СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 12
Го гледаш ли она што го видел Захарија?
„Со мојот дух“, вели Јехова над војските (ЗАХ. 4:6)
ПЕСНА 73 Дај ни храброст!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Која причина за радост ја имале Евреите?
ЕВРЕИТЕ биле многу радосни. Јехова го поттикнал „срцето на персискиот цар Кир“ да ги ослободи Израелците, кои веќе со децении биле во ропство во Вавилон. Царот издал проглас Евреите да се вратат во својата земја и повторно да го изградат „домот на Јехова, Богот на Израел“ (Езра 1:1, 3). Колку убава вест било ова за Евреите! Тоа значело дека тие ќе можат повторно да го обожаваат Јехова во земјата што тој им ја дал.
2. Што успеале да направат првите Евреи кои се вратиле во Ерусалим?
2 Во 537 год. пр.н.е. во Ерусалим, кој бил престолнина на јужното царство Јуда, се вратиле првите Евреи од Вавилон. Тие набрзо почнале со изградбата на храмот, и до 536 год. пр.н.е. веќе ги положиле неговите темели!
3. Со какво противење се соочиле Евреите?
3 Меѓутоа, откако започнале со изградбата на храмот, Евреите се соочиле со силно противење. Тамошните жители почнале да го обесхрабруваат народот на Јуда и да го одвраќаат „неговото срце од градењето“ (Езра 4:4). Ова воопшто не било лесно за Евреите, но ситуацијата уште повеќе се влошила. Во 522 год. пр.н.е., со Персија почнал да владее еден нов цар, по име Артаксеркс.b На оваа промена на власта, противниците гледале како на можност да ја запрат изградбата на храмот така што ќе создадат „проблеми со помош на законот“ (Пс. 94:20). Тие му испратиле писмо на цар Артаксеркс во кое, меѓу другото, навеле дека Евреите планираат да се побунат против него (Езра 4:11-16). Царот поверувал во нивните лаги и наредил да запре изградбата на храмот (Езра 4:17-23). Поради таа забрана, Евреите престанале со изградбата (Езра 4:24).
4. Што направил Јехова откако противниците ја забраниле изградбата на храмот? (Исаија 55:11).
4 Тамошните жители кои не го обожавале Јехова и некои службеници во Персиското Царство биле решени да ја запрат изградбата на храмот. Но, Јехова бил решен изградбата да продолжи, а тој секогаш ја исполнува својата намера. (Прочитај Исаија 55:11.) Тој избрал еден храбар човек по име Захарија за да биде негов пророк и му дал осум впечатливи виденија кои тој требало да им ги пренесе на Евреите за да ги охрабри. Овие утешни виденија им помогнале да видат дека не треба да се плашат од своите противници и ги поттикнале да продолжат со задачата што им ја дал Јехова. Во петтото видение, Захарија видел светилник и две маслинови дрвја.
5. Што ќе разгледаме во оваа статија?
5 Сите ние понекогаш се обесхрабруваме. Но, може многу да ни користи тоа што ќе го разгледаме петтото видение на Захарија преку кое Јехова ги охрабрил Израелците. Ова видение може да ни помогне да му служиме верно на Јехова кога луѓето ни се противат, кога ни се менуваат околностите и кога добиваме упатства што не ги разбираме.
КОГА ЛУЃЕТО НИ СЕ ПРОТИВАТ
6. Како Евреите биле охрабрени од видението за светилникот и двете маслинови дрвја кое е запишано во Захарија 4:1-3? (Види ја сликата на насловната страница.)
