1. Мојсеева
13 Потоа Аврам отиде од Египет кон Негев+ заедно со својата жена и со сѐ што имаше, а со него и Лот. 2 А Аврам поседуваше многу стада, сребро и злато.+ 3 И логоруваше од едно место во друго, од Негев до Ветил, до местото каде што најпрвин беше неговиот шатор, помеѓу Ветил и Гај,+ 4 местото каде што првобитно го беше направил жртвеникот.+ Таму Аврам почна да го повикува* името на Јехова.+
5 А и Лот, кој одеше заедно со Аврам, имаше овци, говеда и шатори. 6 Затоа немаше доволно земја за да живеат заедно, бидејќи имаа стекнато толку многу што не можеа да живеат заедно.+ 7 И изби караница меѓу пастирите на Аврамовата стока и пастирите на Лотовата стока. А во тоа време во земјата живееја Ханаанците и Ферезејците.+ 8 Затоа Аврам му рече на Лот:+ „Те молам, да не се караме ниту ние ниту нашите пастири, зашто ние двајцата сме браќа!+ 9 Зарем не ти е на располагање целата земја? Те молам, одвој се од мене! Ако ти појдеш налево, јас ќе појдам надесно, а ако ти појдеш надесно, јас ќе појдам налево“.+ 10 Лот ги крена очите и ја виде целата Јорданска Долина,*+ дека е еден добро наводнет крај и дека, сѐ до Сигор,+ е како Јеховината градина,+ како египетската земја — а ова беше пред Јехова да ги уништи Содом и Гомор. 11 Тогаш Лот си ја избра целата Јорданска Долина, па го премести својот логор на исток. Така се одвоија еден од друг. 12 Аврам живееше во ханаанската земја, а Лот живееше во околината на градовите во Јорданската Долина.+ На крајот ги распна шаторите близу Содом. 13 А луѓето од Содом беа лоши и беа големи грешници пред Јехова.+
14 Откако Лот се одвои од Аврам, Јехова му рече на Аврам: „Те молам, подигни ги очите и, од местото на кое стоиш, погледни на север, на југ, на исток и на запад,+ 15 зашто целата земја што ја гледаш ќе ти ја дадам тебе и на твоето потомство за да ја поседувате засекогаш.+ 16 И ќе го умножам твоето потомство да биде како правот на земјата, и ако може некој да го изброи правот на земјата, ќе може да го изброи и твоето потомство.+ 17 Стани, изоди ја оваа земја во должина и во широчина, зашто тебе ќе ти ја дадам!“+ 18 А Аврам и понатаму живееше под шатори. Потоа дојде меѓу големите дрвја во Мамре,+ кое е кај Хеврон,+ и таму се насели. Таму му направи жртвеник на Јехова.+