Од живот на криминал до живот на надеж
РАСКАЖАЛ КОСТА КУЛАПИС
ДОДЕКА ВКОЧАНЕТО ГЛЕДАВ ВО ВАЛКАНИТЕ ЅИДОВИ НА МОЈАТА ЗАТВОРСКА ЌЕЛИЈА, РЕШИВ ДА НАЈДАМ НАЧИН ДА ДОЈДАМ ДО ГОЛЕМА СУМА ПАРИ ЗА ДА МОЖАМ ДА СЕ ОТТРГНАМ ОД КРУГОТ НА КРИМИНАЛ ВО КОЈ СЕ НАОЃАВ И ДА ЗАПОЧНАМ НОВ ЖИВОТ.
СЕДЕЈЌИ таму — беден и депримиран — се потсетив дека претходната година умреа 11 мои пријатели. Еден беше обесен заради убиство, друг изврши самоубиство додека чекаше да му судат за убиство, тројца умреа од преголема доза дрога, двајца беа претепани до смрт во улични тепачки, а четворица умреа во автомобилски несреќи. Исто така, уште неколку други пријатели се наоѓаа во различни затвори осудени за сериозни злосторства.
Затоа, во мракот на мојата затворска ќелија, очајнички го молев Бог, кој и да е тој, да ми покаже излез од овој лавиринт на криминал. Дури по некое време го добив одговорот на таа молитва. Во меѓувреме, успеав да го избегнам сериозното обвинение за напад со намера да нанесам тешка телесна повреда. Една спогодба меѓу тужителот и адвокатот ми помогна и успеав да се извлечам со полесно обвинение и со намалена казна. Но, најнапред да ви објаснам како се најдов во таква неволја.
Роден сум во 1944 во Преторија (Јужна Африка) и таму пораснав. Моите рани години беа несреќни, а животот на моето семејство честопати беше мизерен заради насилничките изливи на гнев на татко ми, кои беа уште потешки заради неговите чести пијанства. Тој беше и тежок коцкар, а промените во неговото расположение водеа до тешки вербални и физички повреди на сите нас, а особено на мајка ми. За да избегам од постојаните расправии, тргнав по улиците.
Мојот пат до криминал
Како резултат на тоа, се здобив со искуство на рана возраст. На пример, кога имав осум години, научив две лекции. Првата беше кога ме фатија со играчките што ги украдов од домот на едни соседи. Татко ми ме претепа. Сѐ уште можам да ја чујам неговата лута закана: „Само ако те фатам уште еднаш со нешто украдено, ќе ти ја скршам главата!“ Мојата одлука не беше никогаш повеќе да не крадам туку никогаш повеќе да не ме фатат. ‚Следниот пат ќе скријам и нема да ме откријат‘, си помислив.
Втората лекција што ја научив кога бев сѐ уште многу млад немаше никаква врска со криминалот. На еден библиски час на училиште, нашата учителка ни кажа дека Бог има лично име. „Божјето име е Јехова“, рече таа на наше изненадување, „и ќе ја слушне секоја молитва што ќе ја кажете, сѐ додека ја кажувате во името на неговиот Син, Исус.“ Тоа остави силен впечаток врз мојот млад ум, иако не ме спречи да отпловам кон живот на криминал. Всушност, до средно училиште веќе бев стручњак за крадење по дуќани и за разбивање. Моите пријатели на училиште не ми беа од помош затоа што многу од нив веќе беа во поправни домови заради различни криминални дела.
Како што минуваа годините, се навикнав на живот на криминалец. Бев вмешан во безброј грабежи, провали, кражби по автомобили и насилнички напади уште додека бев тинејџер. Бидејќи постојано висев во билијард клубовите и во баровите пренесувајќи пораки за подведувачите, проститутките и криминалците, не ја завршив ниту првата година од техничкото средно училиште.
Редовно се дружев со закоравени криминалци, кои не се колебаа да го осакатат секој што ќе ги предадеше. Научив дека се исплаќа да молчам и никогаш да не се фалам со моите постигнувања ниту да се расфрлам со пари. Тоа само би разгласило дека е извршено некое криминално дело, што би можело да го привлече вниманието на полицијата и да води до непријатни распрашувања. Што е уште полошо, тоа би можело да навлече и неочекувани посети од други криминалци кои ќе сакаат дел од пленот.
