Неемија
5 А мажите и нивните жени почнаа многу да се жалат од своите браќа, Евреите. 2 Некои велеа: „Имаме многу синови и ќерки. Ни треба жито за да имаме што да јадеме и да преживееме“. 3 Други велеа: „Ги заложуваме своите ниви, лозја и куќи за да си набавиме жито додека трае гладот“. 4 А трети, пак, велеа: „Ги заложивме нивите и лозјата за да земеме пари на заем и да му платиме данок на царот. 5 Ние сме иста крв со нашите браќа,* и нашите деца вредат исто колку и нивните деца. Сепак, ние мора да ги продаваме своите синови и ќерки како робови. Всушност, некои наши ќерки веќе се во ропство. И не можеме да сториме ништо во врска со ова бидејќи нашите ниви и лозја им припаѓаат на други“.
6 Кога ги слушнав нивните жалби, многу се разгневив. 7 Откако внимателно размислив за тоа, ги прекорив достоинствениците и намесниците и им реков: „Секој од вас зема камата* од својот сопствен брат“.
Потоа свикав голем собир поради нив. 8 И им реков: „Ние сторивме сѐ што можевме за да ги откупиме нашите сонародници* кои им беа продадени на другите народи. Зарем сега вие ќе ги продавате своите сопствени браќа, па ние повторно да ги откупуваме?“ Тие молчеа и не знаеја што да кажат. 9 Тогаш им реков: „Тоа што го правите не е во ред. Зар не треба да покажувате стравопочит кон нашиот Бог* за да не можат да ни се подбиваат непријателските народи? 10 Јас, моите браќа и моите слуги исто така даваме на заем пари и жито, но не бараме камата. Ве молам, престанете да барате камата! 11 Ве молам, вратете им ги уште денес нивите, лозјата, маслинарниците и куќите, како и стотиот дел* од парите, од житото, од младото вино и од маслото што сте им го зеле како камата“.
12 А тие рекоа: „Ќе им вратиме сѐ и нема да бараме ништо од нив. Ќе направиме токму така како што велиш“. Тогаш ги повикав свештениците и ги натерав оние што земаа камата да се заколнат пред нив дека ќе го исполнат она што го ветија. 13 Потоа ја истресов мојата облека* и реков: „Вака вистинскиот Бог нека го истресе од неговата куќа и од неговиот имот секој што нема да го исполни ова ветување. Вака нека биде истресен и нека остане без ништо!“ Тогаш сите што беа таму рекоа:* „Така нека биде!“,* и почнаа да го фалат Јехова. А народот го направи она што го вети.
14 Освен тоа, од денот кога цар Артаксеркс ме постави како управител на земјата Јуда — од 20-тата до 32-та година од неговото владеење, вкупно 12 години — ни јас ни моите браќа не ја баравме храната што му следуваше на управителот. 15 А оние што биле управители пред мене му го отежнувале животот на народот и земале од него секој ден по 40 сикли* сребро за леб и вино. А нивните слуги го угнетувале народот. Но, јас не го правев тоа бидејќи се плашев од Бог.
16 Исто така, учествував во изградбата на ѕидот заедно со моите слуги, но не стекнавме ниту една нива. 17 На мојата трпеза јадеа 150 Евреи и намесници, како и оние што доаѓаа кај нас од околните народи. 18 Секој ден, на мој трошок* се приготвуваше по еден јунец, шест најдобри овци, како и птици, а на секои десет дена се набавуваа големи количини од најразлични сорти вино. И покрај сето ова, не ја барав храната што ми следуваше како управител, бидејќи народот и без тоа носеше голем товар. 19 Сети се на мене по добро, Боже мој, поради сето она што го направив за овој народ.