Неемија
8 Тогаш сите сложно се собраа на плоштадот пред Водната порта, па му рекоа на препишувачот* Езра да ја донесе книгата на Мојсеевиот закон кој Јехова му го даде на Израел. 2 Така, на првиот ден од седмиот месец, свештеникот Езра го донесе Законот за да го чита пред мноштвото* мажи и жени, како и пред сите кои можеа да го разберат она што го слушаат. 3 Од утро до пладне, читаше од него на глас на плоштадот пред Водната порта, пред мажите, жените и сите што можеа да разберат. И народот внимателно слушаше додека се читаше книгата на Законот. 4 Препишувачот Езра стоеше на дрвена бина која беше направена за таа прилика. Десно од него стоеја Матитиј, Сема, Анаја, Урија, Хелкија и Маасија, а лево од него беа Федаија, Мисаил, Малхија, Асум, Асвадан, Захарија и Месулам.
5 Езра ја отвори книгата и сите луѓе можеа да го видат бидејќи беше застанат на повисоко. А кога ја отвори, целиот народ стана. 6 Тогаш Езра му упати фалба на Јехова, вистинскиот и величествен Бог, а сите со кренати раце одговорија: „Амин!* Амин!“ Потоа му се поклонија на Јехова со лицето доземи. 7 Левитите Исус, Вани, Серевија, Јамин, Акув, Саветај, Одија, Маасија, Келита, Азарија, Јозавад, Ханан и Пелаја му го објаснуваа Законот на народот, а народот стоеше. 8 Тие продолжија да читаат на глас од книгата на Законот на вистинскиот Бог и да го објаснуваат значењето на она што беше напишано. Така им помагаа на луѓето да го разберат она што се читаше.
9 А додека ги слушаа зборовите на Законот, сите плачеа. Затоа Неемија, кој тогаш беше управител,* и Езра, кој беше свештеник и препишувач, како и левитите кои го поучуваа народот, им рекоа на насобраните луѓе: „Ова е свет ден за Јехова, вашиот Бог. Не тагувајте и не плачете!“ 10 Потоа Неемија им рече: „Одете, јадете најубави* јадења, пијте благи пијалаци и поделете ја храната со оние што немаат ништо, бидејќи ова е свет ден за нашиот Господар. Не бидете тажни. Радоста што ја дава Јехова е ваша сила!“* 11 И левитите ги смируваа луѓето, велејќи им: „Не плачете! Овој ден е свет. Немојте да бидете тажни“. 12 Така сите отидоа да јадат, да пијат и да ја делат храната со другите, и многу се радуваа затоа што го разбраа она што им беше прочитано.
13 Следниот ден, родовските поглавари на целиот народ, свештениците и левитите се собраа кај препишувачот Езра бидејќи сакаа уште подобро да го разберат она што го пишува во Законот. 14 И во него најдоа запишано дека Јехова, преку Мојсеј, им заповедал на Израелците да живеат под сеници* додека трае празникот во седмиот месец, 15 и дека треба да го објават тоа. Сфатија дека треба да го разгласат следново во Ерусалим и по сите свои градови: „Појдете во планините и донесете разлистени гранки од маслинки, од борови, од мирта, од палми и од други дрвја за да направите сеници, како што е запишано во Законот“.
16 Затоа го сторија тоа, па народот отиде и донесе гранки за да си направи сеници — секој на својот покрив, во својот двор, во дворовите на домот на вистинскиот Бог, на плоштадот пред Водната порта и на плоштадот пред Ефремовата порта. 17 Сите што се вратија од заробеништво си направија сеници и престојуваа во нив. Израелците го немаа славено празникот на ваков начин уште од времето на Исус, синот на Навин. Затоа беа многу радосни. 18 И секој ден — од првиот до последниот — се читаше на глас книгата на Законот на вистинскиот Бог. Празникот се славеше седум дена, а на осмиот ден се одржа свечен собир, како што беше пропишано.