Христијанските жени заслужуваат чест и почит
„Вие сопрузи, живејте . . . со нив според спознанието, оддавајќи им чест како на послаб сад, женски“ (1. ПЕТРОВО 3:7, НС).
1, 2. а) Каква загриженост предизвикал Исусовиот разговор со Самарјанката кај бунарот, и зошто? (Види ја и фуснотата.) б) Што покажал Исус со тоа што ѝ проповедал на Самарјанката?
ЕДНО попладне, кон крајот на 30 година н. е., кај стариот бунар близу градот Сихар, Исус го открил својот став за тоа како да се постапува со жените. Утрото го поминал во напорно пешачење низ ритчестата Самарија и кај бунарот пристигнал уморен, гладен и жеден. Додека седел крај бунарот, се приближила една Самарјанка за да нацрпи вода. „Дај Ми да пијам“, ѝ рекол Исус. Сигурно жената вчудовидено го гледала. Прашала: „Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ Подоцна, кога неговите ученици се вратиле по пазарувањето на прехранбени артикли, тие биле стаписани и зачудени зошто Исус ‚говорел со жена‘ (Јован 4:4-9, 27).
2 Што ја натерало оваа жена да го постави тоа прашање, а учениците да се загрижат? Таа била Самарјанка, а Евреите не се мешале со Самарјани (Јован 8:48). Но, очигледно имало и друга причина за загриженост. Во тоа време рабинската традиција ги одвраќала мажите да разговараат јавно со жените.a Сепак, Исус отворено ѝ проповедал на оваа искрена жена, па дури ѝ открил дека тој е Месијата (Јован 4:25, 26). Со тоа Исус покажал дека не сакал да има некаква врска со небиблиски традиции, вклучувајќи ги и оние кои ги понижувале жените (Марко 7:9-13). Напротив, со она што го правел и поучувал, Исус покажал дека со жените треба да се постапува со чест и почит.
Како постапувал Исус со жените
3, 4. а) Како реагирал Исус на жената која му ја допрела наметката? б) На кој начин Исус дал добар пример за христијанските мажи, особено за надгледниците?
3 Исусовото нежно сочувство кон луѓето се одразувало во начинот на којшто постапувал со жените. Во една прилика, некоја жена која 12 години страдала од течење на крв, го барала Исуса во една толпа. Нејзината состојба ја направила церемонијално нечиста и затоа не смеела да биде таму (3. Мојсеева 15:25-27). Но, била толку очајна што се поткраднала зад Исус. Кога му ја допрела наметката, моментално оздравела! Иако бил на пат кон домот на Јаир, чијашто ќерка била тешко болна, Исус застанал. Затоа што почувствувал дека му излегла сила, тој погледнал наоколу, барајќи го оној кој го допрел. Најпосле, жената дошла и треперејќи паднала пред него. Дали Исус ја прекорил затоа што била во мноштвото или затоа што му ја допрела наметката без негова дозвола? Напротив, спрема неа тој бил многу срдечен и љубезен. „Ќерко“, рекол тој, „верата твоја те спаси.“ Ова било единствениот пат кога Исус директно ословил некоја жена со „ќерко“. Колку само ѝ олеснил на душата тој збор! (Матеј 9:18-22; Марко 5:21-34).
4 Исус гледал зад словото на Законот. Го гледал духот зад него и потребата од милост и сочувство. (Спореди Матеј 23:23.) Исус ги забележал очајните околности на болната жена и го зел во обѕир тоа дека жената била мотивирана од вера. Со тоа им дал добар пример на христијанските мажи, особено на надгледниците. Ако некоја сестра се соочува со лични проблеми или со некоја особено тешка или искушувачка ситуација, старешините треба да гледаат зад непосредните зборови или постапки и да ги земат во обѕир околностите и мотивите. Таквиот увид може да покаже дека се потребни стрпливост, разбирање и сочувство, а не совет и исправка (Изреки 10:19; 16:23; 19:11).
5. а) На кој начин жените биле ограничени со рабинските традиции? (Види ја фуснотата.) б) Кои биле првите што го виделе и посведочиле за воскреснатиот Исус?
5 Во времето кога Исус бил на Земјата, рабинските традиции им го одзеле правото на жените да служат како законски сведоци.b Разгледај што се случило утрото на 16 низан 33 година н. е., кратко по Исусовото воскресение од мртвите. Кој бил првиот што го видел воскреснатиот Исус и им посведочил на другите ученици дека нивниот Господ е подигнат? Испаднало тоа да бидат жените кои останале крај местото на кое бил прикован на столб сѐ додека не издивнал (Матеј 27:55, 56, 61).
