Марко
5 И дојдоа на другата страна од морето, во герасинскиот крај.+ 2 И штом излезе од чамецот, откај гробиштата му дојде во пресрет еден човек обземен од нечист дух.+ 3 Тој живееше меѓу гробовите, и никој не можеше да го врзе, дури ни со синџири. 4 Честопати беше врзуван со окови и со синџири, но секојпат ги кинеше синџирите и ги кршеше оковите. Никој не можеше да го скроти. 5 И без престан, ноќе и дење, викаше по гробовите и по ридовите и се удираше со камења. 6 Но, кога го здогледа Исус оддалеку, потрча и му се поклони, 7 па извика на цел глас:+ „Што имам јас со тебе Исусе, Сине на Севишниот Бог?+ Те заколнувам во Бога+ да не ме мачиш!“+ 8 Зашто, Исус му велеше: „Нечист духу, излези од овој човек!“+ 9 И го праша: „Како се викаш?“ А тој му одговори: „Името ми е Легија,*+ зашто сме многу“.+ 10 И упорно го преколнуваше да не ги истерува од тој крај.+
11 А таму, по ридот, пасеше голем булук+ свињи.+ 12 И го молеа: „Испрати нѐ во свињите, да влеземе во нив“. 13 И тој им дозволи. Тогаш нечистите духови излегоа и влегоа во свињите. И булукот јурна преку стрмната карпа во морето. Во булукот имаше околу две илјади свињи, и сите се удавија во морето.+ 14 А свињарите побегнаа и раширија глас за тоа во градот и во околината. И луѓето дојдоа да видат што се случило.+ 15 Кога дојдоа кај Исус и кога го видоа човекот што беше обземен од демони — оној во кого имаше една легија демони — како седи облечен и со здрав ум, се уплашија. 16 А очевидците им раскажаа што се случи со човекот обземен од демони и со свињите. 17 И почнаа да го молат да си оди од нивниот крај.+
18 Додека влегуваше во чамецот, човекот кој претходно беше обземен од демони почна да го моли да му дозволи и тој да појде со него.+ 19 Но, тој не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома кај своите роднини+ и раскажи им за сѐ што направи Јехова+ за тебе и како ти се смилува“.+ 20 И човекот отиде и почна да објавува во Декаполис*+ за сето она што Исус го направи за него. И сите се восхитуваа.+
21 Кога Исус повторно премина со чамецот на спротивниот брег, околу него се собра многу народ. А беше покрај морето.+ 22 И дојде еден од настојниците на синагогата, кој се викаше Јаир. Кога го здогледа, се фрли на колена пред него+ 23 и сесрдно го молеше: „Мојата ќеркичка е на умирање. Те молам, дојди и положи ги рацете+ врз неа за да оздрави и да живее“.+ 24 И Исус замина со него. По него одеа многу луѓе и го притискаа.+
25 А една жена дванаесет години+ страдаше од крвавење+ 26 и претрпе големи маки од многу лекари,+ и потроши сѐ што имаше, и ништо не ѝ беше од полза, туку ѝ беше уште полошо. 27 Кога чу за Исус, му се приближи одзади во мноштвото и му ја допре+ облеката. 28 Си мислеше: „Ако ја допрам само неговата облека, ќе оздравам“.+ 29 И веднаш престана да крвави, па почувствува во телото дека оздраве од својата мачна болест.+
30 Исус веднаш почувствува во себе дека од него излезе сила,+ па се сврте во мноштвото и праша: „Кој ми ја допре облеката?“+ 31 А неговите ученици му одговорија: „Гледаш дека мноштвото те притиска,+ а ти прашуваш: ‚Кој ме допре?‘ “ 32 Но тој погледна наоколу за да ја види жената која го стори тоа. 33 А таа, сета исплашена и растреперена, бидејќи знаеше што ѝ се случи, дојде и се фрли пред него и му ја кажа целата вистина.+ 34 А тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир+ и биди здрава од својата мачна болест“.+
35 Додека уште зборуваше, дојдоа некои луѓе од домот на настојникот на синагогата и рекоа: „Ќерка ти умре! Зошто да го мачиш учителот?“+ 36 Кога Исус го слушна тој разговор, му рече на настојникот на синагогата: „Не плаши се, само верувај!“+ 37 И никому не му дозволи да го придружува, освен на Петар, Јаков и Јован, братот на Јаков.+
38 Кога дојдоа во куќата на настојникот на синагогата, го виде метежот и ги виде луѓето како плачат и редат на сет глас. 39 Влезе и им рече: „Зошто создавате метеж и плачете? Детето не е умрено, туку спие“.+ 40 А тие му се потсмеваа. Но тој ги избрка сите и ги зеде со себе таткото и мајката на детето и оние што беа со него, па влезе таму каде што беше детето.+ 41 И го фати девојчето за рака и му рече: „Талита куми“, што значи: „Девојче, тебе ти велам, стани!“+ 42 И девојчето веднаш стана и почна да оди, а имаше дванаесет години. И беа избезумени од радост.+ 43 А тој неколку пати им заповеда никој да не дознае+ за тоа. И рече да ѝ дадат да јаде.