поклонат на златниот кип што го поставивте“.
13 Тогаш Навуходоносор пламна од гнев, и во бес нареди да ги доведат Седрах, Мисах и Авденаго. Кога ги доведоа пред него, 14 тој им рече: „Точно ли е, Седрах, Мисах и Авденаго, дека не им служите на моите богови и дека не сакате да му се поклоните на златниот кип што го поставив? 15 А сега, штом ќе го чуете звукот на рогот, на кавалот, на цитрата, на харфата, на лирата, на гајдата и на сите други музички инструменти, ако сте спремни да паднете на колена за да му се поклоните на кипот што го направив, тогаш ќе ви биде добро. Но, ако не му се поклоните, веднаш ќе бидете фрлени во вжарената печка. И кој е тој бог што може да ве спаси од мене?“
16 Седрах, Мисах и Авденаго му одговорија на царот: „Царе Навуходоносор, нема потреба да зборуваме за тоа. 17 Ако мора да бидеме фрлени во вжарената печка, тогаш нашиот Бог, кому му служиме, може да нѐ спаси и од неа и од Вас, царе. 18 Но, дури и да не го стори тоа, знајте, царе, дека нема да им служиме на Вашите богови и нема да му се поклониме на златниот кип што го поставивте“.
19 Тогаш Навуходоносор толку се разбесни на Седрах, Мисах и Авденаго што му се смени изразот на лицето,* и заповеда да ја вжарат печката седумпати повеќе од обично. 20 Потоа им заповеда на неколку силни мажи од својата војска да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во вжарената печка.
21 Така ги врзаа сосе облеката — со наметките, капите и сѐ друго — и ги фрлија во вжарената печка. 22 Бидејќи печката беше прекумерно загреана поради строгата заповед што ја издаде царот, пламенот ги уби луѓето што ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго. 23 Но, овие тројца, Седрах, Мисах и Авденаго, паднаа врзани во вжарената печка.
24 Тогаш цар Навуходоносор многу се исплаши, па брзо стана и ги праша своите високи службеници: „Зар не фрливме во огнот тројца врзани луѓе?“ Тие му одговорија: „Да, царе“. 25 Тогаш тој рече: „А сега гледам четворица одврзани луѓе! Одат низ огнот и не им е ништо, а четвртиот како да е син на боговите“.
26 И Навуходоносор пријде до вратата на вжарената печка и рече: „Седрах, Мисах и Авденаго, слуги на Севишниот Бог, излезете и дојдете ваму!“ Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот. 27 А сатрапите, надгледниците, управителите и високите царски службеници кои беа собрани таму видоа дека огнот воопшто не им беше наштетил на тие луѓе — ниту едно влакно на главата не им беше подгорено, а и наметките не им беа оштетени, па дури и не мирисаа на чад.
28 Тогаш Навуходоносор рече: „Нека е славен Богот на Седрах, Мисах и Авденаго, кој го испрати својот ангел и ги спаси своите слуги. Тие имаа доверба во него и не ја послушаа царската заповед. Беа поспремни да умрат отколку да му служат и да му се поклонуваат на* кој и да е друг бог освен на својот Бог. 29 Затоа ја издавам следнава наредба за сите луѓе од разните народи, племиња и јазици: Секој што ќе каже нешто против Богот на Седрах, Мисах и Авденаго да биде распарчен, а неговата куќа да биде претворена во јавен нужник,* бидејќи нема друг бог што може да спаси како што може тој“.
30 Потоа царот ги постави Седрах, Мисах и Авденаго на високи положби во вавилонската покраина.