Сепак, и покрај тие мерки на претпазливост, понекогаш полицијата ме држеше под надзор заради сомнение дека сум вмешан во незаконски активности. Но, внимавав никогаш да не поседувам нешто што би можело да ме поврзе со криминал или што би можело да ме стави под обвинение. Во една прилика полицијата насилно влезе во нашиот дом во три часот наутро. Два пати ја пребараа целата куќа, барајќи бела техника — било ограбено складиштето на еден локален трговец на големо. Не најдоа ништо. Ме одведоа во полициската станица за да ми земат отпечаток од прстот, но не ме обвинија.
Во светот на дрогата
Од 12-годишна возраст, редовно почнав да користам тешки дроги. Таквата злоупотреба ми се одрази на здравјето, а во неколку прилики за малку ќе земев преголема доза. По кратко време се запознав со еден лекар кој имаше јаки врски со подземјето. Потоа станав дилер на дрога и наскоро сфатив дека е многу помал ризикот да снабдувам неколку дистрибутери бидејќи така можев да останам надвор од видикот додека други го преземаа ризикот.
За жал, некои од луѓето на кои им продавав дрога зедоа преголема доза и умреа или, пак, извршија тешки криминални дела додека беа под дејство на дрогата. Еден „пријател“ уби прочуен лекар. Ова беше на насловните страници на весниците низ целата земја. Тогаш се обидел да ме обвини мене, но јас не бев ни чул за таа случка сѐ додека полицијата не се појави на мојата врата. Всушност, полицијата честопати доаѓаше и ме распрашуваше за различни криминални дела што беа извршени.
Меѓутоа, еден ден направив нешто многу глупаво. По една недела земање дрога и пијанчење, откако се разгневив после едно недоразбирање, нападнав двајца луѓе и тешко ги повредив. Следното утро ме идентификуваа како напаѓач и бев уапсен под обвинение за напад со намера да нанесам тешка телесна повреда. Така се најдов в затвор.
Збогати се, па потоа биди чесен
Откако ме ослободија од затвор, чув за една можност да работам како контролор на складиште во една фармацевтска компанија. Поднесов молба и го убедив работодавачот дека јас сум вистинскиот човек за таа работа. Со препорака од еден пријател кој веќе беше во компанијата, ја добив работата. Сметав дека тоа е начин да заработам многу пари и да отидам на некое друго место за да почнам чесно од почеток. Затоа се зафатив со учење на сите аспекти на бизнисот колку што е можно поскоро и си легнував доцна секоја ноќ учејќи ги имињата на сите лекови. Бев уверен дека тоа ќе биде патот до еден нов живот.
Мојот план беше да чекам да дојде моето време и да ја стекнам довербата на работодавачите. Потоа, во поволен момент, ќе провалам и ќе украдам големо количество одредени лекови за кои знаев дека се многу скапи на црниот пазар, ќе ги продадам и преку ноќ ќе станам релативно богат човек. Смислив едно сигурно алиби, како што си мислев, за да си обезбедам слобода и нов живот.
Дојде време да дејствувам според планот. Една ноќ, откако претпазливо влегов во магацинот, погледнав по полиците наредени со лекови кои вредеа стотици илјади долари. Во нив ја гледав мојата шанса да започнам живот без криминал и насилство. Но, прв пат во животот почна да ме пече совеста. Што ја предизвика оваа ненадејна грижа на совеста кога речиси заборавив дека воопшто имам совест? Да ви раскажам како се случи тоа.
Неколку недели пред тоа, шефот и јас разговаравме за смислата на животот. Како одговор на нешто што рече тој, јас реков дека последен спас е човек да се моли. „На кого?“, праша тој. „На Бог“, одговорив јас. „Но, има многу богови на кои луѓето им се молат“, рече тој, „и затоа, на кого би се молел ти?“ Јас реков: „На Семоќниот Бог“. „Аха“, продолжи тој, „а кое е неговото име?“ „Што сакаш да кажеш?“, прашав. „Па, како што ти и јас и секој друг си има име, и Семоќниот Бог има лично име“, одговори тој. Тоа звучеше логично, но јас се изнервирав. Затоа раздразнето го прашав: „Па, кое е Божјето име?“ „Името на Семоќниот Бог е Јехова!“, одговори тој.
