Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Естира
НЕМА шанси планот да пропадне. Истребувањето на Евреите ќе биде темелно и успешно. Во еден точно одреден ден, ќе бидат погубени сите Евреи што живеат во царството, кое се протега од Индија до Етиопија. Така си мисли оној што го скроил планот. Но, тој не зема предвид еден суштински фактор. Богот на небесата може да го спаси својот народ дури и кога се чини дека нема никаков излез. Библиската книга Естира ни раскажува како го прави тоа.
Книгата Естира ја напишал еден постар Евреин по име Мардохеј. Опфаќа период од околу 18 години за време на владеењето на персискиот цар Ахасвер, или Ксеркс I. Драматичната приказна во неа покажува како Јехова го спасува својот народ од злобните сплетки што ги коваат неговите непријатели, иако тој народ бил распрснат низ едно огромно царство. Денес, оваа приказна ја зајакнува верата на Јеховините слуги, кои му принесуваат света служба во 235 земји. Уште поважно е што зборува за луѓе чиј пример треба да го следиме, но и за луѓе чиј пример не сакаме да го следиме. Навистина, „речта Божја е жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12).
ЦАРИЦАТА МОРА ДА ПОСРЕДУВА
Во третата година од своето царување (493 година пр.н.е.), царот Ахасвер приредува една гозба. Царицата Астина, прочуена по својата убавина, го предизвикува незадоволството на царот и затоа е симната од својата положба. На нејзино место, од сите убави девојки во земјата, е избрана Еврејката Адаса. На совет од својот братучед Мардохеј, таа сокрива дека е Еврејка и го користи своето персиско име, Естира.
По извесно време, за управител на царството е поставен Аман, еден многу горделив човек. Аман се разбеснува бидејќи Мардохеј не сака да му ‚се поклони ниту да коленичи‘ пред него, па затоа кове завера за да ги истреби сите Евреи во Персиското Царство (Естира 3:2). Аман успева да го убеди Ахасвер да се сложи со неговиот план и да издаде указ Евреите да бидат убиени. Мардохеј се ‚облекува во вреќишта и се посипува со пепел‘ (Естира 4:1). Естира мора да стори нешто. Таа ги кани царот и управителот на гозба кај неа. Тие со задоволство одат кај Естира, и таа ги замолува да дојдат на гозба и следниот ден. Аман е пресреќен. Но, многу се разбеснува што Мардохеј пак одбива да му оддаде чест. Прави план да го убие Мардохеј пред гозбата следниот ден.
Одговорени библиски прашања:
1:3-5 — Дали гозбата траела 180 денови? Овој цитат не вели дека гозбата траела толку денови, туку дека царот им ги покажувал на службениците богатството и славата на своето царство 180 денови. Царот најверојатно го искористил тоа подолго време за да се пофали со славата што ја достигнало неговото царство со цел да ги импресионира кнезовите и да ги увери дека е способен да ги спроведе своите планови. Во тој случај, стиховите 3 и 5 можеби се однесуваат на седумдневната гозба што ја приредил на крајот од тие 180 денови.
1:8 — Во која смисла ‚се пиело по некое правило но не присилно‘? Во оваа пригода, царот Ахасвер изгледа направил исклучок од персискиот обичај присутните на собирите да се поттикнуваат еден со друг да испијат што повеќе. „Можеле да пијат или многу или малку, кој како сакал“, стои во една книга.
1:10-12 — Зошто царицата Астина не сакала да се оѕвие на царскиот повик? Некои изучувачи се на мислење дека царицата одбила да се покори на заповедта затоа што не сакала да „се понижува пред пијаните гости на царот“. Но, можеби надворешно убавата царица навистина не била покорна. Иако Библијата не објаснува зошто постапила така, мудреците од тоа време сметале дека покорноста на мажот е важна работа и дека лошиот пример на Астина би можел да влијае врз сите жени во Персија.
