Младите прашуваат . . .
Што е со расната гордост?
„Еден од моите школски другари секогаш зборува за расите и за бојата на другите луѓе“, воздивнува 17-годишната Тања. „Во многу од своите разговори, тој тврди дека е над нив.“
СОСЕМА е природно да се биде горд на своето семејство, култура, јазик или место на раѓање. „Јас сум Виетнамка“, вели едно 15-годишно девојче по име Фон, „и се гордеам со својата култура.“
Но, премногу често расната гордост оди рака под рака со расизмот. Затоа, оваа гордост може да биде како еден рак кој подмолно ги нагризува односите, дури и кога е камуфлирана зад маската на учтивост. Исус Христос рекол: „Од преполнето срце прикажува устата“ (Матеј 12:34). А длабоко вкоренетите чувства на супериорност — или на презир — честопати избиваат на површината, предизвикувајќи рана и болка.
Понекогаш расната гордост станува дури и насилна. Во последниве години таа била гориво за војните, бунтовите и крвавите „етнички чистења“. Меѓутоа, не мора да бидеш сведок на крвопролевање за да ја запознаеш грдата страна на расната гордост. На пример, дали гледаш доказ за тоа на училиште, на работа или во твоето соседство? „Да, дефинитивно“, објаснува една христијанска младинка по име Мелиса. „Некои од моите школски другари им се исмејуваат на децата кои зборуваат со акцент и им велат дека се подобри од нив“. Слично известува и Тања: „На училиште сум чула како децата отворено им велат на другите: ‚Јас сум подобар од тебе‘“. Во една анкета во САД, речиси половина од оние кои одговарале рекле дека лично искусиле некој облик на расна предрасуда во текот на претходната година. „Расната напнатост во моето училиште е доста лоша“, рекла една младинка по име Наташа.
Сега замисли си дека живееш во една земја или подрачје каде што има голем прилив на имигранти, драматично менувајќи го карактерот на твоето училиште, соседство или христијанско собрание. Дали се чувствуваш малку непријатно поради тоа? Тогаш, можеби расната гордост повеќе е фактор на твоето размислување отколку што можеби си свесен.
Исправна наспроти неисправна гордост
Дали ова значи дека гордоста во суштина е лоша? Не мора да значи. Библијата покажува дека исправната гордост има свое место. Кога апостол Павле им пишувал на христијаните во Солун, тој рекол: „Ние се гордееме со вас меѓу собранијата Божји“ (2. Солунјаните 1:4, NW). Слично, поседувањето барем извесна мерка чувство на лична вредност е здраво и нормално (Римјаните 12:3). Затоа, не е погрешно, само по себе, да се биде донекаде горд на својата раса, семејство, јазик, боја или родно место. Сигурно дека Бог не би барал да бидеме посрамени од такви работи. Кога за апостол Павле по грешка мислеле дека е египетски криминалец, тој не се колебал да рече: „Јас сум Јудеец од Тарс, граѓанин на тој не непознат град“ (Дела 21:39).
Меѓутоа, расната гордост станува грда кога потхранува претерано чувство на самопочит или кога предизвикува човек да гледа од високо на другите. Библијата вели: „Стравот Господов ја мрази неправдата; ја мрази гордоста и високомерноста, лошиот пат и подмолната уста“ (Изреки 8:13). А Изреки 16:18 наведува: „Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање — надуеноста“. Значи, фалењето дека некој ѝ припаѓа на посупериорна раса му е одбивно на Јехова. (Спореди Јаков 4:16.)
Потеклото на расната гордост
Што ги наведува луѓето да бидат претерано горди на својата раса? Книгата Black, White, Other од Лиз Фундербург вели: „За многу луѓе, нивните први (и најтрајни) впечатоци за расата доаѓаат од родителите и од семејството“. За жал, премногу често впечатоците кои ги пренесуваат некои родители се неурамнотежени или искривени. На некои млади можеби директно им е речено дека луѓето од нивната раса се подобри и дека луѓето од другите раси се поинакви или инфериорни. Но, почесто младите луѓе едноставно гледаат како нивните родители имаат малку работа со луѓето од другите раси. И ова може да има силно влијание врз нивното размислување. Анкетите откриваат дека, иако тинејџерите и родителите пропуштаат да имаат исто мислење кога станува збор за облеката или музиката, повеќето млади ги делат гледиштата на своите родители во врска со расата.
