Матеј
14 Во тоа време, Ирод, кој беше владетел* во Галилеја, слушна за Исус, 2 па им рече на своите слуги: „Тоа е Јован Крстител. Тој воскресна од мртвите и затоа прави чуда“. 3 Ирод* го фати Јован, го врза и го фрли во затвор за да ѝ угоди на Иродијада, жената на брат му Филип. 4 Зашто Јован му велеше: „Според Законот, таа не смее да ти биде жена“. 5 И сакаше да го убие, но се плашеше од народот, бидејќи луѓето го сметаа Јован за пророк. 6 Но кога Ирод го славеше својот роденден, ќерката на Иродијада играше пред гостите и тоа толку многу му се допадна на Ирод 7 што тој се заколна дека ќе ѝ даде сѐ што ќе побара. 8 Откако мајка ѝ ѝ кажа што да побара, таа му рече: „Дај ми ја на послужавник главата на Јован Крстител“. 9 Царот се натажи, но поради заклетвата и поради гостите, заповеда да ѝ ја дадат. 10 И испрати луѓе во затворот да му ја отсечат главата на Јован. 11 И ја донесоа неговата глава на послужавник и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ѝ ја однесе на мајка ѝ. 12 А учениците на Јован дојдоа, го зедоа неговото тело и го погребаа, па отидоа и му кажаа за тоа на Исус. 13 Кога слушна за тоа, Исус замина оттаму со чамец и отиде на едно осамено место за да биде сам. Но многу луѓе од разни градови дознаа за тоа, па тргнаа по него пешки.
14 Кога излезе на брегот, ги виде насобраните луѓе, па се сожали на нив и ги излекува болните. 15 А приквечерта, учениците дојдоа кај него и му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна. Пушти ги луѓето за да можат да отидат до селата и да си купат нешто за јадење“. 16 А Исус им рече: „Нема потреба да одат, вие дајте им нешто да јадат“. 17 Тие му одговорија: „Немаме ништо друго освен пет леба и две риби“. 18 А тој рече: „Донесете ми ги“. 19 И му рече на народот да испоседне на тревата. Потоа ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото и се помоли,* па ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците им ги поделија на луѓето. 20 Така сите јадеа и се наситија, и кога го собраа она што остана, наполнија 12 кошници. 21 А оние што јадеа беа околу 5.000 мажи, не сметајќи ги жените и децата. 22 Веднаш потоа им рече на учениците да влезат во чамецот и да тргнат кон брегот на другата страна, а тој остана да ги испрати луѓето.
23 Откако ги испрати, се качи на планината за да се моли. А кога се стемни, тој сѐ уште беше таму сам. 24 Чамецот веќе беше далеку* од брегот и едвај им се спротивставуваше на брановите, бидејќи пловеше спроти ветрот. 25 Но кратко пред да се раздени,* Исус тргна кон нив одејќи по водата. 26 Кога го здогледаа како оди по водата, учениците се исплашија и рекоа: „Ова е привидение!“ И од страв почнаа да викаат. 27 Но Исус веднаш им рече: „Бидете храбри! Јас сум, не плашете се!“ 28 А Петар му рече: „Господару, ако си ти, заповедај ми да дојдам кај тебе по водата“. 29 Тој му рече: „Дојди!“ Тогаш Петар излезе од чамецот и, одејќи по водата, тргна кон Исус. 30 Но кога ја виде силната бура, се исплаши. И почна да тоне, па извика: „Господару, спаси ме!“ 31 А Исус веднаш ја испружи раката, го фати и му рече: „Зошто се посомнева? Каде ти е верата?“ 32 Кога влегоа во чамецот, бурата стивна. 33 Тогаш учениците кои беа во чамецот му се поклонија и рекоа: „Ти навистина си Божји Син“. 34 И преминаа на брегот на другата страна и дојдоа во Генисарет.
35 Кога луѓето од тој крај го препознаа, разгласија по сите околни места дека дошол. И ги носеа кај него сите болни. 36 Го молеа да го допрат барем работ од неговата облека. И секој што ќе го допреше, потполно оздравуваше.