УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | САРА
Бог ја нарекол „кнегиња“
САРА повторно погледнала во далечината. Нејзиниот маж, Авраам,a требало да се врати во секој момент. Наоколу, слугите радосно ги извршувале задачите што ги добивале од неа. Но, и Сара имала полни раце работа. Замисли си ја како внимателно го крпи платното на шаторот направен од козји влакна, кој со години бил нивен дом. Поминале многу години откако почнале да живеат во шатори. Тоа можело лесно да се забележи од избледеното шаторско платно, кое веќе долго време ги штитело од сонцето и дождот. Денот брзо одминувал, и сонцето почнало да заоѓа. Во еден момент, лицето на Сара се разведрило — го видела Авраам како си доаѓа дома.
Поминале десет години откако Авраам и неговото домаќинство ја преминале реката Еуфрат и влегле во земјата Ханаан. Сара спремно го поддржувала својот сопруг на тоа далечно патување кон непознатото. Таа знаела дека токму од него ќе треба да произлезе ветеното потомство, како и еден цел народ, и на тој начин да се исполни Јеховината намера. Но, каква улога требало да има Сара? Таа имала 75 години, а била неротка. Можеби се прашувала: „Како ќе се исполни ветувањето на Јехова кога јас не можам да родам дете?“ Сосема е разбирливо ако била загрижена, па дури и нестрплива.
Можеби понекогаш и ние се прашуваме кога ќе се исполнат Божјите ветувања. Нам, луѓето, обично не ни е лесно да бидеме стрпливи, особено кога чекаме да се случи нешто што многу ни значи. Што може да научиме од верата на оваа извонредна жена?
„ЈЕХОВА МЕ НАПРАВИ НЕРОТКА“
Кратко пред тоа, Авраам и неговото семејство се вратиле од Египет (1. Мојсеева 13:1-4). Тие ги поставиле шаторите во планинскиот предел источно од Ветил, односно Луз, како што го нарекувале Ханаанците. Од тоа високо место, Сара можела да види голем дел од Ветената земја. Во тоа подрачје имало многу ханаански села, како и патишта што воделе до далечни земји. Меѓутоа, колку и да било убаво, не можело ни оддалеку да се спореди со родниот град на Сара. Таа пораснала во Ур, град во Месопотамија кој сега бил оддалечен од нив околу 1.900 километри. Зад себе оставила многу роднини, преполни пазари, како и удобен дом со цврсти ѕидови, а можеби и водовод. И покрај тоа, Сара имала силна вера во Бог и не жалела за убавите работи што ги оставила во богатиот Ур.
Забележи што напишал апостол Павле под водство на светиот дух околу 2.000 години подоцна. Во врска со верата на Сара и Авраам, тој напишал: „А да мислеа на онаа [татковина] од која заминаа, уште би имале можност да се вратат таму“ (Евреите 11:8, 11, 15). Ниту Сара ниту Авраам не жалеле за минатото. Ако постојано мислеле на себе и на својата удобност, веројатно ќе одлучеле да се вратат дома. Но, доколку се врателе во Ур, немало да го добијат прекрасниот благослов што им го ветил Јехова. Освен тоа, уште одамна ќе биле заборавени и немало да им бидат пример за вера на милиони луѓе.
Сара не гледала зад себе, туку погледот го насочила напред. Затоа му била вистинска поддршка на својот сопруг додека патувале од едно место на друго, помагајќи му да ги соберат шаторите, да ги водат стадата и повторно да ги постават шаторите. Таа истрајала иако се соочила и со други предизвици и промени. Јехова му го повторил своето ветување на Авраам, но и овојпат не ја спомнал Сара! (1. Мојсеева 13:14-17; 15:5-7).
Откако Сара некое време размислувала за планот што ѝ се вртел во глава, одлучила да зборува со Авраам. Замисли си ја како со помешани чувства му вели: „Те молам, послушај ме! Јехова ме направи неротка“. Потоа го замолила да ја земе за жена нејзината слугинка Агара за да добие деца преку неа. Можеш ли да си претставиш колку ѝ било тешко на Сара да побара такво нешто? Во наше време, тоа што го побарала Сара може да изгледа многу чудно. Но, во минатото било вообичаено еден маж да има и втора жена, или наложница, за да има наследници.b Можеби Сара мислела дека на овој начин ќе се исполни Божјата намера Авраам да има деца од кои ќе настане голем народ. Како и да било, таа била спремна да направи огромна жртва. Како реагирал Авраам? Библијата вели дека тој ги послушал нејзините зборови (1. Мојсеева 16:1-3).