6 Прочитај Захарија 4:1-3. Видението за светилникот и за двете маслинови дрвја им ја дало на Евреите потребната храброст да се справат со противењето. Дали забележа дека светилникот постојано се полнел со масло? Од двете маслинови дрвја течело масло во еден сад, а потоа од него маслото се слевало во секоја од седумте светилки на светилникот. Така светилките можеле постојано да горат. Захарија го прашал ангелот: „Што претставува ова?“ Тој му одговорил пренесувајќи му ја следнава порака од Јехова: „’Не со воена сила, ниту со моќ, туку со мојот дух‘, вели Јехова над војските“ (Зах. 4:4, 6). Маслото од дрвјата го претставувало Јеховиниот моќен свет дух, кој никогаш не може да се истроши. Сета воена моќ на Персиското Царство била ништо во споредба со моќта на Божјиот свет дух. Бидејќи Јехова им помагал, оние што го граделе храмот можеле да ја завршат работата сеедно со какво противење ќе се соочеле. Колку охрабрувачка порака! Сѐ што Евреите требало да направат било да имаат доверба во Јехова и повторно да почнат да градат. Токму тоа и го направиле иако забраната сѐ уште била на сила.
7. Која промена им донела олеснување на оние што го граделе храмот?
7 По некое време, дошло до една промена која им донела олеснување на оние што го граделе храмот. Во 520 год. пр.н.е., со Персиското Царство почнал да владее еден нов цар, Дариј I. Во втората година од неговото владеење, тој открил дека забраната за изградбата на храмот била незаконска. Потоа издал царска одредба за да се заврши работата (Езра 6:1-3). Сите биле изненадени од оваа одлука на царот. Но, тој направил уште нешто. Им наредил на тамошните народи да престанат да ги попречуваат Евреите во работата и да им дадат пари и сѐ што им е потребно за да ја завршат изградбата на храмот (Езра 6:7-12). Како резултат на тоа, Евреите успеале да го изградат храмот во 515 год. пр.н.е., за нешто повеќе од четири години (Езра 6:15).
8. Зошто можеш да бидеш храбар кога се соочуваш со противење?
8 И денес, многу Јеховини слуги се соочуваат со противење. На пример, некои живеат во земји во кои нашето дело е ограничено. Во таквите земји, браќата може да бидат уапсени и изведени „пред управители и цареви“, и со тоа да се даде сведоштво (Мат. 10:17, 18). Понекогаш, браќата можеби добиваат олеснување поради промена на власта. Или, пак, некој праведен судија може да донесе одлука која е во корист на нашето дело. Други сведоци се соочуваат со поинакво противење. Тие живеат во земји каде што можат слободно да го обожаваат Јехова, но сепак се соочуваат со противење од членови на семејството кои се решени да ги спречат да му служат на Бог (Мат. 10:32-36). Во многу случаи, членовите на семејството престануваат да им се противат кога ќе сфатат дека нивните обиди да ги спречат да му служат на Јехова се безуспешни. Всушност, некои што силно се противеле подоцна станале ревносни Сведоци. Кога се соочуваш со противење, не се откажувај! Биди храбар! Немаш причина да се плашиш бидејќи со тебе е Јехова, кој ти помага со својот моќен свет дух.
КОГА ОКОЛНОСТИТЕ ЌЕ НИ СЕ СМЕНАТ
9. Зошто некои Евреи биле разочарани кога бил положен темелот на новиот храм?
9 Кога бил положен темелот на новиот храм, некои постари Евреи плачеле (Езра 3:12). Тие знаеле колку величествено изгледал храмот што го изградил Соломон и сметале дека новиот храм ќе биде ништо во споредба со него (Агеј 2:2, 3). Бидејќи го споредувале новиот храм со стариот, тие биле тажни и разочарани. Видението на Захарија им помогнало повеќе да не бидат разочарани. Да видиме на кој начин.
10. Како зборовите на ангелот запишани во Захарија 4:8-10 им помогнале на Евреите повторно да бидат радосни?
10 Прочитај Захарија 4:8-10. Што мислел ангелот кога рекол дека Евреите „ќе се израдуваат кога ќе го видат висулецот во рацете на [еврејскиот управител] Зоровавел“? Висулец е алатка со која се одредува дали еден ѕид е совршено вертикален, односно прав. Со овие зборови, ангелот сакал да ги увери Божјите слуги дека, иако некои сметале дека овој храм е безначаен во споредба со претходниот, сепак тој ќе биде завршен и ќе биде токму онаков каков што сака Јехова. Штом Јехова ќе бил задоволен од храмот, зарем Евреите имале оправдана причина да не бидат? На Јехова му било важно тоа што во новиот храм ќе можеле да го обожаваат на начин што тој го одобрува. Евреите ќе можеле повторно да бидат радосни доколку најважно им било да го обожаваат Јехова на исправен начин и да ја стекнат неговата милост.