6, 7. а) Што им кажал Исус на жените кои дошле кај гробот? б) Како реагирале отпрвин Исусовите машки ученици на сведоштвото на жените, и што може да се научи од ова?
6 Рано изутрината на првиот ден од седмицата, Марија Магдалина и други жени отишле кај гробот со мирудии за да го намачкаат телото на Исус. Откако го нашла гробот празен, Марија отрчала да им каже на Петар и на Јован. Другите жени останале. Наскоро им се јавил еден ангел и им кажал дека Исус е подигнат. „Отидете бргу и кажете им на учениците Негови“, ги упатил ангелот. Додека овие жени итале да ја соопштат веста, им се јавил самиот Исус. „Одете и соопштете им на браќата Мои“, им рекол тој (Матеј 28:1-10; Марко 16:1, 2; Јован 20:1, 2). Без да знае за посетата на ангелот и совладана од тага, Марија Магдалина се вратила кај празниот гроб. Таму ѝ се појавил Исус, и кога најпосле го препознала, тој рекол: „Отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и при вашиот Бог‘“ (Јован 20:11-18; спореди Матеј 28:9, 10).
7 Исус можел прво да му се појави на Петар, на Јован или на некој од другите машки ученици. Наместо тоа, избрал да покаже наклоност кон овие жени со тоа што ги направил први очевидци на неговото воскресение и им дал налог да посведочат за тоа пред неговите машки ученици. Каква била првата реакција на мажите? Извештајот наведува: „Нивните зборови им изгледаа како лага, и не им поверуваа“ (Лука 24:11). Дали можеби им било тешко да го прифатат сведоштвото затоа што дошло од жени? Ако е така, со текот на времето добиле доволно докази дека Исус е подигнат од мртвите (Лука 24:13-46; 1. Коринтјаните 15:3-8). Денешните христијански мажи ќе постапат мудро ако ги земат во обѕир забележувањата на своите духовни сестри. (Спореди 1. Мојсеева 21:12.)
8. Што открил Исус преку начинот на којшто постапувал со жените?
8 Навистина е пријатно да се забележи на кој начин Исус постапувал со жените. Иако бил сочувствителен и потполно урамнотежен во однесувањето со жените, тој никогаш не ги возвишувал ниту потценувал (Јован 2:3-5). Ги отфрлил рабинските традиции кои им го нарушувале достоинството и кои ја направиле неважечка Божјата Реч. (Спореди Матеј 15:3-9.) Постапувајќи со жените со чест и почит, Исус од прва рака го открил ставот на Јехова Бог за тоа како да се постапува со нив (Јован 5:19). Исус им дал на христијанските мажи прекрасен пример што треба да го имитираат (1. Петрово 2:21).
Исусовите учења во врска со жените
9, 10. На кој начин Исус ги побил рабинските традиции во врска со жените, и што рекол кога фарисеите поставиле прашање за разводот?
9 Исус ги побил рабинските традиции и ги удостојувал жените не само со своите постапки туку и со своите учења. Размисли, на пример, што поучувал тој за разводот и прељубата.
10 Во врска со разводот, на Исус му било поставено прашањето: „Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?“ Според извештајот на Марко, Исус рекол: „Кој ќе ја напушти својата жена [освен поради прељуба] и се ожени со друга, тој прељубодејствува спрема неа“ (Марко 10:10-12; Матеј 19:3, 9). Овие едноставно изразени зборови покажувале почит кон достоинството на жените. На кој начин?
11. Што покажуваат Исусовите зборови „освен поради прељуба“ во поглед на брачната врска?
11 Прво, со зборовите „освен поради прељуба“ (се наоѓаат во извештајот од Евангелието на Матеј), Исус укажал дека брачната врска не треба да се зема површно или лесно да се раскине. Доминантните рабински учења допуштале развод и за такви незначителни причини, како на пример, ако сопругата не го направила добро јадењето или ако зборувала со некој туѓинец. Развод бил дозволен дури и ако сопругот си најдел жена која му била попривлечна! Еден библиски научник забележува: „Со она што го кажал . . . Исус им дал поддршка на жените, барајќи бракот да биде вратен на она место на коешто и треба да биде“. Всушност, бракот мора да биде трајна заедница во која жената може да се чувствува сигурна (Марко 10:6-9).
12. Какво сфаќање вовел Исус со зборовите „прељубодејствува против неа“?
