Изреки
3 Јас му бев добар син на татко ми,
бев саканото дете на мајка ми.
4 Тој ме поучуваше и велеше: „Биди им со сето срце послушен на моите зборови.
Држи ги моите заповеди и ќе живееш долго.
5 Стекни мудрост, стекни разборитост.
Не заборавај ги моите зборови и не отстапувај од нив.
6 Не отфрлај ја мудроста, и таа ќе те штити.
Сакај ја, и таа ќе те чува.
7 Мудроста е најважна, затоа стекни мудрост.
А покрај сѐ што ќе стекнеш, стекни и разборитост.
8 Длабоко цени ја мудроста, и таа ќе те возвиши.
Прифати ја со сето срце, и таа ќе те прослави.
9 Ќе ти биде како преубав венец на главата,
ќе те краси како прекрасна круна“.
10 Сине мој, слушај ги моите зборови и прифати ги,
па ќе живееш многу години.
11 Ќе те поучам за патот на мудроста,
ќе те водам по патеките на чесноста.
12 Кога ќе одиш, ништо нема да ги запре твоите чекори,
а ако трчаш, нема да се сопнеш.
13 Прифати ги опомените* и не отфрлај ги.
Чувај ги, бидејќи тие за тебе значат живот.
14 Не стапнувај на патеката на нечесните
и не оди по патот на злобните.
15 Избегни го, не оди по него;
сврти се и заобиколи го.
16 Тие не можат да заспијат ако не направат зло
и не ги фаќа сон ако не сопнат некого.
17 Се хранат со злоба како со леб
и се насладуваат со насилство како со вино.
18 А патеката на праведните е како сјајна утринска светлина
која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени.
19 Патот на злобните е како темнина,
тие не знаат од што се сопнуваат.
21 Никогаш не губи ги од вид
и чувај ги длабоко во срцето,
22 бидејќи тие се живот за оние што ги прифаќаат
и здравје за целото нивно тело.
23 Најмногу од сѐ друго, чувај си го срцето
бидејќи од него извира животот.
24 Отфрли го од себе расипаниот говор
и од твојата уста нека не излегуваат измамнички зборови.
25 Твоите очи нека гледаат право напред,
погледот насочи го пред себе.
27 Не скршнувај ни надесно ни налево.
Бегај од злото.