11. Со какви предизвици се соочуваат некои Јеховини слуги денес?
11 На многумина од нас ни е тешко кога ќе ни се сменат околностите. Некои кои долго време служеле во некој вид специјална полновремена служба добиле нова задача. Други, пак, поради својата возраст, морале да прекинат со задачата која многу им значела. Нормално е да се чувствуваме разочарано ако ни се случат вакви промени. Отпрвин, можеби нема да сфатиме зошто е донесена таа одлука или нема да се согласиме со неа. Можеби сметаме дека порано ни било подобро. А можеби се чувствуваме и обесхрабрено и мислиме дека поради нашите нови околности не можеме да правиме многу за Јехова (Изр. 24:10). Како видението на Захарија може да ни помогне и понатаму да му го даваме нашето најдобро на Јехова?
12. Како видението на Захарија може да ни помогне да останеме радосни кога ќе ни се сменат околностите?
12 Полесно ќе се справиме со некоја промена доколку на нашата ситуација гледаме онака како што гледа Јехова. Тој прави извонредни работи денес, а ние имаме голема чест да бидеме негови соработници (1. Кор. 3:9). Нашите задачи можат да се сменат, но не и Божјата љубов кон нас. Затоа, ако ти лично си засегнат од некоја промена во Јеховината организација, немој да трошиш премногу време размислувајќи од кои сѐ причини дошло до промената. Наместо да копнееш по „поранешните времиња“, моли го Јехова да ти помогне да ги гледаш добрите страни на промената (Проп. 7:10). Наместо да мислиш на она што повеќе не можеш да го правиш, мисли на сето она што можеш да го правиш. Од видението на Захарија учиме колку е важно да задржиме позитивен став. Така ќе останеме радосни и верни дури и кога ќе ни се сменат околностите.
КОГА ДОБИВАМЕ УПАТСТВА КОИ НЕ НИ Е ЛЕСНО ДА ГИ СЛЕДИМЕ
13. Зошто некои Евреи можеби сметале дека не е мудро повторно да се почне со изградбата на храмот?
13 Иако забраната во врска со изградбата на храмот сѐ уште била на сила, првосвештеникот Исус и управителот Зоровавел, мажи кои биле поставени да го водат народот, почнале „повторно да го градат Божјиот дом“ (Езра 5:1, 2). За некои Евреи, ваквата одлука можеби не била мудра. Зошто? Затоа што знаеле дека изградбата на храмот не може да се сокрие и дека нивните непријатели ќе направат сѐ за да ја сопрат работата. На Исус и на Зоровавел, двајцата мажи кои биле одговорни за изградбата на храмот, им било потребно уверување дека Јехова ги поддржува. Токму тоа го добиле. Да видиме на кој начин.
14. Според Захарија 4:12, 14, какво уверување добиле првосвештеникот Исус и управителот Зоровавел?
14 Прочитај Захарија 4:12, 14. Во овој дел од видението на Захарија, ангелот му открива на Божјиот верен пророк дека двете маслинови дрвја ги претставуваат „двајцата помазаници“ — Исус и Зоровавел. Овие двајца мажи во симболична смисла стоеле покрај Јехова, „Господарот на целата земја“. Колку голема чест имале! Јехова имал доверба во нив. Затоа Евреите можеле да имаат потполна доверба во нивните одлуки и во Божјето водство, сеедно какви упатства ќе добиеле.
15. Како може да покажеме ценење за водството што Јехова ни го дава преку својата Реч?