2:14-17 — Дали Естира имала неморални сексуални односи со царот? Одговорот е ‚не‘. Извештајот кажува дека другите девојки што влегувале кај царот се враќале наутро во друга женска куќа, под надзор на царевиот скопеник, „чувар на соложниците“. Значи, жената што ја ќе ја минела ноќта со царот станувала негова соложница, или второстепена жена. Но, Естира не била однесена во куќата на соложниците откако била кај царот. Кога ја вовеле кај Ахасвер, ‚царот ја заљубил Естира повеќе од сите други жени, таа му омилела повеќе од сите други девици и таа ја придобила неговата наклонетост‘ (Естира 2:17). Како ‚му омилела‘ на Ахасвер? На истиот начин како што им омилела и на другите. „Девојката им се свиде на [Игаевите] очи, таа ја придоби неговата наклонетост“ (Естира 2:8, 9). Игај, чуварот на жените, ја засакал само поради она што можел да го види кај неа — нејзиниот изглед и добрите особини. Всушност, Естира ‚предизвикувала восхитување кај сите кои ја гледале‘ (Естира 2:15). И царот бил воодушевен од она што го видел кај Естира, и така ја засакал.
3:2; 5:9 — Зошто Мардохеј не сакал да му се поклони на Аман? На Израелците не им било забрането да се поклонат пред некоја угледна личност признавајќи ја на тој начин нејзината висока положба. Но, во случајот со Аман било вклучено нешто повеќе. Аман бил Агагеец, веројатно Амаличанец, а Јехова рекол дека Амалик ќе биде уништен (Второзаконие 25:19). За Мардохеј, да му се поклони на Аман би бил чин на нелојалност кон Јехова. Тој категорично одбил да го стори тоа, кажувајќи дека е Евреин (Естира 3:3, 4).
Поуки за нас:
2:10, 20; 4:12-16. Естира ги прифатила упатствата и советите што ѝ ги дал еден зрел слуга на Јехова. И ние ќе постапиме мудро ако им ‚бидеме послушни на оние што нѐ предводат и ако им бидеме подложни‘ (Евреите 13:17).
2:11; 4:5. Треба ‚да гледаме и со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘ (Филипјаните 2:4).
2:15. Со тоа што не побарала друг накит и поубава облека од онаа што ѝ ја дал Игај, Естира покажала скромност и самосовладување. „Тајната личност на срцето во нераспадливото руво на тивкиот и благ дух“ било она што го восхитило царот (1. Петрово 3:4).
2:21-23. Естира и Мардохеј се добри примери за ‚подложност на вишите власти‘ (Римјаните 13:1).
3:4. Во некои ситуации можеби е паметно да премолчиме кои сме и што сме, како што направила и Естира. Но, кога треба да покажеме кој е нашиот став во однос на некои важни прашања како, на пример, правото на Јехова да владее и нашата беспрекорност, не смееме да криеме дека сме Јеховини сведоци.
4:3. Кога се бориме со искушенија, треба да го молиме Јехова да ни даде сила и мудрост.
4:6-8. Мардохеј барал законски начин да биде отстранета заканата на која бил изложен поради заверата на Аман (Филипјаните 1:7).
4:14. Мардохеј покажал извонредна доверба во Јехова.
4:16. Целосно потпирајќи се на Јехова, Естира верно и храбро се соочила со ситуација што за неа можела да значи смрт. Многу е важно да научиме да се потпираме на Јехова, а не на себеси.
5:6-8. За да ја придобие наклоноста на Ахасвер, Естира го поканила на уште една гозба. Таа постапила остроумно, како што треба да правиме сите ние (Пословици 14:15).
СЛЕДАТ ПРЕСВРТИ
Како што течат настаните, доаѓа до потполн пресврт на работите. Аман е обесен на бесилката што ја направил за Мардохеј, а неговата несудена жртва станува управител на царството! Што се случува со планот за истребување на Евреите? И тука следи драматичен пресврт.
