Лука
15 Сите даночници и грешници се собираа кај Исус за да го слушаат. 2 Затоа фарисеите и познавачите на Законот* негодуваа: „Овој човек ги прифаќа грешниците и јаде со нив“. 3 Тогаш им ја раскажа оваа споредба: 4 „Ако некој од вас има 100 овци и една од нив се изгуби, нема ли да ги остави другите 99 во пустината и да оди да ја бара таа што се изгубила додека не ја најде? 5 И кога ќе ја најде, ќе ја стави на рамења и ќе се радува. 6 А кога ќе дојде дома, ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ’Радувајте се со мене, бидејќи ја најдов својата изгубена овца!‘ 7 Ви велам дека така и на небото ќе има поголема радост поради еден грешник кој се кае отколку поради 99 праведници кои немаат потреба да се покаат.
8 Или, ако некоја жена има 10 драхми, па изгуби една драхма, нема ли да запали светилка, да ја измете куќата и внимателно да бара додека не ја најде? 9 И кога ќе ја најде, ќе ги повика пријателките и сосетките и ќе им рече: ’Радувајте се со мене, зашто ја најдов драхмата што ја изгубив!‘ 10 Ви велам, така се радуваат и Божјите ангели кога еден грешник се кае“.
11 Потоа рече: „Еден човек имаше два сина. 12 Помладиот му рече на својот татко: ’Татко, дај ми го делот од имотот што ми припаѓа!‘ И таткото им го подели својот имот. 13 По неколку дена, помладиот син си ги собра сите работи и отпатува во далечна земја. Таму живееше распуштено* и го потроши својот имот. 14 Кога потроши сѐ, во целата таа земја настана голем глад, и тој остана без ништо. 15 Дури отиде и почна да работи за еден човек од таа земја, а тој го испрати на своите ниви да чува свињи. 16 И толку беше гладен што сакаше да јаде од рогачките со кои ги хранеа свињите, но ни тоа не му го даваа.
17 Кога се вразуми, рече: ’Колку наемници на мојот татко имаат храна во изобилство, а јас тука умирам од глад! 18 Ќе се вратам кај татко ми и ќе му речам: „Татко, му згрешив на небото и тебе. 19 Веќе не заслужувам да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од твоите наемници“‘. 20 И замина кај својот татко. Додека тој уште беше далеку, неговиот татко го здогледа и му падна жал, па потрча, го прегрна* и го избакна. 21 Тогаш синот му рече: ’Татко, му згрешив на небото и тебе. Веќе не заслужувам да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од твоите наемници!‘ 22 А таткото им рече на своите робови: ’Бргу! Донесете ја најдобрата облека и облечете му ја! Ставете му прстен на раката и обујте му сандали! 23 И доведете го згоеното теле и заколете го, па да јадеме и да прославиме, 24 зашто овој мој син беше мртов и оживеа, беше изгубен и се врати!‘ И почнаа да се веселат.
25 А неговиот постар син беше во полето. Кога на враќање се приближи до куќата, слушна музика и играње. 26 Затоа повика еден од слугите и го праша што се случува. 27 Слугата му одговори: ’Си дојде брат ти, па татко ти го закла згоеното теле, зашто му се врати жив и здрав‘. 28 А тој се налути и не сакаше да влезе. Тогаш неговиот татко излезе и почна да го моли да влезе. 29 А тој му рече на својот татко: ’Толку години работев за тебе како роб и секогаш го правев она што го бараше од мене, а никогаш не ми даде ни едно јаре за да се провеселам со своите пријатели. 30 А штом дојде овој твој син, кој со блудници го потроши твојот имот, ти му го закла згоеното теле‘. 31 Тогаш таткото му рече: ’Сине, ти секогаш си со мене и сѐ што е мое, твое е. 32 Но како да не славиме и да не се радуваме, кога твојот брат беше мртов и оживеа, беше изгубен и се врати‘“.