Лука
13 Во тоа време, некои од луѓето што беа таму му кажаа на Исус дека Пилат погубил некои Галилејци додека принесувале жртви. 2 А Исус им рече: „Мислите ли дека тие Галилејци умреа затоа што беа поголеми грешници од сите други Галилејци? 3 Се разбира дека не! Но, ако не се покаете, сите ќе изгинете така. 4 Или оние 18 луѓе врз кои падна кулата во Силоам и ги уби, мислите ли дека тие беа поголеми грешници од сите други луѓе што живеат во Ерусалим? 5 Се разбира дека не! Но, ако не се покаете, сите ќе изгинете така“.
6 Тогаш ја раскажа оваа споредба: „Еден човек имаше засадено смоква на своето лозје, и дојде да бара плодови на неа, но не најде ништо. 7 И му рече на човекот што го обработуваше неговото лозје: ’Еве, веќе три години доаѓам да барам плодови на оваа смоква, но не наоѓам ништо. Исечи ја! Зошто непотребно да зафаќа место?‘ 8 Тогаш тој му рече: ’Господару, остави ја уште една година, а јас ќе ја опкопам и ќе ја наѓубрам. 9 Можеби после тоа ќе даде плод. А ако не, ќе ја исечеш‘“.
10 Еднаш, на сабат, поучуваше во една синагога. 11 Таму имаше една жена која веќе 18 години беше болна бидејќи беше обземена од дух. Беше згрбавена и никако не можеше да се исправи. 12 Кога ја виде, Исус ѝ рече: „Ослободена си од својата болест“. 13 И ги положи рацете врз неа, а таа веднаш се исправи и почна да го слави Бог. 14 Тогаш старешината* на синагогата, лут поради тоа што Исус на сабат ја излекува жената, му рече на народот: „Има шест дена во кои се работи. Во тие денови доаѓајте и лекувајте се, а не на сабат!“ 15 Тогаш Господарот му рече: „Лицемери, кој од вас нема на сабат да го одврзе својот бик или своето магаре и да го одведе на поење? 16 А зарем не требаше оваа жена, која е потомок на Авраам и која Сатана веќе 18 години ја држел врзана, да биде ослободена од тие окови на сабат?“ 17 Кога го рече тоа, сите негови противници се засрамија, а целиот народ се радуваше на сите прекрасни дела што ги направи.
18 Потоа рече: „На што е слично Божјето Царство? Со што да го споредам? 19 Тоа е како синапово зрно кое човек го засади во својата градина. И порасна и стана дрво, па птиците направија гнезда на неговите гранки“.
20 И повторно рече: „Со што да го споредам Божјето Царство? 21 Тоа е како квасец што жена го замеси со 10 килограми брашно, и целото тесто нарасна“.
22 Додека беше на пат кон Ерусалим, Исус одеше од град во град и од село во село и поучуваше. 23 А еден човек го праша: „Господару, навистина ли само малкумина ќе се спасат?“ Тој им рече: 24 „Со сета сила напрегајте се да влезете низ тесната врата, бидејќи, ви велам, мнозина ќе сакаат да влезат, но нема да можат. 25 Кога домаќинот ќе стане и ќе ја заклучи вратата, вие ќе останете надвор и ќе чукате на вратата, велејќи: ’Господару, отвори ни!‘ А тој ќе ви рече: ’Не ве познавам!‘ 26 Тогаш ќе кажете: ’Јадевме и пиевме со тебе, а ти поучуваше на нашите улици‘. 27 Но тој ќе ви рече: ’Не ве познавам. Бегајте од мене, сите вие што постапувате неправедно!‘ 28 Ќе плачете и ќе чкртате со забите кога ќе видите дека Авраам, Исак, Јаков и сите пророци се во Божјето Царство, а вие сте исфрлени надвор. 29 И ќе дојдат луѓе од исток и од запад, од север и од југ, и ќе седнат на масата во Божјето Царство. 30 Така, некои од последните ќе бидат први, а некои од првите ќе бидат последни“.
31 Тогаш кај него дојдоа некои фарисеи и му рекоа: „Оди си одовде, зашто Ирод сака да те убие!“ 32 А тој им одговори: „Одете и кажете ѝ на таа лисица: ’Денес и утре ќе истерувам демони и ќе лекувам, а на третиот ден ќе завршам‘. 33 Сепак, денес, утре и задутре морам да продолжам, бидејќи не може* пророк да биде погубен надвор од Ерусалим. 34 Ерусалиме, Ерусалиме! Ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што се испратени кај тебе. Колкупати сакав да ги соберам твоите деца како што кокошката ги собира своите пилиња под крилјата! Но вие не сакавте. 35 Еве, вашиот дом* ќе биде напуштен и ќе ви биде препуштен вам. Ви велам, повеќе нема да ме видите сѐ додека не речете: ’Благословен е оној што доаѓа во името на Јехова!‘“