12 Второ, со изразот „прељубодејствува против неа“, Исус вовел едно гледиште кое не се признавало во рабинските судови — сфаќањето дека сопругот врши прељуба против својата сопруга. Делото The Expositor’s Bible Commentary (Библиски коментар на толкувачот) објаснува: „Во рабинскиот јудаизам, жената можела преку неверство да изврши прељуба против својот сопруг; а мажот, со сексуалните односи со сопругата на друг маж можел да изврши прељуба против самиот себеси. Но, мажот не можел никогаш да изврши прељуба против својата сопруга, без разлика што и да направел. Наспроти тоа, ставајќи го сопругот под истата морална обврска како сопругата, Исус го подигнал статусот и достоинството на жените“.
13. Како покажал Исус дека под христијанскиот систем треба да има едно мерило за разводот, како за мажите така и за жените?
13 Трето, со фразата „ако го напушти својот маж“, Исус ѝ го признал правото на жената да се разведе од неверниот сопруг — обичај кој очигледно бил познат, но не и вообичаен под еврејскиот закон во тоа време.c Било речено дека „жената може да се разведе по или против своја волја, но мажот само по своја волја“. Меѓутоа, според Исус, под христијанскиот систем, истото мерило требало да важи и за мажите и за жените.
14. Што одразувал Исус со своите учења?
14 Исусовите учења јасно откриваат длабок интерес за доброто на жените. Затоа, не е тешко да се разбере зошто некои жени чувствувале толкава љубов кон Исус, што се грижеле за неговите потреби користејќи го својот имот (Лука 8:1-3). „Учењето Мое не е Мое“, рекол Исус, „а на Оној што Ме прати“ (Јован 7:16). Со она што го поучувал, Исус го одразувал Јеховиниот нежен обѕир спрема жените.
„Почитувајте ги“
15. Што напишал апостол Петар за начинот на којшто сопрузите треба да постапуваат со своите сопруги?
15 Апостол Петар од прва рака го посматрал начинот на којшто Исус постапувал со жените. Околу 30 години подоцна, Петар им дал љубезен совет на жените, а потоа напишал: „Вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество, и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши“ (1. Петрово 3:7). Што мислел Петар со зборовите „почитувајте ги“?
16. а) Какво е значењето на грчката именка што се преведува со „чест“? б) На кој начин Јехова му оддал чест на Исус за време на преображението, и што учиме од тоа?
16 Според еден лексикограф, грчката именка преведена со „чест“ (тиме́) значи „цена, вредност, респект, почит“. Облиците на овој грчки збор се преведуваат со „почести“ и „скапоцен“ (Дела 28:10; 1. Петрово 2:7, НС). Ако го испитаме начинот на кој Петар во 2. Петрово 1:17 го користи обликот на истиот збор, ќе добиеме увид во тоа што значи да му се оддава некому чест. Во врска со Исусовото преображение, таму рекол: „Он прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас: ‚Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение‘“. При Исусовото преображение, Јехова му оддал чест на својот Син со тоа што го изразил своето одобрување на Исус, и тоа го сторил во присуство на други (Матеј 17:1-5). Затоа, мажот кој ѝ оддава чест на својата сопруга, не ја понижува ниту потценува. Напротив, со своите зборови и дела — како приватно тако и јавно — покажува дека ја цени (Изреки 31:28-30).
17. а) Зошто христијанката има право на чест? б) Зошто еден маж не треба да мисли дека во Божји очи вреди повеќе од жената?
17 Петар вели дека ваквата чест христијанските сопрузи треба да им ја ‚оддаваат‘ (НС) на своите сопруги. Тоа треба да го прават не како услуга, туку како законско право на своите сопруги. Зошто жените имаат право на таква чест? Затоа што се „сонаследници на благодатниот живот“, објаснува Петар. Во првиот век од н. е., сите мажи и жени кои го добиле Петровото писмо, биле повикани да бидат сонаследници со Христа (Римјаните 8:16, 17; Галатјаните 3:28). Иако тие не ги имале истите одговорности во собранието, сепак на крајот ќе учествуваат во владеењето со Христос на небото (Откровение 20:6). И денес, кога поголемиот дел од Божјиот народ има земна надеж, би било сериозна грешка некој христијанин да мисли дека поради предностите што ги има во собранието, во Божји очи вреди повеќе од жените. (Спореди Лука 17:10.) Мажите и жените имаат еднаков духовен статус пред Бог, бидејќи Исусовата жртвена смрт им ја отворила истата можност и на мажите и на жените — да бидат ослободени од осудата на гревот и смртта, со изглед за вечен живот (Римјаните 6:23).
18. Која убедлива причина му ја дава Петар на сопругот дека треба да ѝ оддава чест на својата сопруга?
