Значајна промена на подобро
„Во 1900, светот се наоѓаше на прагот на една од најзначајните епохи на промени во човечката историја. Стариот поредок му го отстапуваше местото на еден нов поредок“ (Тајмсовиот атлас на 20-тиот век).
НА ПОЧЕТОКОТ на 20-тиот век, „светот влезе во една ера на исклучителен немир и насилство“, вели горецитираниот атлас. На овој век му претстоеја повеќе војни отколку што имало во кој и да е друг век, и во него загинаа повеќе од 100 милиони луѓе.
Во оваа ера, војните убија повеќе цивили од кога и да е порано. Во I светска војна, 15 проценти од загинатите беа цивили. Но, во II светска војна, во некои земји бројот на загинатите цивили го надмина бројот на загинатите војници. Од милионите кои оттогаш се убиени во војните, повеќето беа цивили. Сето тоа насилство го исполнува библиското пророштво за јавачот на ‚црвениот коњ‘, на кој му било „дадено да го одземе мирот на земјата“ (Откровение 6:3, 4; Матеј 24:3—7).
Промена во мерилата
Овој 20-ти век го исполни пророштвото од 2. Тимотеј 3:1—5, кое гласи: „Во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“.
До извесен степен, несовршените луѓе отсекогаш ги покажувале овие карактеристики. Во текот на 20-тиот век, ваквите ставови се засилија и се раширија. Луѓето кои се однесуваат на погоре наведените начини, некогаш се сметале за непожелни за друштво — па дури и за сосема злобни. Денес, дури и луѓето кои се „на изглед побожни“ сѐ повеќе сметаат дека таквото однесување е нормално.
Порано, религиозните луѓе сметале дека е незамисливо двојките да живеат заедно а да не се во брак. Се сметало за срамота да се биде немажена мајка или, пак, да се биде хомосексуалец. За многу луѓе абортусот и разводот не доаѓале предвид. Нечесноста во бизнисот заслужувала прекор. Но денес, како што забележува еден извор, „сѐ е дозволено“. Зошто? Една причина е тоа што така „се задоволуваат личните интереси на оние кои не сакаат некој друг да им кажува што не треба да прават“.
Напуштањето на високите етички мерила во овој век предизвикало промена на приоритетите. Тајмсовиот атлас на 20-тиот век објаснува: „Во 1900-тата година, нациите и луѓето сѐ уште ја мереа својата вредност со немонетарни термини . . . До крајот на векот, нациите речиси сосема почнаа да го мерат својот успех со економски термини . . . Слични промени настапија и во начинот на кој луѓето размислуваа за богатството“. Денес, раширеното коцкање поттикнува љубов кон парите, додека радиото, телевизијата, филмовите и видеата ги поттикнуваат материјалистичките желби. Дури и квизовите и рекламните натпревари ја испраќаат пораката дека парите се, ако не сѐ, тогаш барем речиси сѐ.
Заедно, но одвоени
На почетокот на 20-тиот век, повеќето луѓе живееле во селските подрачја. Се вели дека на почетокот на 21 век, повеќе од половина население ќе живее во градовите. Книгата 5000 дена за да се спаси планетата вели: „Задачата да се обезбеди пристоен животен стандард за денешните градски жители, а да не ги спомнуваме оние од идните генерации, создава навидум несовладливи проблеми“. Списанието World Health, што го издаваат ОН, забележало: „Соодносот на луѓето во светот кои живеат во градовите расте . . . стотици милиони . . . сега живеат во услови кои се штетни за нивното здравје, па дури и ги загрозуваат нивните животи“.
Колку само е парадоксално тоа што луѓето, иако се преселуваат поблизу еден до друг во градовите, истовремено сѐ повеќе се одвојуваат! Телевизијата, телефоните и Интернет, како и телешоп купувањето, иако корисни, ги заобиколуваат контактите лице в лице. Затоа, германскиот весник Berliner Zeitung заклучува: „20-тиот век не е само век на пренаселеност. Тој е и век на осаменост“.
