„Чувај го срцето свое“
ЈЕХОВА му рекол на пророкот Самуил: „Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1. Царства 16:7). Сосредоточувајќи го вниманието исто така на симболичното срце, псалмистот Давид пеел: „Ти [Јехова] го искуша срцето мое, ме посети ноќе; со оган ме провери и не најде неправда во мене“ (Псалм 16:3).
Да, Јехова гледа во срцето за да одреди какви навистина сме ние (Изреки 17:3). Значи, цар Соломон од древниот Израел со добра причина советува: „Од сѐ што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“ (Изреки 4:23). Како можеме да го чуваме своето симболично срце? Изреки, поглавје 4, ни го дава одговорот на ова прашање.
Послушај ја татковата дисциплина
Четвртото поглавје од Изреки започнува со зборовите: „Слушајте ја, деца, татковата поука [дисциплина, NW] и внимавајте, та да се научите да ја разбирате. Зашто добар дар ви дарувам; не оставајте ја мојата заповед“ (Изреки 4:1, 2).
Советот до младите е да ја слушаат здравата поука од своите побожни родители, особено од таткото. Тој има библиска одговорност да се грижи за физичките и за духовните потреби на своето семејство (5. Мојсеева 6:6, 7; 1. Тимотеј 5:8). Без такво водство, колку само потешко ќе ѝ биде на една млада личност да достигне зрелост! Затоа, зарем не треба детето да ја прифати дисциплината од својот татко?
Но, што е со младичот што нема татко кој ќе го поучува? Единаесетгодишниот Џејсон, на пример, останал без татко на четири години.a Кога еден христијански старешина го прашал кој му бил највознемирувачки аспект од животот, Џејсон брзо одговорил: „Ми недостига татко. Тоа понекогаш навистина ме депримира“. Сепак, на младите на кои им недостига родителско водство им стои на располагање утешителен совет. Џејсон и другите како него можат да побараат и да добијат татковски совет од старешините и од другите зрели поединци во христијанското собрание (Јаков 1:27).
Потсетувајќи се на сопственото воспитување, Соломон продолжува: „Јас бев [се покажав вистински, NW] син послушен на татка ми, и [единствениот, NW] омилен на мајка ми“ (Изреки 4:3). Царот очигледно со наклоност се сеќавал на своето воспитување. Со тоа што бил „вистински син“ кој го зел при срце татковскиот совет, младиот Соломон сигурно имал срдечен и близок однос со својот татко Давид. Освен тоа, Соломон бил „единствениот“, или многу саканиот. Колку само е важно детето да расте во дом каде што има срдечна атмосфера и широко отворени линии на комуникација со родителите!
Стекни мудрост и разбирање
Сеќавајќи се на љубезниот совет од својот татко, Соломон раскажува: „Татко ми ме поучуваше и ми велеше: ‚Зборовите мои задржи ги во срцето твое; пази ги моите заповеди и не заборавај ги! Здобивај се со мудрост, придобивај разум [разбирање, NW]; не заборавај го тоа и не се отстранувај од зборовите на устата моја. Не ја оставај [мудроста], — и таа ќе те пази; сакај ја, — и таа ќе те чува. Главно е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност [разбирање, NW]‘“ (Изреки 4:4—7).
Зошто мудроста е „главно“ нешто? Мудрост значи спознанието и разбирањето да се користат на начин кој донесува добри резултати. Спознанието — познавање или запознаеност со фактите стекнато со набљудување и искуство или со читање и проучување — е основно за мудроста. Но, ако немаме способност добро да го искористиме, нашето спознание малку ќе вреди. Мораме не само редовно да ги читаме Библијата и публикациите темелени на Библијата кои ги обезбедува ‚верниот и разборит роб‘ (NW) туку и да настојуваме да го применуваме она што го учиме од нив (Матеј 24:45).
Неопходно е да стекнеме и разбирање. Без него, дали би можеле навистина да видиме како фактите се однесуваат еден на друг и да добиеме целосна слика за работата што ја разгледуваме? Ако ни недостига разбирање, како би можеле да ги согледаме причините и објаснувањата за работите и да добиеме увид и проникливост? Да, за да можеме да видиме колку се два и два и да дојдеме до исправниот заклучок, потребно ни е разбирање (Даниил 9:22, 23).