15 Еден начин на кој Јехова го води својот народ денес е преку својата Реч, Библијата. Во оваа света книга, тој ни кажува како да му служиме на исправен начин. Како може да покажеме дека го цениме водството што го добиваме од Божјата Реч? Така што ќе одвојуваме време внимателно да ја читаме и ќе се трудиме да го разбереме она што го читаме. Затоа, прашај се: „Кога ја читам Библијата или некоја од нашите публикации, дали застанувам за подлабоко да размислам за прочитаното? Дали се трудам да најдам повеќе информации за библиските вистини кои се ’тешко разбирливи‘? Или само набрзина го поминувам материјалот што го читам?“ (2. Пет. 3:16). Ако одвојуваме време да се задлабочиме во поуките од Јехова, ќе можеме да го следиме неговото водство и да ја извршиме службата што ни ја доверил (1. Тим. 4:15, 16).
16. Што ќе ни помогне да бидеме послушни кога ќе добиеме некое упатство од „верниот и разборит роб“ кое не го разбираме?
16 Друг начин на кој Јехова нѐ води денес е преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Понекогаш, овој роб може да даде упатства кои нема потполно да ги разбереме. На пример, можеби ќе добиеме некои конкретни упатства кои имаат за цел да нѐ подготват да преживееме природна катастрофа за која сметаме дека нема да се случи во нашето место. Или можеби сметаме дека робот е претерано внимателен во време на пандемија. Што треба да правиме ако сметаме дека упатствата што сме ги добиле не се практични? Може да размислуваме за тоа како им користело на Израелците тоа што го послушале упатството кое го добиле преку Исус и Зоровавел. А може да размислуваме и за други библиски извештаи што сме ги прочитале. Понекогаш, Божјиот народ добивал упатства кои од човечка гледна точка изгледале непрактични, но на крајот придонеле да се спасат животи (Суд. 7:7; 8:10).
ГЛЕДАЈ ГО ОНА ШТО ГО ВИДЕЛ ЗАХАРИЈА
17. Како видението за светилникот и двете маслинови дрвја влијаело врз Евреите?
17 Иако петтото видение што го добил Захарија било кратко, сепак им помогнало на Евреите да продолжат ревносно да го градат храмот и да го обожаваат Јехова. А кога постапиле во склад со видението на Захарија, можеле да видат дека Јехова ги поддржува и ги води. Преку својот моќен свет дух, Јехова им помогнал да продолжат со работата и повторно да бидат радосни (Езра 6:16).
18. Како може да ти помогне видението на Захарија?
18 Видението на Захарија во врска со светилникот и двете маслинови дрвја може да има силно влијание и врз тебе. Како што видовме, тоа може да ти помогне да добиеш сила кога се соочуваш со противење, да бидеш радосен кога ќе ти се сменат околностите и да ја стекнеш довербата која ти е потребна за да бидеш послушен на упатствата кои не ги разбираш. Што треба да правиш кога ќе се соочиш со проблеми и предизвици во твојот живот? Прво, гледај го она што го видел Захарија, односно гледај ги доказите дека Јехова се грижи за својот народ. Потоа, постапувај во склад со она што го гледаш така што ќе имаш доверба во Јехова и ќе продолжиш да му служиш со сето срце (Мат. 22:37). Ако го правиш тоа, Јехова ќе ти помогне радосно да му служиш во сета вечност (Кол. 1:10, 11).
ПЕСНА 7 Јехова е нашата сила
a Јехова му дал на пророкот Захарија неколку впечатливи виденија. Она што Захарија го видел им дало сила нему и на Јеховиниот народ да ги надминат предизвиците додека се труделе да го обноват храмот, во кој ќе можеле повторно да го обожаваат вистинскиот Бог. Тие виденија можат да ни помогнат и нам да продолжиме верно да му служиме на Јехова и покрај проблемите и предизвиците со кои се соочуваме. Во оваа статија ќе видиме што може да научиме од видението на Захарија во врска со светилникот и маслиновите дрвја.
b Со години подоцна, во времето на управителот Неемија, имало еден друг цар по име Артаксеркс, кој бил многу добар кон Евреите.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат сфаќа дека треба да се приспособи на променетите околности поради староста и слабото здравје.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра размислува за фактот дека Јехова го поддржува „верниот и разборит роб“ исто како што ги поддржувал првосвештеникот Исус и Зоровавел.