Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Неемија
ПОМИНАЛЕ дванаесет години откако на Евреите им се случиле последните настани запишани во библиската книга Езра. Набргу требало да ‚излезе словото да се вратат и да го изградат пак Ерусалим‘ — настан што ќе го означел почетокот на 70-те седмици претворени во години, кои ќе водат до времето кога ќе се појави Месијата (Даниел 9:24-27). Книгата Неемија е дел од историјата на Божјиот народ која го вклучува повторното градење на ерусалимскиот ѕид. Опфаќа еден многу значаен период од 12 години, од 456 година пр.н.е. до некаде по 443 година пр.н.е.
Книгата ја напишал управителот Неемија, и на возбудлив начин покажува колку се возвишува вистинското обожавање кога се презема одлучна акција и истовремено се покажува потполна доверба во Јехова. Во неа јасно се гледа како Јехова ги води работите за да се исполни неговата волја. Таа е и приказна за еден силен и храбар водач. Пораката од книгата Неемија содржи корисни поуки за сите вистински обожаватели денес, „оти речта Божја е жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12).
„ЅИДОТ БЕШЕ ЗАВРШЕН“
Неемија се наоѓа во дворецот во Шуша и служи на одговорна положба пред царот Артаксеркс Лонгиманус. Кога дознава дека неговиот народ ‚е во голема неволја и срам, ерусалимскиот ѕид е разурнат сиот, а вратите му се изгорени со оган‘, Неемија многу се разжалостува. Од сѐ срце го моли Бог да ги води работите (Неемија 1:3, 4). По некое време царот забележува дека Неемија е тажен, и тоа му отвора прилика да појде во Ерусалим.
Неемија пристигнува во Ерусалим и една ноќ станува да го прегледа ѕидот. Потоа им кажува на Евреите дека има план тој ѕид одново да се изгради. Градењето започнува. Започнуваат и пречките од оние што се противат. Но, благодарение на храброто водство што го презема Неемија, ‚ѕидот е завршен‘ (Неемија 6:15).
Одговорени библиски прашања:
1:1; 2:1 — Дали „дваесеттата година“ спомната во овие два стиха се смета од иста појдовна точка? Да, тоа е дваесеттата година од владеењето на царот Артаксеркс. Сепак, начинот на кој е пресметана во овие стихови е различен. Според историските податоци, Артаксеркс се зацарил во 475 година пр.н.е. Бидејќи вавилонските писари имале обичај да ги бројат годините на владеење на персиските цареви од нисан (март/април) до нисан, првата година на владеењето на Артаксеркс започнала во нисан 474 година пр.н.е. Значи, дваесеттата година од владеењето, спомната во Неемија 2:1, започнала во нисан 455 година пр.н.е. Месецот хаслев (ноември/декември), спомнат во Неемија 1:1, логично бил хаслев претходната година — 456 година пр.н.е. Неемија вели дека тој месец исто така се паѓа во дваесеттата година од владеењето на Артаксеркс. Овде тој најверојатно ги брои годините почнувајќи од денот кога овој цар стапил на служба. Друга претпоставка би била дека Неемија го сметал времето спрема она што Евреите денес го нарекуваат граѓанска година, која започнува во месецот тишри, што значи септември/октомври. Како и да е, точната година кога било дадено одобрение да се обнови Ерусалим е 455 година пр.н.е.
4:17, 18 — Како може некој да работи градежна работа со само една рака? За оние што носеле товар, тоа не било проблем. Откако ќе го ставеле товарот на глава или на рамена, лесно можеле да го држат во рамнотежа со едната рака, додека ‚оружјето им било во другата‘. Градителите што требало да ги користат и двете раце ‚носеле меч препашан на половината‘. Во случај непријателот да нападнел, биле спремни да се бранат.
5:7 — Во која смисла Неемија ‚ги укорил благородниците и првенците‘? Тие барале камати од своите сонародници, нешто што било забрането со Мојсеевиот закон (Левит 25:36; Второзаконие 23:19). Што е уште полошо, каматите биле превисоки. Ако „стотиот дел“ се плаќал месечно, вкупната годишна стапка би изнесувала 12 проценти (Неемија 5:11). Било сурово да им се наметнува нешто такво на луѓе коишто веќе плаќале голем данок и немале доволно за јадење. Неемија ја увидел грешката што ја правеле богатите, и повикувајќи се на Божјиот закон ги укорил, со што јасно покажал дека грешат.
