2. Самоилова
13 А Авесалом,+ синот на Давид, имаше убава сестра, која се викаше Тамара.+ По некое време Амнон,+ Давидовиот син, се вљуби+ во неа. 2 Амнон толку се измачуваше што речиси се разболе+ поради сестра си Тамара. Бидејќи беше девица, на Амнон му се чинеше невозможно да ѝ го направи она што го сакаше.+ 3 Но Амнон имаше пријател по име Јонадав,+ кој му беше син на Симеја,+ братот на Давид. Јонадав беше многу лукав. 4 И тој му рече: „Зошто си секое утро толку потиштен, царски сине? Нема ли да ми кажеш?“+ Тогаш Амнон му рече: „Вљубен сум+ во Тамара, сестрата+ на мојот брат Авесалом“. 5 А Јонадав му рече: „Легни в постела и прави се болен.+ Кога ќе дојде татко ти да те посети, речи му: ‚Те молам, нека дојде сестра ми Тамара да ми даде да јадам, зашто сум болен. Пред мои очи нека ми зготви јадење за да гледам, па тогаш ќе јадам од нејзина рака‘ “.+
6 Така Амнон легна и се правеше болен,+ а царот дојде да го посети. И Амнон му рече на царот: „Те молам, нека дојде сестра ми Тамара и нека ми испече две печива* пред мои очи за да јадам од нејзината рака, зашто сум болен“. 7 Тогаш Давид испрати гласници кај Тамара во куќата и ѝ порача: „Те молам, оди во домот на својот брат Амнон и зготви му јадење“. 8 И Тамара отиде во домот на својот брат Амнон,+ кој лежеше в постела. Зеде брашно, замеси тесто и пред негови очи направи печива и ги испече. 9 Потоа ја зеде длабоката тава и ја стави пред него, но Амнон не сакаше да јаде, туку рече: „Нека излезат сите оттука!“+ И сите излегоа откај него.
10 Тогаш Амнон ѝ рече на Тамара: „Донеси ми го јадењето во собата за да јадам од твоја рака!“ И Тамара ги зеде печивата што ги направи и му ги однесе на својот брат Амнон во собата. 11 Кога се приближи за да му даде да јаде, тој ја фати+ и ѝ рече: „Дојди, легни+ со мене, сестро моја!“+ 12 Но таа му одврати: „Немој, брате мој! Немој да ме осрамотиш,+ зашто така не се прави во Израел!+ Не прави такво срамно и безумно дело!+ 13 Каде ќе одам со својот срам? А ти ќе бидеш како безумник во Израел. Те молам, зборувај со царот! Тој нема да те лиши од мене!“ 14 Но тој не сакаше да ја послуша, туку ја совлада, па легна со неа+ и ја осрамоти.+ 15 Тогаш Амнон силно ја замрази, така што омразата со која ја мразеше беше посилна од љубовта со која порано ја сакаше. И Амнон ѝ рече: „Стани! Оди си!“ 16 Тогаш таа му рече: „Немој, брате мој! Ако ме избркаш, ќе направиш поголемо зло од она што веќе ми го направи!“ Но тој не сакаше да ја послуша.
17 Тогаш го повика својот слуга што го послужуваше и му заповеда: „Води ја оваа оттука, истерај ја и заклучи ја вратата по неа!“ 18 (А таа имаше на себе долга ригеста кошула,+ зашто царските ќерки, девици, носеа таква облека.) И неговиот служител ја изведе надвор и ја заклучи вратата зад неа. 19 А Тамара си ја посипа главата со пепел+ и ја раскина долгата ригеста кошула што ја имаше на себе. Си ја покри главата+ со рацете и замина оттаму плачејќи гласно по патот.
20 А Авесалом,+ нејзиниот брат, ѝ рече: „Дали можеби беше со тебе твојот брат Амнон?+ Сега, сестро моја, молчи, зашто ти е брат.+ Не земај го тоа на срце“. И Тамара остана во куќата на својот брат Авесалом, повлечена од другите. 21 Кога чу за сѐ што се случило,+ цар Давид многу се разгневи.+ 22 А Авесалом не зборуваше со Амнон ни лошо ни добро, зашто Авесалом го мразеше+ Амнон поради тоа што ја осрамоти сестра му Тамара.
23 А по две години Авесалом ги стрижеше овците+ во Ваал-Хасор, близу Ефрем,+ и ги повика сите царски синови.+ 24 Така Авесалом дојде кај царот и му рече: „Еве, твојот слуга ги стриже овците. Те молам, царот и неговите слуги нека појдат со твојот слуга“. 25 Но царот му одговори на Авесалом: „Не, сине, нема да дојдеме сите за да не ти бидеме товар“. Иако Авесалом го наговараше,+ царот не сакаше да оди, туку го благослови.+ 26 На крајот Авесалом рече: „Ако не доаѓаш ти, те молам дозволи да дојде со нас барем мојот брат Амнон“.+ А царот го праша: „Зошто да дојде тој со тебе?“ 27 Но Авесалом го наговараше,+ така што царот на крајот ги пушти со него Амнон и сите свои синови.
28 Тогаш Авесалом им заповеда на своите слуги: „Внимавајте! Кога срцето на Амнон ќе се развесели од вино+ и кога јас ќе ви кажам: ‚Убијте го Амнон!‘ — погубете го! Не плашете се!+ Зарем не ви заповедав така јас? Бидете силни и храбри!“ 29 И слугите на Авесалом му направија на Амнон така како што им заповеда Авесалом.+ Тогаш скокнаа сите други царски синови, секој ја јавна својата маска, и сите побегнаа. 30 И додека тие уште беа на пат, до Давид стигна веста: „Авесалом ги уби сите царски синови, не остана ниту еден од нив“. 31 Тогаш царот стана, ја раскина облеката+ и легна на земја,+ и сите негови слуги стоеја околу него со раскината облека.+
32 Но Јонадав,+ синот на Симеја,+ Давидовиот брат, рече: „Нека не мисли господарот мој дека се убиени сите момци, синовите на царот, зашто загинал само Амнон.+ Авесалом нареди така, зашто тоа го смислуваше+ уште од оној ден кога Амнон ја осрамоти+ сестра му Тамара.+ 33 Затоа сега мојот господар, царот, нека не ја зема на срце веста дека загинале сите царски синови. Загинал само Амнон“.
34 Во меѓувреме Авесалом избега.+ А младичот што беше на стража+ ги подигна очите и здогледа мноштво луѓе како доаѓаат по патот што врвеше по планинските стрмнини, а се наоѓаше зад него. 35 Тогаш Јонадав+ му рече на царот: „Еве, доаѓаат царските синови! Се случило така како што ти рече твојот слуга“.+ 36 Тукушто го изговори тоа, влегоа царските синови и почнаа гласно да плачат. А и царот и сите негови слуги горко плачеа. 37 А Авесалом избега и отиде кај Талмај,+ синот на Амиуд, царот на Гесур.+ Давид за сето време тагуваше+ за својот син. 38 Така Авесалом избега во Гесур+ и таму остана три години.
39 На крајот Давид посака да отиде кај Авесалом, зашто се утеши за Амнон, кој беше мртов.