Тоа води до трагедии, како онаа во Хамбург (Германија), каде што во станот на еден човек било пронајдено неговото тело пет години по неговата смрт! „Никому не му недостигал, ниту на роднините ниту на соседите ниту, пак, на властите“, рекол Der Spiegel, додавајќи: „За многу граѓани ова го симболизира стравотниот обем на секојдневната анонимност и недостигот на друштвени контакти во големиот град“.
Вината за таквата жалосна состојба не лежи само во науката и технологијата. Таа лежи главно во луѓето. Повеќе од кога и да е порано, овој век создал луѓе кои се „себељубиви, љубители на пари . . . неблагодарни . . . без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор . . . без љубов кон доброта . . . љубители на уживањата наместо љубители на Бога“ (2. Тимотеј 3:1—5, NW).
1914 — значајна година
Според Винстон Черчил, „осамнувањето на дваесеттиот век изгледало светло и мирно“. Многумина мислеле дека тој ќе донесе ера на беспримерен мир и просперитет. Сепак, во 1905, Стражарска кула од 1 септември предупреди: „Наскоро ќе има уште војни“, и исто така изјави дека во 1914 ќе започне една „голема катаклизма“.
Всушност, уште во 1879, оваа публикација укажа на 1914 како на значаен датум. Следните години беше забележано дека библиските пророштва во книгата Даниел укажуваат на тој датум како на времето кога Божјето Царство ќе биде воспоставено на небото (Матеј 6:10). Иако во 1914 не било времето кога Царството презело целосна контрола над работите на земјата, тоа било време за да започне со своето владеење.
Библиското пророштво претскажало: „Во деновите на тие царства [кои постојат во нашево време] небесниот Бог ќе подигне царство [на небото], кое нема да се разруши никогаш“ (Даниил 2:44). Тоа Царство, со Христос како Цар, почнало да ги собира овде на Земјата богобојазливите луѓе кои имаат желба да бидат негови поданици (Исаија 2:2—4; Матеј 24:14; Откровение 7:9—15).
Истовремено со она што се случило на небото, во 1914 започнале „последните денови“, почетокот на еден временски период кој ќе заврши со уништување на системот на ствари кој владее денес. Исус претскажал дека почетокот на овој период ќе биде одбележан со светски војни, недостиг на храна, епидемии на болести, разорни земјотреси и зголемено беззаконие, како и со оладување на љубовта на луѓето кон Бог и кон човекот. Сите овие работи, рекол тој, ќе го одбележат ‚почетокот на болките‘ (Матеј 24:3—12).
Наскоро еден сосема нов свет
Веќе 85 години сме навлезени во „последните денови“и брзо се приближуваме кон крајот на овој сегашен незадоволувачки систем на ствари. Наскоро, Божјето Царство, под Христос, „ќе ги победи и разруши сите царства [кои постојат денес], а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44; 2. Петрово 3:10—13).
Да, Бог ќе ја избрише злобата од земјата и ќе ги воведе луѓето со праведни срца во еден сосема нов свет. „Праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците ќе бидат истребени од земјата“ (Изреки 2:21, 22).
Колку само радосна порака — порака која сигурно заслужува да се објавува надалеку и нашироко! Наскоро Божјето Царство ќе ги реши проблемите кои 20-тиот век само ги зголемил: војната, сиромаштијата, болеста, неправдата, омразата, нетолеранцијата, невработеноста, криминалот, несреќите, смртта. (Видете Псалм 36:10, 11; 45:8, 9; 71:12—14, 16; Исаија 2:4; 11:3—5; 25:6, 8; 33:24; 65:21—23; Јован 5:28, 29; Откровение 21:3, 4.)
Дали Ве привлекува изгледот за вечен живот во еден праведен свет на неопислива среќа? Побарајте повеќе информации од Јеховините сведоци. Тие ќе Ви покажат од Вашата Библија дека критичните години на промена кои го означија 20-тиот век наскоро ќе завршат и дека потоа ќе можете да уживате во бескрајни благослови!
[Слика на страница 10]
Наскоро еден сосема нов свет