1. Мојсеева
39 Јосиф го одведоа долу во Египет.+ И Египќанецот Петефри,+ дворјанин на фараонот, заповедник на телесната стража, го купи од рацете на Исмаелците,+ кои го беа одвеле таму. 2 А Јехова беше со Јосиф, така што тој имаше успех во сѐ,+ и беше поставен над куќата на својот господар, Египќанецот. 3 И неговиот господар виде дека Јехова е со него и дека Јехова му дава успех во сѐ што ќе преземеше неговата рака.
4 И Јосиф ја стекнуваше неговата наклоност и постојано го послужуваше, така што тој го постави над својата куќа,+ и сѐ што имаше му даде нему в раце. 5 И откако Египќанецот го постави над својата куќа и над сѐ што имаше, Јехова ја благословуваше неговата куќа поради Јосиф, и Јеховиниот благослов беше над сѐ што имаше тој во куќата и во полето.+ 6 На крајот, сѐ што имаше препушти во рацете на Јосиф,+ па повеќе за ништо не се грижеше освен за лебот што го јадеше. А Јосиф порасна и имаше убава става и убаво лице.
7 По некое време, жената на неговиот господар се загледа+ во Јосиф и почна да му вели: „Легни со мене!“+ 8 Но тој одбиваше,+ велејќи ѝ на жената на својот господар: „Гледај, мојот господар не се грижи за ништо во куќата, и сѐ што има ми предаде в раце.+ 9 Никој во оваа куќа не е поголем од мене, и тој не ми скрати ништо друго освен тебе, зашто си му жена.+ Па како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“+
10 Иако таа го наговараше од ден на ден, Јосиф не ја послуша и не легна до неа, ниту се задржуваше кај неа.+ 11 Но еден ден, како и другите денови, тој влезе во куќата да ја врши својата работа, а во куќата немаше никој од домашните.+ 12 Тогаш таа го зграпчи за облеката+ и му рече: „Легни со мене!“+ Но тој ја остави облеката во нејзината рака, се оттргна и истрча надвор.+ 13 А штом виде дека ѝ ја остави облеката во раката и избега, 14 таа почна да вика, довикувајќи ги домашните, и им рече: „Гледајте! Тој ни го доведе оној човек, Евреинот, за да нѐ изложи на потсмев. Дојде кај мене за да легне со мене, но јас почнав да викам колку што ме држеше гласот.+ 15 А штом чу како викам, ја остави облеката крај мене, па побегна и истрча надвор“. 16 И ја чуваше неговата облека кај себе додека не дојде дома неговиот господар.+
17 Тогаш и нему му го кажа истото: „Оној слуга, Евреинот, кого ти ни го доведе, дојде кај мене да ме изложи на потсмев. 18 Но кога почнав да викам, ја остави облеката крај мене и избега надвор“.+ 19 А кога ги чу тие зборови од жена си, која рече: „Вака и вака ми направи твојот слуга“, неговиот господар пламна од гнев.+ 20 Тогаш господарот го фати Јосиф и го предаде в затвор, таму каде што беа затворени царските затвореници. И тој остана таму во затворот.+
21 Но Јехова и понатаму беше со Јосиф и беше милостив кон него,* па дозволи да најде милост во очите на затворскиот управител.+ 22 И затворскиот управител му ги предаде в раце на Јосиф сите затвореници што беа во затворот, и тој беше одговорен за извршувањето на сите работи што тие ги работеа таму.+ 23 Затворскиот управител повеќе не мораше да надгледува ниту една работа што беше во негови раце, зашто Јехова беше со Јосиф, и Јехова го круниса со успех сето она што тој го работеше.+