Предизвиците на обединета Германија
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГЕРМАНИЈА
„КОГА моите родители и јас ја преминавме границата меѓу Источен и Западен Берлин, толпи луѓе стоеја на мостовите над автопатот мавтајќи и радувајќи се“, се присетува Рони. „Се прошетавме низ трговскиот центар Кудам во Западен Берлин и кога луѓето дознаа дека сме од Источна Германија, нѐ честеа пијалак. Сите беа весело расположени.“ Беше 10 ноември 1989, еден ден по отворањето на Берлинскиот ѕид.
Веселото расположение отиде подалеку од Берлин и ја опфати цела Источна и Западна Германија, кои дотогаш постоеја како одделни држави. Венде — збор со кој се означува пресвртницата или мирољубивата револуција која доведе до распаѓање на тоталитарната држава Источна Германија — ги изненади речиси сите. Дури и откако поминаа години, многумина сметаат дека Венде е најсреќниот период во текот на изминатите 50 години. Се разбира, еуфоријата попушти пред реалноста, оставајќи нѐ да се прашаме: ‚Како се промени животот откако настапи Венде? Можеме ли да научиме нешто од она што се случи?
Збогум на студената војна
За повеќето Германци, отворањето на Берлинскиот ѕид дојде како големо олеснување. Според некои извори, речиси илјада луѓе умреле на погубната граница помеѓу Исток и Запад. Во октомври 1990, двете Германии повторно се обединија во една држава, Сојузна Република Германија, со население од околу 80 милиони жители. Демократска Република Германија (ДРГ) — позната како Источна Германија — престана да постои, само 41 година од своето основање. Областа која порано ја заземаше ДРГ сега е поделена на шест држави, познати како нови сојузни држави.
Светот беше зачуден кога Венде го забрза расформирањето на комунистичкиот блок, распаѓањето на одбранбениот сојуз на Варшавскиот пакт и крајот на студената војна. Трупите на спротивставените суперсили — кои 40-тина години меѓусебно се набљудуваа преку внатрешната германска граница — се повлекоа од германското тло. Овие настани се случија без да се истрела ниту еден куршум.
По повторното обединување, Германија ја зафати една драматична промена која првенствено се одрази врз животот во новите сојузни држави. За многу луѓе, промената беше подраматична отколку што очекуваа.
Конечно слобода!
Она што населението на ДРГ најмногу сакаше да се постигне со Венде беше слобода. Тоа не е ни чудно, бидејќи тоталитарната држава ги држеше своите граѓани како во кафез. Во времето пред Венде беше тешко или невозможно да се добие виза за да се премине внатрешната германска граница. Одеднаш тоа се промени. Една жена извикнала: „Само замислете си, можеме да одиме во Америка!“ За голем број луѓе, тоа што повторно се заедно со своите роднини и пријатели од другата страна на границата постојано им дава причина да бидат благодарни.
Слободата им дозволува на луѓето од Источна Германија да одат на запад, но и на оние од Западна Германија да одат на исток. Така, туристичките атракции во новите сојузни држави сега повторно се одбележани на географската карта, така да се каже. На пример, туристите можат да го посетат градот Витенберг, каде што Мартин Лутер ја започнал реформацијата, од која произлегла протестантската религија. Потоа, тука се Мајсен, град кој е познат по својот рачно изработен порцелан, и Вајмар, кој порано беше дом на двајца од најпознатите германски писатели, Јохан Волфганг фон Гете и Фридрих фон Шилер. Во 1999, Вајмар беше прогласен за европски град на културата, првиот град од поранешниот комунистички блок кој добил таква чест.
Што е со слободата на говорот? Луѓето во новите сојузни држави можат отворено да зборуваат без да се плашат дека ќе бидат прислушкувани од Штази, односно државната безбедност. А луѓето на улица се радуваат што можат слободно да изберат телевизиски програми и материјал за читање. Матијас се потсетува: „Кога одев на училиште, ни ги конфискуваа сите публикации што ќе ги добиевме од Запад“.
А слободата на обожавање? Во ДРГ, религијата беше спречувана, а две третини од граѓаните не беа поврзани со ниедна религија. Во цела повторно обединета Германија има слобода на обожавање повеќе од десет години, најдолг период откако Хитлер почна да ја ограничува религијата во 1933. Но, слободата на религијата не значи дека религијата е популарна. Главните цркви се жалат дека веќе извесно време го изгубиле своето влијание, а Венде го забрза овој тренд. Од друга страна, пак, Јеховините сведоци, кои беа забранети и прогонувани од тоталитарниот режим, ги проширија своите активности. Во текот на изминативе десет години, во новите сојузни држави Сведоците изградија 123 Сали на Царството и 2 Собирни сали.