Неурамнотежени ставови во врска со расата можат да се развијат и како одговор на угнетување и малтретирање (Проповедник 7:7, NW). Педагозите забележале дека, на пример, на децата на таканаречените малцински групи честопати им недостига самопочитување. Во обид да се поправат работите, некои педагози изработиле школска наставна програма која ги поучува децата за историјата на нивната раса. Интересно е што критичарите аргументираат дека овој нагласок на расната гордост едноставно создава расизам.
И личното искуство може да игра улога во развојот на нездрави расни ставови. Некоја непријатна средба со лице од поинаква раса може да наведе некого да заклучи дека сите членови на таа раса се одбивни или нетолерантни. Негативни чувства може да се создадат и тогаш кога медиумите ги ставаат во центарот на вниманието расните конфликти, бруталноста на милицијата и протестните собири или, пак, кога етничките групи ги прикажуваат во негативно светло.
Митот за расна супериорност
Што е со тврдењето на некои дека нивната раса го има правото да се чувствува посупериорна од другите? Веќе и самата идеја дека луѓето навистина можат да бидат поделени на различни раси е сомнителна. Една статија во Newsweek известила: „За научниците кои го разгледале ова прашање, расата е закоравено лукав концепт кој му бега на секој сериозен обид да се дефинира“. Точно е тоа дека може да има „забележливи разлики во бојата на кожата, структурата на косата и во обликот на нечии очи или нос“. Меѓутоа, Newsweek рекол дека „тие разлики се само површни — па колку и да се обидуваат научниците, тие се покажале сосема неспособни да дојдат до значителен збир разлики кои разграничуваат една расна група од друга . . . Крајниот резултат на повеќето научници кои работат на овие полиња е тоа што расата е само ‚општествен концепт‘ — [корумпирана] мешавина од предрасуда, суеверие и мит“.
Дури и ако можат да се направат научни разлики меѓу расите, идејата за „чиста“ раса е измислица. The New Encyclopædia Britannica забележува: „Не постојат чисти раси; сите расни групи кои постојат во моментов се потполно измешани“. Каков и да е случајот, Библијата поучува дека Бог „од еден човек ги направи сите човечки нации“ (Дела 17:26, NW). Без оглед на бојата на кожата, структурата на косата или цртите на лицето, во суштина, постои само една раса — човечката раса. Сите луѓе се поврзани преку нашиот прататко Адам.
Древните Евреи биле сосема свесни за заедничкото потекло на сите раси. Сепак, дури и откако станале христијани, некои цврсто се држеле за верувањето дека се посупериорни од не-Евреите — вклучувајќи ги и нивните соверници не-Евреи! Апостол Павле го срушил верувањето во расна супериорност изјавувајќи, како што е запишано во Римјаните 3:9: „Како Јудејците така и Елините . . . се сите под грев“. Значи, ниедна расна група не може да се фали со некаква посебна положба пред Бог. Всушност, само преку верата во Исус Христос поединци можат да имаат однос со Бог (Јован 17:3). И Божја волја е „сите [видови, NW] луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“ (1. Тимотеј 2:4).
Тоа што ќе признаеш дека сите раси се еднакви во Божјите очи може драматично да влијае врз начинот на кој се гледаш себеси и другите. Тоа може да те поттикне да гледаш на другите со достоинство и почитување, да ги цениш и да им се восхитуваш на нивните разлики. На пример, младата Мелиса, спомената претходно, не им се придружува на школските другари кога им се смеат на младите кои зборуваат со странски акцент. Таа вели: „Оние кои зборуваат два јазика ги сметам за интелигентни. Иако би сакала да зборувам некој друг јазик, јас можам да зборувам само еден“.
Исто така, запомни дека, иако луѓето од твојата раса и култура несомнено имаат многу нешта на кои би се гордееле, истото тоа е случај и со луѓето од другите раси. И иако можеби е разумно да бидеш донекаде горд на својата култура и на достигнувањата на твоите предци, далеку позадоволувачки е да бидеш горд на она што си го постигнал ти лично со труд и напорна работа! (Проповедник 2:24). Всушност, има едно достигнување на кое Библијата те подбудува да се гордееш. Како што е изнесено во Јеремија 9:24, самиот Бог вели: „Кој се фали, нека се фали со тоа, дека Ме разбира Мене и дека знае оти Јас сум Господ“. Дали ти можеш да се пофалиш со тоа?
[Слика на страница 14]
Познавањето на Божјето гледиште за расата ни помага да уживаме во друштвото на луѓе од други раси