Лука
5 Во една прилика, додека Исус стоеше покрај Генисаретското Езеро,* народот се туркаше околу него за да ја слушне Божјата реч. 2 И виде два чамца на брегот од езерото, а рибарите беа излегле од нив и ги плавеа мрежите. 3 Влезе во чамецот на Симон и го замоли да се оддалечат малку од копното. Тогаш седна и почна да го поучува народот од чамецот. 4 Кога престана да зборува, му рече на Симон: „Отплови каде што е длабоко, и фрлете ги своите мрежи“. 5 А Симон рече: „Учителе, цела ноќ се мачевме и ништо не уловивме, но штом ти така велиш, ќе ги спуштам мрежите“. 6 Кога го направија тоа, фатија толку многу риби што мрежите почнаа да им се кинат. 7 Затоа, им дадоа знак на своите другари во другиот чамец да дојдат и да им помогнат. И дојдоа, и толку ги наполнија двата чамца што скоро ќе потонеа. 8 Кога го виде тоа, Симон Петар падна на колена пред Исус и рече: „Оди си од мене, Господару, бидејќи сум грешен човек“. 9 Зашто, кога видоа колку риби фатија, беа запрепастени и тој и сите што беа со него, 10 а исто така и Јаков и Јован, синовите на Зеведеј, кои работеа заедно со Симон. Но Исус му рече на Симон: „Не плаши се. Отсега ќе ловиш луѓе“. 11 И така ги извлекоа чамците на копното, оставија сѐ и појдоа по него.
12 Во друга прилика, додека беше во еден град, сретна еден човек полн со лепра. Кога човекот го здогледа Исус, му се поклони со лицето до земја и го молеше: „Господару, ако сакаш, ти можеш да ме исчистиш“. 13 Исус ја испружи раката, го допре и рече: „Сакам! Исчисти се“. И лепрата веднаш исчезна од него. 14 И му заповеда на човекот: „Никому ништо не кажувај, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси жртва за своето очистување, како што заповеда Мојсеј, за свештениците да видат дека навистина си оздравел“. 15 И веста за Исус сѐ повеќе се ширеше, и многу луѓе се собираа за да го слушаат и да бидат излекувани од своите болести. 16 А Исус често одеше на осамени места за да се моли.
17 Еден ден, додека поучуваше во една куќа, таму седеа фарисеи и учители на Законот, кои беа дошле од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. А Јехова му даваше моќ да лекува. 18 Тогаш некои луѓе донесоа на носилка еден парализиран човек, и се обидуваа да го внесат и да го стават пред Исус. 19 Но поради мноштвото, не можеа да го внесат, па се качија на покривот, направија отвор меѓу ќерамидите и го спуштија со носилката пред Исус. 20 Кога ја виде нивната вера, му рече на парализираниот: „Простени ти се гревовите“. 21 Тогаш познавачите на Законот* и фарисеите почнаа да размислуваат: „Кој е овој што хули? Кој може да простува гревови освен Бог?“ 22 А Исус сфати за што размислуваат, па им рече: „Зошто размислувате така? 23 Што е полесно? Да се рече: ’Простени ти се гревовите‘ или ’Стани и оди‘? 24 Но еве, за да знаете дека Синот човечки има власт на земјата да простува гревови...“ И му рече на парализираниот: „Тебе ти велам, стани, земи си ја носилката и оди си дома“. 25 И тој стана пред нив, ја зеде носилката на која лежеше, си отиде дома и го славеше Бог. 26 Тогаш сите до еден беа восхитени и почнаа да го слават Бог, па исполнети со стравопочит велеа: „Денес видовме нешто неверојатно!“
27 Потоа излезе и виде еден даночник, по име Леви, како седи на местото каде што се собираше данок, и му рече: „Појди по мене“.* 28 И тој остави сѐ, стана и почна да оди по него. 29 Потоа Леви му приреди голема гозба во својот дом. А со нив на масата имаше и многу даночници и други луѓе. 30 Тогаш фарисеите и познавачите на Законот* почнаа да им приговараат на неговите ученици: „Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?“ 31 Исус им одговори: „На здравите не им треба лекар, туку на болните. 32 Не дојдов да ги повикам на покајание праведниците, туку грешниците“.
33 А тие му рекоа: „Учениците на Јован често постат и сесрдно се молат, а тоа го прават и учениците на фарисеите, но твоите јадат и пијат“. 34 А Исус им рече: „Можете ли да ги натерате пријателите на младоженецот да постат додека младоженецот е со нив? 35 Но ќе дојде време кога младоженецот повеќе нема да биде со нив,* и тогаш ќе постат“.
36 А им раскажа и една споредба: „Никој не сече парче од нова облека за да го сошие на стара облека. Инаку новото парче ќе се откине, а и парчето од новата облека не одговара на старата. 37 И никој не става младо вино во стари мешини. Инаку младото вино ќе ги скине мешините и ќе се пролее, а мешините ќе пропаднат. 38 Затоа, младото вино треба да се стави во нови мешини. 39 Никој што пиел старо вино не сака младо, зашто вели: ’Старото е добро‘“.