Естира
2 По тие настани, кога на цар Ахасвер му стивна гневот, тој почна да размислува за она што го направи Астина и за казната што ѝ ја одреди. 2 Тогаш дворјаните кои му служеа рекоа: „Нека се побараат млади и убави девици за царот. 3 А тој нека избере службеници во сите покраини на своето царство, кои ќе ги доведат сите млади и убави девици во тврдината* Суза, во куќата за жените.* Девојките нека бидат под надзор на царскиот евнух Хигеј, чуварот на жените, и нека добијат третмани за разубавување.* 4 Девојката која најмногу ќе му се допадне на царот нека стане царица наместо Астина“. На царот му се допадна овој предлог и постапи според него.
5 Во тврдината Суза имаше еден Евреин кој се викаше Мардохеј, син на Јаир, син на Симеј, син на Кис, од племето на Венијамин, 6 кој беше одведен од Ерусалим кога вавилонскиот цар Навуходоносор го одведе во изгнанство царот на Јуда, Јехонија,* заедно со некои од народот. 7 Мардохеј се грижеше за Адаса,* односно Естира, ќерката на неговиот чичко, бидејќи таа немаше ни татко ни мајка. Девојката беше со витка става и убаво лице. Мардохеј ја посвои по смртта на татко ѝ и мајка ѝ. 8 Кога беше разгласена царската заповед, многу девојки беа доведени во тврдината Суза и му беа доверени на Хигеј, чуварот на жените. Заедно со нив, во царскиот дворец беше доведена и Естира.
9 Девојката му се допадна на Хигеј и ја стекна неговата наклоност,* па затоа тој веднаш се погрижи за нејзиното разубавување* и за нејзината исхрана. Освен тоа, избра седум девојки од царскиот дворец да ѝ служат и ја премести заедно со нејзините слугинки во најдобриот дел од куќата за жените. 10 Естира не кажа ништо за својот народ и за своето семејство бидејќи Мардохеј ѝ рече со никого да не зборува за тоа. 11 Секој ден, тој одеше пред дворот на куќата за жените за да дознае како е Естира и што се случува со неа.
12 По 12-месечните подготовки што беа пропишани за жените, на секоја девојка ѝ доаѓаше редот да се појави пред цар Ахасвер. Нивното разубавување вклучуваше шест месеци масажи со масло од смирна и шест месеци масажи со балсам и со разни други масла. 13 На крајот, секоја девојка беше спремна да се појави пред царот. Таа можеше да побара сѐ што ќе посака од куќата за жените и да го понесе со себе во царската палата. 14 Навечер влегуваше кај царот, а наутро одеше во втората куќа за жени под надзор на царскиот евнух Саазгаз, кој беше чувар на наложниците.* Таа повеќе не се појавуваше пред царот, освен ако посебно не му се допаднеше и ако не беше повикана по име.
15 Кога дојде ред пред царот да се појави Естира, која му беше ќерка на Авихаил, чичкото на Мардохеј, и која Мардохеј ја посвои, таа не побара ништо друго освен она што ѝ го препорача царскиот евнух Хигеј, чуварот на жените. (За сето тоа време, таа стекнуваше наклоност кај секого што ќе ја видеше.) 16 Естира ја одведоа во палатата кај цар Ахасвер во десеттиот месец, односно месецот тевет, во седмата година од неговото владеење. 17 И царот ја засака Естира повеќе од сите други жени. Таа многу му се допадна и ја стекна неговата наклоност повеќе од сите други девици. Затоа ѝ го стави царскиот турбан на главата и ја постави за царица наместо Астина. 18 Потоа царот приреди голема гозба за сите кнезови и царски службеници, гозба во чест на Естира. Освен тоа, прогласи помилување* во сите покраини и делеше дарови какви што му доликуваат на еден цар.
19 Кога девиците беа собрани по вторпат, Мардохеј седеше кај портата на царскиот дворец. 20 А Естира не спомнуваше ништо за своето семејство и за својот народ, како што ѝ кажа Мардохеј. Таа и понатаму постапуваше како што ја имаше поучено Мардохеј, исто како што правеше додека тој се грижеше за неа.
21 Во тие денови, додека Мардохеј седеше кај портата на царскиот дворец, Вихтан и Терес, двајца царски дворјани кои служеа како вратари, се разгневија на цар Ахасвер и сковаа заговор да го убијат.* 22 Но, Мардохеј дозна за тоа и веднаш ѝ кажа на царицата Естира, а таа во името на Мардохеј му го пренесе тоа на царот. 23 Откако оваа работа беше испитана и се утврди дека е вистина, двајцата дворјани беа обесени на столб. А сето ова беше запишано во летописите во присуство на царот.