Матеј
2 Откако Исус се роди во Витлеем во Јудеја, во деновите на цар Ирод,* во Ерусалим дојдоа астролози од исток 2 и почнаа да се распрашуваат: „Каде е царот на Евреите кој се роди? Ја видовме неговата ѕвезда кога бевме на исток и дојдовме да му се поклониме“. 3 Кога слушна за тоа, цар Ирод се вознемири, а се вознемири и целиот Ерусалим. 4 И ги собра сите главни свештеници и познавачи на Законот,* па ги испрашуваше каде треба да се роди Христос.* 5 А тие му рекоа: „Во Витлеем во Јудеја, зашто пророкот напишал вака: 6 ’А ти, Витлееме во земјата Јуда, во никој случај не си најбезначајниот град во очите на владетелите на Јуда, зашто од тебе ќе излезе владетел кој ќе му биде пастир на мојот народ Израел‘“.
7 Тогаш Ирод тајно ги повика астролозите и од нив дозна кога точно се појавила ѕвездата. 8 Потоа ги испрати во Витлеем и им рече: „Одете и добро распрашајте се каде е детето. Кога ќе го најдете, јавете ми, за и јас да одам да му се поклонам“. 9 Откако царот им го кажа тоа, тргнаа. И гледај, ѕвездата што ја видоа кога беа на исток одеше пред нив сѐ додека не застана над местото каде што беше детето. 10 Кога видоа дека ѕвездата застана, многу се израдуваа. 11 И кога влегоа во куќата, го видоа детето со Марија, неговата мајка. Тогаш паднаа на колена и му се поклонија, па му дадоа скапоцени подароци — злато, темјан и смирна. 12 Но поради тоа што Бог на сон ги предупреди да не се враќаат кај Ирод, тие се вратија во својата земја по друг пат.
13 Кога си заминаа, на Јосиф му се појави на сон Јеховин ангел и му рече: „Стани, земи ги детето и мајка му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам да се вратиш, зашто Ирод ќе го бара детето за да го убие“. 14 Така Јосиф стана и уште истата ноќ ги зеде детето и неговата мајка и отиде во Египет. 15 Таму остана до смртта на Ирод. Така се исполни она што Јехова го рече преку својот пророк: „Од Египет го повикав својот син“.
16 Кога виде дека астролозите го изиграле, Ирод многу се разгневи и испрати луѓе во Витлеем и во целата негова околина да ги убијат сите машки деца на возраст до две години. Таа возраст ја одреди според она што го дозна од астролозите. 17 Тогаш се исполни она што беше кажано преку пророкот Еремија: 18 „Глас се слушна во Рама, плачење и големо тажење. Тоа беше Рахела, која плачеше за своите деца, и никој не можеше да ја утеши, бидејќи нив повеќе ги немаше“.
19 Кога Ирод умре, Јеховин ангел му се појави на Јосиф на сон во Египет 20 и му рече: „Стани, земи ги детето и мајка му и појди во Израел, зашто умреа оние што сакаа да го убијат детето“. 21 И тој стана, ги зеде детето и неговата мајка, па се врати во Израел. 22 Но кога слушна дека во Јудеја владее Архелај наместо неговиот татко Ирод, се плашеше да оди таму. А и Бог го предупреди на сон, па отиде во Галилеја. 23 Кога стигна таму, се насели во градот кој се вика Назарет, за да се исполни она што го кажаа пророците: „Ќе биде наречен Назареќанец“.*