Дали треба да заклучиме дека Јехова ја поттикнал Сара да побара такво нешто од Авраам? Не. Во оваа ситуација, Сара гледала на работите од човечка гледна точка. Таа мислела дека Бог ѝ ја одзел способноста да има деца, и мислела дека нема друг начин да се исполни Божјата намера. Предлогот што го дала Сара подоцна ѝ донел многу маки и проблеми. Сепак, со она што го предложила покажала голема несебичност. Во овој свет, во кој луѓето толку често ги ставаат своите желби пред сѐ друго, зарем несебичноста на Сара не е за голема пофалба? Ако и нам ни е поважно да се исполни Божјата намера отколку да си ги задоволиме своите желби, ќе покажеме дека и ние сакаме да имаме силна вера како Сара.
„СЕ СМЕЕШЕ“
Не поминало долго време, и Агара забременила. Можеби почнала да смета дека сега е поважна од својата господарка Сара, па затоа почнала да ја презира. Тоа сигурно многу ја повредило Сара. Со дозвола на Авраам и со поддршка од Бог, таа ја казнила Агара на некој начин. По некое време, Агара родила син, Исмаел (1. Мојсеева 16:4-9, 16). Поминале повеќе години, и кога Сара имала 89, а Авраам 99 години, Јехова им дал една многу важна порака.
Јехова повторно му ветил на својот пријател Авраам дека од него ќе направи голем народ. Освен тоа, му дал ново име. До тој момент се викал Аврам, но Јехова му го сменил името во Авраам, што значи „татко на мноштво“. Овојпат, Јехова за првпат открил каква улога ќе има Сара. Дотогаш таа се викала Сараја, што можеби значи „кавгаџика“, но Јехова ја нарекол Сара, име што ни е добро познато. Што значи името Сара? „Кнегиња“! Јехова објаснил зошто го одбрал тоа име за неа кога му рекол на Авраам: „Јас ќе ја благословам и ќе ти дадам син од неа. Ќе ја благословам и од неа ќе настанат народи, и цареви на народи ќе излезат од неа“ (1. Мојсеева 17:5, 15, 16).
Ветувањето на Јехова дека преку едно потомство ќе се благословат сите народи ќе се исполнело токму преку синот на Сара! Името што го одбрал Бог за момчето, Исак, значи „смеа“. Кога Авраам првпат чул дека Јехова има намера да ѝ даде дете на Сара, паднал ничкум и почнал да се смее (1. Мојсеева 17:17). Тој бил изненаден и многу радосен (Римјаните 4:19, 20). А како реагирала Сара?
По кратко време, кај шаторот на Авраам дошле тројца непознати мажи. Иако тоа бил најтоплиот период од денот, остарените Авраам и Сара побрзале да ги пречекаат гостите. Авраам ѝ рекол на Сара: „Бргу! Земи три сеи фино брашно, замеси го и испечи погачи“. Во тоа време, било потребно многу труд за да се покаже гостољубивост. Авраам не ѝ ја оставил целата работа на жена си. Брзо отишол кај добитокот и заклал еден јунец, а подготвил и други работи за јадење и пиење (1. Мојсеева 18:1-8). Нивните гости, всушност, биле ангели на Јехова! Апостол Павле веројатно мислел токму на оваа случка кога напишал: „Не заборавајте ја гостољубивоста зашто некои, покажувајќи ја, без да знаат нагостија ангели“ (Евреите 13:2). Можеш ли да се угледаш на прекрасниот пример на гостољубивост што ни го оставиле Авраам и Сара?
Кога еден од ангелите му го повторил на Авраам Божјето ветување дека Сара ќе роди син, таа била во шаторот, од каде што го слушала нивниот разговор. Помислата дека на тие години ќе роди дете ѝ изгледала толку неверојатна што не можела да се воздржи и се насмеала во себе велејќи: „Зарем сега кога овенав и кога мојот господар е стар ќе го имам тоа задоволство?“ Ангелот ја исправил Сара и ѝ рекол: „Зарем има нешто невозможно за Јехова?“ Од одговорот на Сара се гледа дека се исплашила. Таа почнала да се брани со зборовите: „Не се смеев!“ Но, ангелот ѝ одговорил: „Не е точно! Се смееше“ (1. Мојсеева 18:9-15).
Дали тоа што Сара се насмеала покажува дека немала вера? Воопшто не. Библијата вели: „Со вера и Сара доби моќ да зачне потомок, иако веќе ѝ беше поминато времето за раѓање, зашто го сметаше за верен оној што ѝ даде ветување“ (Евреите 11:11). Сара го познавала Јехова. Таа добро знаела дека тој може да го исполни секое свое ветување. На кого од нас не му е потребна таква вера? Многу е важно сѐ подобро да го запознаваме Богот за кого читаме во Библијата. Додека го правиме тоа, ќе ни биде сѐ појасно зошто Сара имала толку силна вера во Јехова. Тој е верен Бог кој секогаш си ги исполнува ветувањата. Понекогаш тоа го прави на начин што воопшто не сме го очекувале.