6:5 — Доверливите писма вообичаено се испраќале затворени и запечатени. Зошто Санавалат му испратил „отворено писмо“ на Неемија? Можеби Санавалат сакал да се расчујат лажните обвиненија коишто ги изнел, па ги пратил во отворено писмо. Може и да се надевал дека тие толку ќе го разгневат Неемија што ќе ја остави работата и ќе дојде да се брани. Или, пак, можеби си мислел дека содржината на писмото ќе создаде таква паника меѓу Евреите што сите ќе ја прекинат работата. Неемија не дозволил тоа да го исплаши и смирено продолжил да ја врши работата што му ја дал Бог.
Поуки за нас:
1:4; 2:4; 4:4, 5. Кога ќе се најдеме во тешка ситуација или кога мора да донесеме важни одлуки, треба да ‚истраеме во молитва‘ и да постапуваме според теократските упатства (Римјаните 12:12).
1:11–2:8; 4:4, 5, 15, 16; 6:16. Јехова одговара на искрените молитви на своите слуги (Псалм 86:6, 7).
1:4; 4:19, 20; 6:3, 15. Иако Неемија бил човек со нежни чувства, ни оставил и убав пример за себе како човек од акција, кој цврсто се бори за она што е праведно.
1:11–2:3. Главниот извор на задоволство на Неемија не претставувала неговата угледна служба како пехарник на царот. Најголема радост му носел напредокот на чистото обожавање. Зар не треба и нам обожавањето на Јехова и сѐ што го унапредува да ни биде најважното нешто и да ни носи најголема радост во животот?
2:4-8. Јехова го поттикнал Артаксеркс да му даде дозвола на Неемија да оди да го обнови ерусалимскиот ѕид. „Царевото срце е во рацете на Господа, како вода што тече; го води каде што сака“, велат Пословици 21:1.
3:5, 27. Не треба да сметаме дека ни е под достоинство да извршуваме физичка работа во склоп на вистинското обожавање, како што било случај со ‚племенските главатари‘ на Текојците. Наместо тоа, треба да сме како обичните Текојци, кои биле спремни да работат.
3:10, 23, 28-30. Иако некои се во можност да се преселат таму каде што има поголема потреба од објавители на Царството, многу од нас го поддржуваат чистото обожавање онаму каде што живеат. Тоа го правиме на тој начин што помагаме кога се градат Сали на Царството и кога има природни катастрофи, а најмногу со тоа што учествуваме во делото на проповедање на Царството.
4:14. Кога сме соочени со противење, и ние можеме да го совладаме стравот така што ќе мислиме на „Господа, голем и страшен“.
5:14-19. За христијанските надгледници, управителот Неемија е одличен пример на понизност, несебичност и промисленост. Иако ревносен кога станува збор за Божјиот закон, тој не им ја наметнувал својата волја на другите за да извлече лична корист. Напротив, покажал грижа за измачените и сиромашните. Со својата дарежливост, Неемија е исклучителен пример за сите Божји слуги.
„СПОМНИ СИ ЗА МЕНЕ, БОЖЕ МОЈ, ЗА МОЕ ДОБРО!“
Кога завршува изградбата на ѕидот околу Ерусалим, Неемија ги поставува вратите и средува градот да биде обезбеден. Продолжува да го пишува родословието. Кога сиот народ се собира „на ширината што е пред Водната Врата“, свештеникот Езра чита од свитокот на Мојсеевиот закон, а Неемија и Левитите му го објаснуваат законот на народот (Неемија 8:1). Кога сфаќаат дека почнал празникот Сеници, со радост го прославуваат.
Следува уште еден собир, на кој „Израелевиот род“ ги исповеда гревовите што ги направил народот, левитите одново им зборува за Божјите постапки со Израел, и народот се обврзува ‚дека ќе оди според Божјиот закон‘ (Неемија 9:1, 2; 10:29). Бидејќи градот сѐ уште има многу малку население, се фрла ждрепка за секој десетти човек што живее во другите градови да се пресели во Ерусалим. Потоа ѕидот е посветен, и владее толкаво воодушевување што ‚радоста на Ерусалим се слушала надалеку‘ (Неемија 12:43). Дванаесет години по своето доаѓање, Неемија си заминува од Ерусалим за да им се врати на своите претходни обврски во службата на Артаксеркс. Наскоро Евреите пак почнуваат да се однесуваат нечисто. Откако се враќа во Ерусалим, Неемија презема одлучни мерки за да ги исправи работите. За себе лично, има само едно скромно барање: „Спомни си за мене, Боже мој, за мое добро!“ (Неемија 13:31).
