Изреки
28 Злобните бегаат и кога никој не ги гони,
а праведните се храбри како лав.
2 Кога се кршат законите* во земјата, кнезовите често се менуваат,
но со помош на разборит човек кој има знаење, кнезот долго ќе владее.
3 Сиромашниот човек што ги искористува беспомошните
е како пороен дожд кој го однесува сиот род.
4 Оние што го отфрлаат законот го величаат злобниот,
а оние што се држат за законот се гневат на нив.
5 Злобните луѓе не можат да ја разберат правдата,
но оние што го бараат Јехова можат да разберат сѐ.
6 Подобар е сиромашниот кој живее беспрекорно
отколку богатиот кој постапува расипано.
7 Разумниот син се држи за законот,
а оној што се дружи со ненаситни луѓе го срамоти својот татко.
8 Тој што се богати давајќи заем со камата и со лихва
собира богатство за оној што е милостив кон бедните.
9 Кога некој не го слуша законот,
дури и неговата молитва е одвратна.
10 Кој ги наведува чесните на лош пат, ќе падне во сопствената јама,
а беспрекорните ќе наследат добри работи.
11 Богатиот си мисли дека е мудар,
но оној што е сиромав, а разборит, ќе го проѕре.
12 Кога победуваат праведните, народот слави,
но кога злобните доаѓаат на власт, луѓето се кријат.
13 Кој ги крие своите престапи, ќе нема успех,
а на оној што ги признава и престанува да ги прави ќе му биде покажана милост.
14 Среќен е човекот што секогаш внимава како се однесува,*
а оној што е тврдоглав* ќе западне во неволја.
15 Злобен владетел над беспомошен народ
е како лав што рика и како мечка што напаѓа.
16 Неразумниот водач ја злоупотребува својата власт,
а оној што мрази нечесна добивка ќе живее долго.
17 Оној што е виновен затоа што одзел нечиј живот* ќе бега до гроб;
никој нека не му помага на таков човек.
18 Оној што живее беспрекорно ќе биде спасен,
а оној што постапува расипано брзо ќе пропадне.
19 Кој ја обработува својата земја, ќе има храна во изобилство,
а кој трча по безвредни работи, ќе се насити со сиромаштија.
20 Верниот човек го очекуваат многу благослови,
а кој трча да се збогати, нема да остане невин.
21 Не е добро да се биде пристрасен,
но човек би можел да постапи неправедно и за парче леб.
23 Оној што укорува некого, на крајот ќе биде повеќе ценет
отколку оној што ласка.
24 Кој краде од својот татко и од својата мајка, па вели: „Тоа не е грев“,
не е ништо подобар од разбојник.*
26 Кој има доверба во своето срце, безумен е,
а кој постапува мудро, ќе се спаси.
27 На оној што им дава на сиромашните нема ништо да му недостасува,
но кој си ги затвора очите пред нив, ќе го стигнат многу клетви.
28 Кога злобните доаѓаат на власт, човек се крие,
а кога тие пропаѓаат, праведните се множат.