Градежните проекти од секаков вид добија огромни размери во новите држави. Берлин повторно беше прогласен за државна престолнина и доживува огромна модернизација. Во сите нови сојузни држави се направени подобрувања во инфраструктурата, а тоа вклучува и издвојување огромни парични средства за патишта и железници. Многу е направено за да се уреди животната средина и за да се издигнат здравствената нега и социјалната заштита до западните стандарди. Повеќето жители од новите сојузни држави ќе се согласат дека сега имаат повисок животен стандард.
„Тоа беа добри времиња“
Меѓутоа, некои со носталгија се сеќаваат на времето пред Венде. „Тоа беа добри времиња“, објаснува една жена. Што би можело да биде добро во животот под диктаторство? Некои велат дека животот бил предвидлив и сигурен. Многумина ги ценеа тесните врски што постоеја меѓу пријателите и соседите, чувството дека секогаш можат да добијат помош и поддршка. Според Институтот за истражување на мислења во Аленсбах, „диктатурите им даваат на своите граѓани чувство на морална супериорност и сигурност“. Штом исчезна диктатурата на ДРГ, исчезна и чувството на блискост.
Друг пример: Во 1980-тите, цените на основните стоки и услуги беа ниски и сите беа вработени. „Порано, една векна леб чинеше пет фенинга, но сега чини барем десетпати повеќе“, се жали Бригите. Штом се воведе конкуренција на слободен пазар ‚ илјадници државни претпријатија отидоа под стечај, а тоа доведе до невработеност. Во поранешна Источна Германија има двапати повисока стапка на невработеност отколку на западната страна.
Досега, се проценува дека повторното обединување чини околу 800 милијарди долари. Но, треба да се направи уште многу. Кој ја плаќа оваа сметка? Овој трошок делумно се наплатува со еден посебен данок. Значи, Венде не ги допре само срцата на Германците туку и нивните џебови! Дали вложениот напор се исплатеше и дали парите беа добро потрошени? Повеќето луѓе мислат дека повторното обединување е корисно и исплатливо, потфат на кој треба да се гордеат.
Што можеме да научиме?
Венде покажа дека промената од еден на друг облик на владеење не ги задоволува сите. Многу луѓе — дури и оние кои сметаат дека Венде се исплатеше — дошле до заклучок дека животот во конкурентното капиталистичко општество може да биде подеднакво фрустрирачки како и животот под некој тоталитарен режим. Се разбира, пожелно е да се има слобода и просперитет. Но, кога цената што е платена за овие поволности е живот полн со студенило и негрижа, среќата може да биде краткотрајна.
Еден неодамнешен извештај од Десау, поранешна Источна Германија, наведува: „Помина една деценија од обединувањето; се потрошија милијарди долари за да се извлече оваа област од своето минато исполнето со проблеми“. Сепак, изгледа дека некои не се задоволни од досегашните резултати.
Институтот во Аленсбах известува дека многу луѓе се надеваат дека „освен изборот помеѓу слободна конкурентна економија и планското стопанство, може да има и трет начин“ за управување со работите на човештвото. Таа надеж ја споделуваат Јеховините сведоци.
Тие веруваат дека ниту еден политички или економски систем што го смислиле луѓето никогаш нема да ги задоволи сите потреби на човештвото. Сведоците веруваат дека тие потреби ќе бидат задоволени само под Месијанското Царство на Творецот. Наскоро, оваа небесна влада, како што вели Библијата, ќе воспостави едно владетелство на љубов и правда над целата земја. Тоа Царство ќе ги обедини сите нации на Земјата и ќе овозможи не само Германија туку и целото човештво да биде во мир. Колкав само благослов ќе биде тоа Царство (Даниел 2:44).
[Карта на страница 23]
(Види во публикацијата)
Бон
Берлин
Витенберг
Вајмар
[Слика на страница 24]
Рушењето на Берлинскиот ѕид и отстранувањето на границата беше поздравено со општо олеснување
[Извор на слика]
Фотографија: Landesarchiv Berlin
[Слика на страница 24]
Контролната станица Чарли, берлински симбол за Студената војна, претходно и потоа
[Извор на слика]
Фотографија: Landesarchiv Berlin
[Слика на страница 25]
Берлин, повторно прогласен за државна престолнина, доживува модернизација
[Слика на страница 25]
Јеховините сведоци досега изградија 123 Сали на Царството во новите сојузни држави