Хируршки зафат без скалпел
НА ПОЧЕТОКОТ се мислеше дека главоболката на Кристин, иако остра, не е причина за тревога; на крајот на краиштата, таа исчезна после еден ден. Но, потоа на Кристин ѝ се вкочани вратот. Тогаш, нејзината главоболка се врати и таа изгуби ориентација — необични симптоми за секого, а камоли за едно осумгодишно дете.
Во болницата, едно скенирање со компјутеризирана томографија (CT) откри дека Кристин има артериовенска деформација (AVM) во мозокот — заболување при кое артериите се испреплетени со вените.a Без лекување, Кристин би можела на крајот да доживее смртоносен мозочен удар.
Сѐ до последниве години, таквите AVM можеа да се лекуваат само со инвазивен хируршки зафат во мозокот. Во оваа постапка хирургот го повлекува скалпот и го расечува черепот. Потоа, тој мора да пробие низ деликатниот лавиринт од нерви и мозочно ткиво за да допре до повредата. Клиничките разгледувања откриваат дека во текот на 1995 имало компликации кај речиси 12 проценти од операциите на AVM.
Родителите на Кристин се одлучија за Гама-нож наместо за хируршки нож. Називот малку залажува бидејќи Гама-ножот, всушност, не е нож. Наместо тоа, тој е една направа која исфрла 201 прецизно фокусирани светлосни зраци на радијација низ неоштетениот череп. Секој поединечен зрак е преслаб за да го оштети ткивото во кое продира. Но, сите 201 зраци се внимателно насочени за да пресечат и да пуштат висока доза на озрачување токму на она место каде што е повредата.
Според некои испитувања, Гама-ножот се покажал економичен и има значително помалку случаи на постоперативна инфекција отколку при конвенционалната неврохирургија. Но, како се изведува постапката?
Четирите чекори на радиохирургија
Радиохирургијата со Гама-нож се изведува во четири основни чекори. Прво, главата на пациентот се поставува во една лесна рамка која ќе го држи пациентот мирен за време на постапката. Второ, се прави „мапа“ на мозокот на пациентот или со помош на CT-скенирање, или со слика со магнетна резонанција (MRI) или, пак, со ангиограм. Потоа, сликите на мозокот се пренесуваат во компјутеризиран систем за планирање на постапката, кој ја изолира целта и ги одредува нејзините координати.
Конечно, време е за фазата на постапката, при која главата на пациентот се поставува во еден шлем со 201 отвор преку кои се емитуваат гама зраци. Траењето на постапката? Само 15 до 45 минути при кои пациентот е под благо дејство на седативи и не чувствува никаква болка.
Кога постапката ќе заврши, пациентот останува во болницата за да се надгледува, и обично следното утро веќе се отпушта. Така беше во случајот со Кристин, спомната на почетокот. Беше лекувана во четврток, пуштена во петок, а на училиште се врати следниот понеделник.
Што се случува со AVM?
Радиохирургијата не ги уништува дословно артериовенските деформации. Наместо тоа, таа предизвикува клетките во обвивката на крвните садови да се умножат, блокирајќи го протокот на крв до проблематичното подрачје. Како резултат на тоа, можеби за една или две години, дефектните садови потполно се затвораат. Тогаш артериовенската деформација се намалува и на крајот телото ја санира.
Гама-ножот се користи и за лекување на помали малигни тумори кои јасно се оцртуваат, како и на некои метастатични тумори кои се шират во мозокот од ракот кој се развил во другите делови на телото. Освен тоа, тој покажал ветувачки резултати кај тригеминалната невралгија (тегобно заболување кое го погодува фацијалниот нерв), епилепсијата, Паркинсоновата болест и некои случаи на нескротлива болка.
Се разбира, сѐ уште има некои мозочни тумори и заболувања кои не му попуштаат на Гама-ножот. Дали напредоците во неврохирургијата ќе водат до уште поделотворни постапки, останува да се види. Во меѓувреме, радиохирургијата со Гама-нож им нуди надеж на многу пациенти со тумор.
[Фуснота]
a CT-скенирање е рендгенска снимка на пресекот на некој дел од телото.
[Рамка на страница 25]
Развојот на радиохирургијата
Гама-ножот го конструирале пред речиси 50 години неврохирургот Ларс Лексел и биофизичарот Борји Ларсон. Лексел открил дека само една интензивна доза на озрачување може да ги уништи длабоко вкоренетите мозочни повреди без засек — значи, без крвавење или ризик од инфекција.
Лексел ја нарекол својата нова постапка стереотаксична радиохирургија. Конечно, лекарите имале начин како да ги лекуваат претходно непристапните делови од мозокот, без да мораат да користат скалпел за грубо пробивање низ лавиринт од деликатни нерви и мозочно ткиво. Меѓутоа, примената на оваа нова постапка мораше да чека многу години за развојот на современите техники на сликање, како што се CT-скенирањето и MRI, кои можат прецизно да им кажат на хирурзите каде да го насочат озрачувањето. Првиот апарат Гама-нож бил инсталиран во Стокхолм во 1968.
[Слики на страница 24]
Четирите чекори на радиохирургијата со Гама-нож
1. Поставување на рамката
2. Правење слики на мозокот
3. Сликите направени со компјутер помагаат во планирањето на постапката
4. Фаза на постапката
[Извор на слика]
Сликите се со љубезна дозвола на Elekta Instruments, Inc., производители на Гама-нож®