Матеј
17 По шест дена, Исус ги зеде Петар, Јаков и неговиот брат Јован и ги одведе на една висока планина, каде што беа сами. 2 Тогаш се преобрази пред нив. Лицето му светна како сонце, а облеката му стана блескава* како светлина. 3 И одеднаш им се појавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Исус. 4 Тогаш Петар му рече на Исус: „Господару, добро ни е овде. Ако сакаш, ќе подигнам овде три шатори — еден за тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија“. 5 Додека тој уште зборуваше, над нив се појави еден светол облак. И се слушна глас од облакот: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!* Него слушајте го!“ 6 Кога го слушнаа тоа, учениците многу се уплашија, па паднаа на колена и се поклонија со лицето до земја. 7 Тогаш Исус се приближи до нив, ги допре и им рече: „Станете. Не плашете се“. 8 А кога погледнаа нагоре, не видоа никој друг, освен Исус. 9 Додека слегуваа од планината, Исус им заповеда: „Никому не кажувајте за ова видение додека Синот човечки не воскресне“.
10 А учениците го прашаа: „Зошто, тогаш, познавачите на Законот* велат дека прво мора да дојде Илија?“ 11 Тој им одговори: „Илија навистина мора да дојде и да обнови сѐ. 12 Но ви велам дека Илија веќе дојде и не го препознаа, туку со него постапија како што сакаа. Така и Синот човечки ќе страда од нив“. 13 Тогаш учениците сфатија дека им зборува за Јован Крстител.
14 Кога дојдоа кај народот, му пријде еден човек, клекна пред него и му рече: 15 „Господару, сожали се на син ми, бидејќи многу е болен. Има епилепсија и често паѓа во оган или во вода. 16 Го доведов кај твоите ученици, ама не можеа да го излекуваат“. 17 А Исус рече: „Безверно и изопачено поколение! До кога морам да останам со вас? До кога морам да ве трпам? Доведете го кај мене“. 18 Тогаш Исус го прекори демонот, и тој излезе од детето. И детето оздраве во тој момент. 19 Кога останаа насамо со Исус, учениците го прашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ 20 Тој им одговори: „Поради тоа што немате доволно вера. Зашто, вистина ви велам, ако имате вера само колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ’Премести се одовде таму‘, и таа ќе се премести. И ништо нема да ви биде невозможно“. 21* ——
22 Додека беа заедно во Галилеја, Исус им рече: „Синот човечки ќе биде издаден и предаден во рацете на луѓето. 23 Тие ќе го убијат, но на третиот ден ќе воскресне“. Тогаш учениците многу се натажија.
24 Кога стигнаа во Капернаум, кај Петар дојдоа оние што собираат данок за храмот* и го прашаа: „Зарем вашиот учител не плаќа данок за храмот?“ 25 Тој одговори: „Плаќа“. Но веднаш штом Петар влезе во куќата, Исус го праша: „Што мислиш, Симон? Од кого земаат царевите давачки или данок? Од своите синови или од другите луѓе?“ 26 Кога одговори: „Од другите луѓе“, Исус му рече: „Значи, нивните синови се ослободени од данок. 27 Но, за да не им бидеме причина за спрепнување, оди до езерото, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе ја фатиш, отвори ѝ ја устата и ќе најдеш сребрена монета.* Земи ја, па плати данок за мене и за тебе“.