Естира
9 Заповедта и законот на царот требаше да се извршат на 13-тиот ден од 12-тиот месец, односно месецот адар. Но, токму на тој ден, кога непријателите се надеваа дека ќе ги поразат Евреите, се случи спротивното — Евреите ги поразија своите непријатели.* 2 Евреите се собраа во своите градови во сите покраини на цар Ахасвер за да се борат против оние што сакаа да ги нападнат, и никој не можеше да им се спротивстави бидејќи сите народи ги обзеде страв од нив. 3 А сите кнезови на покраините, сатрапите,* управителите и оние што ги вршеа работите на царот им помагаа на Евреите затоа што се плашеа од Мардохеј. 4 Тој стана влијателен човек во царскиот дворец, и гласот за него се ширеше низ сите покраини бидејќи стануваше сѐ помоќен.
5 Евреите ги поразија сите свои непријатели, ги убија со меч и ги уништија. Со нив направија онака како што сакаа. 6 Во тврдината Суза Евреите погубија и уништија 500 луѓе. 7 Освен тоа, ги убија и Фарсандат, Далфон, Аспат, 8 Порат, Адалиј, Аридат, 9 Фармаст, Арисај, Аридај и Ваезат, 10 десетте синови на Аман, синот на Амедата, непријателот на Евреите. Ги убија, но не зедоа ништо од нивниот имот.
11 Уште истиот ден, на царот му беше јавено колку луѓе беа убиени во тврдината Суза.
12 Тој ѝ рече на царицата Естира: „Во тврдината Суза Евреите погубија и уништија 500 луѓе, а и десетте синови на Аман. Тогаш којзнае колку луѓе убиле во другите царски покраини! Каква молба имаш сега? Ќе ти биде исполнета! И што друго бараш од мене? Ќе добиеш!“ 13 Естира одговори: „Ако му е по волја на царот, нека им биде дозволено на Евреите во Суза и утре да постапуваат според денешниот закон, а десетте синови на Аман нека бидат обесени на столбот“. 14 Царот заповеда да се направи така. Во Суза беше издаден закон, и десетте синови на Аман беа обесени.
15 Евреите во Суза се собраа и на 14-тиот ден од месецот адар, и убија уште 300 луѓе во Суза, но не зедоа ништо од нивниот имот.
16 И останатите Евреи во царските покраини се собраа за да се бранат. Тие убија 75.000 свои непријатели, и така се ослободија од оние што ги мразеа, но не зедоа ништо од нивниот имот. 17 Ова се случи на 13-тиот ден од месецот адар. А на 14-тиот ден Евреите престанаа да се борат,* и тој ден се гоштаваа и се веселеа.
18 Евреите во Суза се собраа на 13-тиот и на 14-тиот ден за да се борат, а на 15-тиот ден престанаа да се борат,* и тој ден се гоштаваа и се веселеа. 19 А Евреите кои живееја во другите градови се веселеа и се гоштаваа на 14-тиот ден од месецот адар. Тие го славеа овој ден и си испраќаа храна како подарок.
20 Мардохеј ги запиша овие настани и испрати писма до сите Евреи во сите покраини на цар Ахасвер, и до оние што живееја близу и до оние што живееја далеку. 21 Тој им нареди секоја година да ги празнуваат 14-тиот и 15-тиот ден од месецот адар, 22 бидејќи на тие два дена Евреите се ослободија од своите непријатели, и во тој месец нивната жалост се претвори во радост, а нивното тажење во прослава. Требаше да ги одбележуваат тие денови со гозба и со веселба, да си испраќаат храна како подарок и да им даваат подароци на сиромашните.
23 Евреите се согласија да ги празнуваат тие денови секоја година и да го прават она што им го напиша Мардохеј. 24 Всушност, Аман, синот на Амедата од лозата на Агаг, непријателот на сите Евреи, скова заговор да ги истреби. Тој заповеда да се фрли пур, односно ждрепка, за да им влее страв и да ги уништи. 25 Но, кога Естира дојде пред царот, тој ја издаде оваа писмена заповед: „Злобниот план што Аман го скова против Евреите нека падне врз негова глава“. Така ги обесија него и неговите синови на столб. 26 И го нарекоа тој празник Пурим, по зборот пур.* Поради сето она што Мардохеј го напиша во писмото, и поради она што го видоа и претрпеа, 27 Евреите се обврзаа дека тие и нивните потомци и сите што ќе им се придружат ќе ги празнуваат тие два дена секоја година, без исклучок, и ќе прават сѐ што беше пропишано за нив. 28 Евреите треба да се сеќаваат на тие денови и да ги слават од поколение во поколение, во секое семејство, во секоја покраина и во секој град. Не смеат да престанат да го слават празникот Пурим, и споменот за него не смее да се избрише меѓу нивните потомци.
29 Потоа беше напишано второ писмо во врска со Пурим, кое царицата Естира, ќерката на Авихаил, и Евреинот Мардохеј го потврдија, повикувајќи се на овластувањата што им беа дадени. 30 Тој испрати писма со порака за мир и вистина до сите Евреи што живееја во 127-те покраини на царството на Ахасвер. 31 Во нив беше потврдено дека тие треба да го празнуваат Пурим во одреденото време, и притоа да постат и да му се молат на Бог — токму како што им заповедаа Евреинот Мардохеј и царицата Естира, и како што се обврзаа самите, а и своите потомци. 32 Со заповедта на Естира беа потврдени овие прописи за Пурим, и тоа беше запишано во летописите.