„ПОСЛУШАЈ ГО НЕЈЗИНИОТ ГЛАС“
Кога имала 90 години, Сара конечно го дочекала денот по кој копнеела целиот свој живот. Му родила син на својот сакан маж, кој во тоа време имал сто години! На бебето, Авраам му го дал името Исак, што значи „смеа“, токму како што му рекол Бог. Можеме да си ја замислиме Сара како со радост вели: „Бог направи да се смеам. Секој што ќе чуе за ова ќе се смее со мене“ (1. Мојсеева 21:6). Тој дар од Јехова несомнено ѝ бил причина за радост сѐ до крајот на нејзиниот живот. Сепак, ѝ донел и многу одговорности.
Кога Исак наполнил пет години, бил одбиен од гради, и затоа семејството се собрало на гозба. Но, се појавил еден проблем. Сара забележала нешто што ја загрижило — Исмаел, синот на Агара кој имал 19 години, цело време го исмејувал Исак. Тоа не било обична детска игра. Подоцна, под водство на светиот дух апостол Павле напишал дека Исмаел го прогонувал Исак. Сара била свесна дека лошото однесување на Исмаел претставува закана за нејзиниот син. И не се работело само за нејзиното дете — Сара знаела дека Исак требало да има клучна улога во исполнувањето на Јеховината намера. Затоа, собрала храброст и отворено зборувала со Авраам. Од него побарала да им рече на Агара и на Исмаел да си заминат (1. Мојсеева 21:8-10; Галатите 4:22, 23, 29).
Како реагирал Авраам? Библијата вели: „Но на Авраам му беше многу криво за синот“. Тој го сакал Исмаел, и врз него сигурно влијаеле неговите татковски чувства. Сепак, Јехова исправно гледал на ситуацијата и затоа презел нешто. Извештајот продолжува: „Тогаш Бог му рече на Авраам: ’Нека не ти е криво за она што ти го вели Сара за момчето и за твојата робинка. Послушај го нејзиниот глас, зашто преку Исак ќе дојде она што ќе се нарече твое семе‘“. Јехова го уверил Авраам дека тој ќе се погрижи за Агара и за момчето, и Авраам го послушал (1. Мојсеева 21:11-14).
Сара добро си ја извршувала улогата на сопруга и му била вистинско дополнение на Авраам. Таа не му го кажувала на својот сопруг само она што сакал да го слушне. Кога забележала дека има проблем кој можел да влијае врз доброто и иднината на семејството, отворено зборувала со Авраам. Не треба избрзано да заклучиме дека со тоа покажала непочитување. Со години подоцна, апостол Петар, кој и самиот бил во брак, ја опишал Сара како добра сопруга која многу го почитувала својот маж (1. Коринќаните 9:5; 1. Петрово 3:5, 6). Всушност, Сара ќе покажела дека не го почитува Авраам ако премолчела во врска со тој проблем, бидејќи тој и целото семејство можеби ќе претрпеле голема штета. Сара од љубов го кажала она што требало да се каже.
Многу сопруги денес се угледуваат на Сара. Од неа учат како искрено и со почит да комуницираат со своите сопрузи. Понекогаш, некои сопруги можеби посакуваат Јехова да преземе нешто и во нивниот случај. Сепак, можат многу да научат од верата, љубовта и стрпливоста на Сара.
Иако Јехова ја нарекол Сара „кнегиња“, таа не очекувала другите да се однесуваат кон неа како кон царица
Иако самиот Јехова ја нарекол оваа мила жена „кнегиња“, таа не очекувала другите да се однесуваат кон неа како кон царица. Воопшто не нѐ изненадува тоа што, кога умрела на 127 години, Авраам тагувал по неа и ја оплакувалc (1. Мојсеева 23:1, 2). Неговата сакана сопруга многу му недостасувала. Без сомнение, оваа верна жена му недостасува и на Јехова Бог, кој во иднина ќе ја воскресне во рајот на Земјата. И Сара и сите што имаат вера како нејзината ги очекува прекрасна иднина и вечни благослови (Јован 5:28, 29).
a Тие во почетокот се викале Аврам и Сараја, но подоцна Бог им дал други имиња. Поради едноставност, во оваа статија ќе ги користиме имињата по кои се попознати.
b Некое време Јехова дозволувал да постои полигамија, но подоцна го овластил Исус Христос одново да го постави мерилото за моногамен брак, како што било во почетокот во рајската градина (1. Мојсеева 2:24; Матеј 19:3-9).
c Сара е единствената жена за која во Библијата е запишано колку години имала кога починала.