Верната Естира повторно истапува. Ризикувајќи си го животот, таа пак се појавува пред царот со молба да се најде начин планот на Аман да не биде спроведен. Ахасвер знае што треба да се направи. Кога доаѓа денот предвиден за истребувањето, не се убиени Евреите туку оние што сакаат да им наштетат. Мардохеј издава налог секоја година да се слави празникот Пурим, во знак на сеќавање на ова големо избавување. Како прв по царот Ахасвер, Мардохеј придонесува „за благосостојба на својот народ“ и е „гласник на мир за својот род“ (Естира 10:3).
Одговорени библиски прашања:
7:4 — Како истребувањето на Евреите ќе ‚било штетно за царот‘? Со тоа што тактично укажала на можноста Евреите да бидат продадени како робови, Естира истакнала колкава штета би било за царот ако тие би биле погубени. Кога би ги продал Евреите како робови, Аман би ѝ донел многу повеќе пари на царската каса од 10.000-те илјади сребрени таланти што ги дал за нивното погубување. Освен тоа, ако планот бил спроведен, царот ќе ја изгубел и царицата.
7:8 — Зошто дворјаните во царевата служба му го покриле лицето на Аман? Овој чин најверојатно бил знак на срам или неизбежна осуда. Во врска со тоа, едно дело вели: „Во древни времиња, понекогаш им биле покривани главите на оние што требало да бидат погубени“.
8:17 — Во која смисла ‚мнозина од народите на земјата станале Евреи‘? Очигледно, многу Персијци станале еврејски прозелити, бидејќи сметале дека наредбата што ја издал царот со која била побиена првата наредба е знак за Божјата милост кон Евреите. Истиот принцип може да се примени и на исполнувањето на пророштвото запишано во книгата Захарија. Таму се вели: „Во тие денови десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин, говорејќи: ‚Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас‘“ (Захарија 8:23).
9:10, 15, 16 — Иако со наредбата било дозволено да се земе плен, зошто Евреите сепак не зеле ништо? Со тоа што не зеле од пленот, Евреите покажале дека целта им била да си го заштитат животот, а не да се збогатат.
Поуки за нас:
6:6-10. „Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето“ (Пословици 16:18).
7:3, 4. Дали храбро кажуваме дека сме Јеховини сведоци, дури и ако тоа може да ни донесе прогонство?
8:3-6. Можеме и треба да бараме властите и судовите да нѐ штитат од непријателите.
8:5. Естира тактично избегнала да ја спомне одговорноста што царот ја имал во донесувањето на одлуката да се погуби нејзиниот народ. И од нас се бара да бидеме тактични кога им сведочиме на високи службеници.
9:22. Не треба да ги заборавиме оние меѓу нас што се сиромашни (Галатите 2:10).
Јехова ќе даде „помош и спасение“
Мардохеј спомнува дека можеби била Божја намера Естира да се здобие со царско достоинство. Кога им се заканува опасност, Евреите постат и се молат за помош. Царицата доаѓа пред царот неповикана, и секојпат е добро примена. Царот не може да заспие токму во ноќта што е од пресудна важност. Книгата Естира навистина добро покажува како Јехова ги води настаните во корист на својот народ.
Возбудливата приказна за Естира претставува особено охрабрување за нас што живееме во „времето на свршетокот“ (Даниел 12:4). „Во последните денови“, односно во последниот дел од времето на крајот, Гог од Магог — Сатана Ѓаволот — со сите сили ќе го нападне Јеховиниот народ. Неговата единствена цел ќе биде да ги истреби вистинските обожаватели. Но, како и во деновите на Естира, Јехова ќе даде „помош и спасение“ за своите слуги (Езекиел 38:16-23; Естира 4:14).
[Слика на страница 10]
Естира и Мардохеј пред Ахасвер