Соломон продолжува да раскажува за зборовите на својот татко, велејќи: „Високо цени ја [мудроста], и таа ќе те воздигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш, ќе положи на главата твоја благодатен венец [на убавината, NW], со венец на сладост ќе те закрили“ (Изреки 4:8, 9). Побожната мудрост го заштитува оној кој ја прегрнува. Освен тоа, таа му донесува чест и го разубавува. Тогаш, секако, да стекнуваме мудрост.
„Држи се здраво за дисциплината“
Повторувајќи ги зборовите на својот татко, царот на Израел потоа вели: „Слушај, синко, и прими ги зборовите мои, — и ќе ти се умножат годините на животот. Ти го покажувам патот на мудроста, те водам по прави патеки. Ако одиш, нозете твои нема да се сопнат, и ако потрчаш, нема да се измориш. Држи се здраво за поуката [дисциплината, NW], не ја оставај; пази ја, бидејќи таа е твојот живот“ (Изреки 4:10—13).
Како вистински син на својот татко, Соломон сигурно ја ценел вредноста на дисциплината полна со љубов која поучува и исправа. Без урамнотежена дисциплина, како би можеле да очекуваме да напредуваме до духовна зрелост или да се надеваме дека ќе го подобриме квалитетот на нашиот живот? Ако не учиме од своите грешки или ако пропуштиме да ги исправаме погрешните мисли, нашиот духовен напредок навистина ќе биде занемарлив. Разумната дисциплина води до побожно однесување и на тој начин ни помага и нѐ ‚води по прави патеки‘.
Резултат од еден друг вид дисциплина е и тоа што „се умножуваат годините на животот“. Како? Па, Исус Христос рекол: „Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив“ (Лука 16:10). Зарем ако применуваме на себеси дисциплина во мали работи нема да ни биде полесно да го правиме истото и во големи работи, од што може да зависи и самиот наш живот? На пример, ако го вежбаме окото да не ‚погледнува на жена со желба‘, тогаш најверојатно не би подлегнале на неморал (Матеј 5:28). Секако, ова начело важи и за мажите и за жените. Ако го дисциплинираме својот ум да ‚ја заробува секоја мисла‘ (NW), мала е опасноста дека сериозно ќе згрешиме на збор или на дело (2. Коринтјаните 10:5).
Секако, обично е тешко да се прифати дисциплината и можеби изгледа дека таа нѐ ограничува (Евреите 12:11). Сепак, мудриот цар нѐ уверува дека ако цврсто се држиме за дисциплината, нашата патека ќе води кон напредок. Исто како што правилното вежбање му овозможува на еден тркач да се движи напред со најголема брзина без да падне или да се повреди така и цврстото држење за дисциплината ќе ни овозможи да продолжиме по патот до живот со едно постојано темпо без да се спрепнеме. Секако, мора да внимаваме која патека ја избираме.
Избегнувај го „патот на злобните луѓе“
Соломон со чувство на итност предупредува: „Не оди на пат безбожнички и не оди по патот на лоши [злобни, NW] луѓе; остави [избегнувај, NW] го, не оди по него, отстрани се од него и заобиколи го; зашто тие не заспиваат, ако не направат зло; и сон не ги фаќа, ако не доведат некого до пад; оти тие јадат леб од беззаконие и се опиваат со вино од грабеж“ (Изреки 4:14—17).
Злобните, чии патишта Соломон сака да ги избегнуваме, се издржуваат со своите зли дела. Правењето лоши работи за нив е како храна и пијалак. Тие не можат да заспијат ако не учествуваат во насилнички дела. Самата нивна личност е расипана! Дали всушност можеме да го чуваме срцето додека се дружиме со нив? Колку е глупаво ‚да одиме по патот на злите луѓе‘ изложувајќи се на насилството кое се прикажува во голем дел од забавата на денешниот свет! Настојувањето да бидеме нежно сочувствителни едноставно не е споиво со земање дози од сцените на зло на телевизиските екрани или во кино, кои нѐ прават неосетливи.