18 Петар дава уште една убедлива причина зошто еден сопруг треба да ѝ оддава чест на својата сопруга ‚за да не се појави препрека во [неговите] молитви‘. Изразот „препрека“ доаѓа од еден грчки глагол (енко́пто), кој дословно значи „да прекине“. Според Вајновиот Expository Dictionary of New Testament Words (Толковен речник на новозаветни зборови), тој „се користел за препречување на лица така што ќе се уништи патот, или нападно ќе се стави некаква препрека на патеката“. Затоа, сопругот кој не ѝ оддава чест на својата сопруга, би можел да заклучи дека постои некаква препрека на патот помеѓу неговите молитви и Божјето услишување. Мажот може да чувствува дека е недостоен да му пристапи на Бог или, пак, дека Јехова можеби не е расположен да слуша. Јасно е дека Јехова е многу заинтересиран за начинот на којшто мажите постапуваат со жените. (Спореди Плач Јеремиин 3:44.)
19. Како можат мажите и жените во собранието да служат заедно со взаемна почит?
19 Обврската да се покажува чест не лежи само врз сопрузите. Иако сопругот треба да ѝ оддава чест на својата сопруга така што со неа ќе постапува љубезно и со достоинство, сопругата исто така треба да му оддава чест на својот сопруг со тоа што ќе биде подложна и ќе покажува длабока почит (1. Петрово 3:1-6). Освен тоа, Павле ги опоменал христијаните да ‚се почитуваат еден со друг‘ (Римјаните 12:10). Тоа е повик до мажите и жените во собранието за да служат заедно со взаемна почит. Ако преовладува таков дух, христијанките нема да зборуваат на начин кој го поткопува авторитетот на оние кои преземаат водство. Наместо тоа, тие ќе ги поддржуваат старешините и ќе соработуваат со нив (1. Коринтјаните 14:34, 35; Евреите 13:17). Христијанските надгледници, пак, од своја страна, ќе постапуваат со ‚старите жени — како со мајки, со младите — како со сестри, со секаква чистота‘ (1. Тимотеј 5:1, 2). На мудар начин, старешините љубезно ќе го земат во обѕир гласот на своите христијански сестри. На тој начин, кога некоја сестра покажува обѕир кон теократското поглаварство и со почит поставува некакво прашање или дури истакнува нешто што заслужува внимание, старешините радо ќе го земат во обѕир нејзиното прашање или проблем.
20. Според библискиот извештај, како треба да се постапува со жените?
20 Уште од гревот во Едем, жените во многу култури се потиснати на срамна положба. Но, Јехова првобитно не предвидел така да се постапува со нив. Без разлика какво гледиште за жените преовладува во една култура, извештајот од Хебрејските и од Христијанските грчки списи јасно покажува дека со побожните жени треба да се постапува со чест и со почит. Тоа право им е дадено од Бог.
[Фусноти]
a The International Standard Bible Encyclopedia објаснува: „Жените не јаделе заедно со машките гости, а мажите биле одвраќани да разговараат со жени. . . . Особено скандалозно било да се разговара со жена на јавно место“. Еврејската Мишна (збирка од рабински учења), советувала: „Не зборувај премногу со жени. . . . Оној кој многу зборува со жени, си нанесува зло, го запоставува проучувањето на Законот и на крајот ќе ја наследи Гехената“ (Абот 1:5).
b Книгата Palestine in the Time of Christ (Палестина во времето на Христос) наведува: „Во некои случаи, жената била скоро изедначувана со роб. На пример, таа не можела да сведочи пред суд, освен да ја потврди смртта на својот сопруг“. Осврнувајќи се на 3. Мојсеева 5:1, Мишната објаснува: „[Законот за] ‚заклетва за сведочење‘ се однесува на мажите, а не на жените“ (Шебуот 4:I).
c Јосип, еврејски историчар од првиот век, известува дека Салома, сестрата на цар Ирод, на својот сопруг му испратила „документ со кој се поништува нивниот брак, што не било во согласност со еврејскиот закон, бидејќи (само) мажот бил тој кој имал дозвола да го стори тоа“ (Jewish Antiquities — Еврејски старини, XV, 259, [vii, 10]).
Како ќе одговориш?
◻ Кои примери покажуваат дека Исус постапувал спрема жените со чест и почит?
◻ На кој начин Исусовите учења покажувале почит кон достоинството на жените?
◻ Зошто треба сопругот да ѝ оддава чест на својата христијанска сопруга?
◻ Која обврска за покажување чест ја имаат сите христијани?
[Слика на страница 17]
На нивна радост, побожните жени биле првите кои го виделе воскреснатиот Исус, кој им дал налог да им посведочат на неговите браќа