Езра
3 Кога дојде седмиот месец и Израелците* веќе беа во своите градови, целиот народ се собра* во Ерусалим. 2 Исус — синот на Јоседек — и другите свештеници, како и Зоровавел — синот на Салатиел — и неговите браќа му изградија жртвеник на Богот на Израел за да принесуваат на него жртви паленици, како што е запишано во Законот на Мојсеј, слугата на вистинскиот Бог.
3 И покрај тоа што се плашеа од околните народи, тие го подигнаа жртвеникот на истото место каде што стоеше порано, и почнаа да му принесуваат жртви паленици на Јехова — утрински и вечерни жртви паленици. 4 Потоа го прославија Празникот на сениците,* како што е запишано во Законот, и секој ден принесуваа жртви паленици онолку колку што беше пропишано за тој ден. 5 Потоа продолжија да принесуваат редовни жртви паленици, а принесуваа жртви и на млада месечина и на сите свети празници посветени на Јехова. Исто така, ги принесуваа и жртвите што секој доброволно му ги носеше на Јехова. 6 Почнаа да му принесуваат жртви паленици на Јехова од првиот ден на седмиот месец иако сѐ уште не беа положени темелите на Јеховиниот храм.
7 На каменоресците и на другите занаетчии им даваа пари, а на Сидонците и на Тирците им даваа храна, пијалак и масло за да им донесат кедрово дрво по морски пат од Ливан до Јопа, како што им одобри персискиот цар Кир.
8 Во вториот месец од втората година откако дојдоа во Ерусалим, Зоровавел — синот на Салатиел — и Исус — синот на Јоседек — почнаа да го градат домот на вистинскиот Бог заедно со другите свои браќа, свештениците и левитите, и со сите останати изгнаници кои се вратија во Ерусалим. Тие ги поставија левитите на возраст од 20 години нагоре да ја надгледуваат работата на Јеховиниот дом. 9 Така Исус, неговите синови и неговите браќа, и Кадмиел и неговите синови — кои се од лозата на Јуда* — како и синовите на Инадад, нивните синови и нивните роднини — кои исто така беа левити — почнаа заедно да ги надгледуваат оние што работеа на домот на вистинскиот Бог.
10 Кога градителите ги положија темелите на Јеховиниот храм, свештениците во свештеничка облека застанаа со труби, а левитите од потомците на Асаф со чинели во рацете, за да го фалат Јехова според упатствата на Давид, царот на Израел. 11 И почнаа наизменично да пеат. Го фалеа Јехова и му благодареа, велејќи: „Тој е добар, неговата верна љубов кон Израел трае засекогаш“. Потоа целиот народ почна гласно да воскликнува фалејќи го Јехова затоа што беа положени темелите на Јеховиниот дом. 12 Многу од постарите свештеници, левити и родовски поглавари, кои го имаа видено поранешниот дом, гласно плачеа додека гледаа како се положуваат темелите на овој дом, а многу други на сет глас воскликнуваа од радост. 13 Радосните восклици не можеа да се разликуваат од плачот, бидејќи народот толку гласно извикуваше што звукот се слушаше надалеку.