Остани во светлината
Сѐ уште користејќи ја аналогијата со патека, Соломон изјавува: „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден“ (Изреки 4:18). Започнувањето со проучување на Библијата и обидот да го примениме во животот она што го вели таа може да се спореди со поаѓање на патување во мракот рано наутро. Додека црното ноќно небо станува сѐ посветло, полека претворајќи се во темно сино, едвај можеме нешто да видиме. Но, како што постепено се разденува, можеме полека да распознаваме сѐ повеќе работи во околината. Конечно, сонцето силно свети, и можеме да видиме сѐ во јасни детали. Да, вистината постепено ни станува сѐ појасна додека стрпливо и марливо истрајуваме во проучувањето на Писмото. Обезбедувањето духовна храна за срцето е неопходно за да го сочуваме од погрешно расудување.
Значењето или важноста на библиските пророштва исто така се разоткрива постепено. Пророштвата ни стануваат јасни како што Јеховиниот свет дух фрла светлина врз нив и како што се исполнуваат во светските настани или во искуствата на Божјиот народ. Наместо нестрпливо да прибегнуваме кон шпекулации за нивното исполнување, треба да чекаме ‚светлината да свети сѐ повеќе‘.
А што е со оние кои го отфрлаат Божјето водство одбивајќи да одат во светлината? „Патот на беззакониците е како темнина“, вели Соломон. „Тие не знаат, од што ќе се сопнат“ (Изреки 4:19). Беззакониците се како човек кој се сопнува во темница без да знае од што се сопнал. Дури и кога изгледа дека безбожните напредуваат поради својата неправедност, нивниот привиден успех е само привремен. Во врска со таквите псалмистот пеел: „Ти [Јехова] ги поставуваш на лизгава патека, ги обрнуваш во пропаст“ (Псалм 73:18, ДХК).
Остани буден
Царот на Израел понатаму вели: „Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои; да не отстапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свое: зашто тие се живот за оние, што ги наоѓаат, и здравје за целото тело нивно. Од сѐ, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“ (Изреки 4:20—23).
Личниот пример на Соломон сведочи за вредноста на советот да се чува срцето. Секако, тој ‚се покажал вистински син‘ на својот татко во младоста и му останал верен на Јехова во поголемиот дел од животот како возрасен човек. Сепак, Библијата вели: „Кога Соломон остаре, неговите жени [туѓинки] го приклонија срцето негово кон други богови, и срцето негово не беше наполно предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на татка му Давида“ (3. Царства 11:4). Без постојана будност, дури и најдоброто срце може да биде искушано да го прави она што е лошо (Јеремија 17:9). Потсетувањата од Божјата реч мора да ги чуваме близу до срцето — ‚внатре во него‘. Ова го вклучува водството што е дадено во Изреки, поглавје 4.
Испитај ја состојбата на своето срце
Дали успешно го чуваме нашето симболично срце? Како можеме да ја знаеме состојбата на внатрешната личност? „Од преполнето срце прикажува устата“, рекол Исус Христос (Матеј 12:34). Исто така, тој навел: „Од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Матеј 15:19, 20). Да, нашите зборови и постапки силно зборуваат за тоа какви сме во срцето.
Во склад со тоа Соломон нѐ опоменува: „Отфрли ја од себеси лажливата уста, а лукавството на јазикот од себеси оддалечи го. Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени кон праведното. Провери ја патеката на нозете свои, и сите патишта твои нека бидат прави. Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата од злото“ (Изреки 4:24—27).
Со оглед на опомената на Соломон, треба да го испитаме својот говор и своите дела. Ако сакаме да го чуваме срцето и да му угодиме на Бог, мораме да избегнуваме изопачен говор и лукавство (Изреки 3:32, NW). Затоа, треба во молитва да размислуваме за тоа што откриваат за нас нашите зборови и дела. Потоа, да бараме Јеховина помош за да ја исправиме која и да било слабост што ќе ја откриеме (Псалм 138:23, 24).
Пред сѐ, нека ‚нашите очи гледаат право‘. Да ги држиме фиксирани на целта да му принесуваме на нашиот небесен Татко служба со сета душа (Колосјаните 3:23). Додека лично се стремиш по таков исправен правец, нека Јехова ти дава успех на „сите патишта твои“, и нека богато те благослови затоа што внимаваш на вдахновениот совет да ‚го чуваш срцето свое‘.
[Фуснота]
a Не е неговото вистинско име.
[Истакната мисла на страница 22]
Дали избегнуваш забава во која се прикажува насилство?
[Слика на страница 21]
Извлечи корист од советот на искусните
[Слика на страница 23]
Дисциплината не го успорува твоето темпо
[Слика на страница 24]
Биди истраен во своето проучување на Библијата