Одговорени библиски прашања:
7:6-67 — Зошто во списокот на Неемија бројките на оние од остатокот што се вратиле со Зоровавел во Ерусалим се разликуваат од бројките што ги дава Езра за секое домаќинство поединечно? (Езра 2:1-65). Причината за разликите може да е тоа што Езра користел еден, а Неемија друг изворен материјал. На пример, бројот на оние што биле запишани за да се вратат можеби се разликувал од бројот на оние што навистина се вратиле. Друга причина за разликите може да е и тоа што некои Евреи кои на почетокот не можеле да се најдат во родословијата, подоцна се нашле. Како и да е, во една работа и двата извештаи се поклопуваат: бројот на оние што се вратиле први бил 42.360, без робовите и пејачите.
10:34 — Зошто од луѓето се барало да донесуваат дрва? Во Мојсеевиот закон не било заповедано да се принесуваат дрва. Ова барање било дадено само заради моменталните потреби. За да се горат жртвите на жртвеникот биле потребни многу дрва. Очигледно, немало доволно Нетинци кои служеле како храмски робови иако не биле Израелци. За секогаш да има некој што ќе донесе дрва, била фрлена ждрепка според која се направил распоред.
13:6 — Колку долго Неемија бил отсутен од Ерусалим? Единствено што кажува Библијата е дека „по некое време“, или буквално преведено „на крајот на деновите“, Неемија измолил од царот да се врати во Ерусалим. Затоа е невозможно да се утврди колку долго бил отсутен. Но, знаеме дека, кога Неемија се вратил во Ерусалим, на свештениците не им се давало издршка и не се држел сабатниот закон. Мнозина се ожениле со туѓинки, а нивните деца дури и не знаеле да зборуваат еврејски. Неемија мора да бил отсутен подолго време штом состојбата се влошила до тој степен.
13:25, 28 — Освен што „ги корел“ Евреите што си се вратиле на старите гревови, кои други поправни мерки ги презел Неемија? Неемија ‚ги проколнувал‘ така што ги изрекол против нив осудите што стојат во Божјиот закон. Тој ‚ги биел‘, најверојатно во смисла дека наредил да се преземат судски мерки против нив. Како симбол на тоа колку бил згрозен од нивниот морал, тој ‚ги корнел за коса‘. Исто така го избркал и внукот на првосвештеникот Елијасив, кој се оженил со ќерката на Оронецот Санавалат.
Поуки за нас:
8:8. Кога поучуваме за Божјата реч, ние ‚ја разјаснуваме смислата‘ така што добро ги изговараме и исправно ги нагласуваме зборовите од Библијата, и ја објаснуваме нивната примена.
8:10. „Господовата радост“ е резултат на тоа што сме свесни за своите духовни потреби и ги задоволуваме, и на тоа што ги следиме теократските упатства. Колку многу е важно марливо да ја проучуваме Библијата, редовно да одиме на христијанските состаноци и ревносно да учествуваме во делото на проповедање на Царството и правењето ученици!
11:2. Оној што го оставал наследството и тргнувал да се пресели во Ерусалим требало да биде спремен на лични трошоци и некои неугодности. Оние што доброволно го сториле тоа покажале самопожртвуван дух. И ние можеме да покажеме таков дух така што ќе служиме како доброволци на конгресите и во други прилики.
12:31, 38, 40-42. Пеењето е еден убав начин да го славиме Јехова и да ја покажеме нашата благодарност кон него. На христијанските собири треба да пееме од срце.
13:4-31. Мораме многу да пазиме да не дозволиме материјализмот, корупцијата и отпадништвото да навлезат во нашиот живот.
13:22. На Неемија му било јасно дека е одговорен пред Бог. И ние треба да сме свесни дека носиме одговорност пред Јехова.
Јеховиниот благослов е неопходен!
„Ако Господ не го гради домот,“ вели псалмистот, „напразно се трудат ѕидарите“ (Псалм 127:1). Колку убаво покажува книгата Неемија дека овие зборови се вистинити!
Поуката за нас е јасна. Ако сакаме да успееме во сѐ што правиме, мора да го имаме Јеховиниот благослов. Но, можеме ли да очекуваме Јехова да нѐ благослови ако не го ставиме вистинското обожавање на прво место во своите животи? Исто како на Неемија, и нам нека ни биде најважно да го обожаваме Јехова и да ја проповедаме добрата вест.
[Слика на страница 8]
„Царевото срце е во рацете на Господа, како вода што тече“
[Слика на страница 9]
Неемија — човек од акција и човек со нежни чувства — пристигнува во Ерусалим
[Слики на страници 10 и 11]
Дали знаеш како да ја ‚разјасниш смислата‘ на Божјата реч?