Одеднаш годините се раздвоија како завеса и ме обзеде сеќавањето на оној час во училницата кога имав само осум години. На мое големо изненадување, тој разговор со шефот имаше зачудувачко влијание врз мене. Седевме со часови водејќи сериозен разговор. Следнот ден ми ја донесе книгата Вистина која води до вечен живот.a Таа ноќ ја прочитав целата книга и веднаш бев уверен дека ја пронајдов вистината и вистинската смисла во животот. Следните две недели цело време разговаравме за различни теми од таа извонредна сина книга.
Затоа, додека седев во мракот и тишината на магацинот, совеста ми велеше дека се сосема неисправни плановите да ги украдам и да ги продавам лековите. Тивко излегов и си отидов дома, одлучен оттогаш никогаш повеќе да не крадам.
Целосна промена
Следните денови му кажав на моето семејство дека одлучив да започнам нов живот и почнав да им пренесувам некои библиски вистини што ги научив. Татко ми сакаше да ме избрка од дома. Но, брат ми Џон ме бранеше велејќи му на татко ми: „Прв пат во животот Коста прави нешто што не е криминал, а ти сакаш да го избркаш? Сакам да дознаам нешто повеќе за ова“. На мое пријатно изненадување, Џон ме замоли да ја проучувам Библијата со него. Оттогаш, секој што ќе дојдеше кај мене за да побара дрога, добиваше примерок од книгата Вистина! Наскоро водев 11 библиски студии со помош на таа книга.
Потоа дознав дека шефот на компанијата не беше Сведок. Жена му била Сведок околу 18 години, но тој „никогаш немал време за да направи нешто за вистината“. Затоа договори еден искусен Сведок да води редовна библиска студија со мене. Наскоро проучувањето ми помогна да увидам дека е потребно да се соочам и со други спорни прашања во животот, и набргу вистината од Божјата реч почна да ме ослободува од световните патишта (Јован 8:32).
Меѓутоа, одеднаш се почувствував совладан од брзината со која се случија работите во време од само неколку седмици. Стоев пред огромни промени и сфатив дека ме очекува голема борба помеѓу телото и духот ако продолжам да го следам правецот што ми го покажуваше мојата библиска студија. Од друга страна, пак, сфатив дека ми претстои смрт, или барем поголемиот дел од мојот живот во затвор, ако продолжам да живеам како дотогаш. Затоа, после многу размислување и горлива молитва, одлучив да го следам патот на вистината. Моето предание на Јехова го симболизирав со крштавање во вода по шест месеци, на 4 април 1971.
Награди од чесниот живот
Додека размислувам, понекогаш сум совладан од емоциите кога ќе помислам на благословите што ги доживеав откако донесов одлука да го напуштам животот на криминал. Од 11 лица со кои почнав да проучувам првите неколку бурни недели, 5 сѐ уште чекорат по патот на вистината. И мајка ми прифати библиска студија и стана крстен Сведок и продолжи верно да му служи на Бог сѐ до својата смрт во 1991. Моите двајца браќа му го предадоа својот живот на Јехова и сега служат како старешини. Ѝ помогнав и на тетка ми да ја дознае вистината и таа служи во полновремена служба последниве 15 години.
Шефот на фармацевтската компанија за која работев беше толку охрабрен од промените во мојот живот што почна посериозно да ја сфаќа библиската вистина. После една година откако се крстив, и тој го симболизираше своето предание на Бог со крштавање во вода. Подоцна служеше многу години како старешина во едно собрание на Јеховините сведоци во Преторија.
Сега сум оженет со една предадена христијанка. Леони и јас се преселивме во Австралија во 1978. Таму се родија нашите два сина, Елија и Пол. Моето семејство кое ме охрабрува е вистински извор на сила за мене. Имам предност да служам како старешина во Канбера, главниот град на Австралија. Секој ден му се заблагодарувам на Јехова, кој ме спаси од еден празен живот на криминал кој водеше во беда и смрт. Освен тоа, ми даде смисла во животот давајќи ми вистинска надеж на мене и на моите љубени.
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 18]
Кога имав 12 години
[Слика на страница 18]
Со мојата сопруга и двата сина денес