Подетален поглед на вашата коса
„ВО СЕКОЈА ера и култура“, забележува еден прирачник, „косата кажува нешто за личноста.“ Затоа, не изненадува тоа што повеќето луѓе се живо заинтересирани нивната коса да биде здрава и привлечна.
На четири искусни фризери Разбудете се! им постави некои вообичаени прашања во врска со составот и негата на косата. Како што се утврди, косата е нешто повеќе од она што го гледате.
Раст и паѓање на косата
П: Од што се состои косата?
О: Косата содржи кератин, еден фиброзен протеин. Секое влакно почнува да расте од една пора на главата наречена фоликул. Во основата на секој фоликул има папила, која е богато снабдена со крв. Папилата ги создава клетките на влакното, кои се придвижуваат нанапред низ фоликулот и кога ќе зајакнат, тие стануваат влакно.
П: Раширено е верувањето дека косата расте побрзо кога се потстрижува. Дали ова е точно?
О: Не. Некои луѓе мислат дека телото ја храни косата исто како што стеблото ги храни гранките на дрвото. Но, штом косата ќе израсне од главата, таа е мртва материја. Според тоа, потстрижувањето на косата нема никакво влијание врз нејзиниот раст.
П: Зошто косата побелува?
О: Внатрешниот слој на влакното содржи еден пигмент што ѝ ја дава бојата на косата. Со изумирање на клетките на овој пигмент, косата побелува; тоа е дел од процесот на стареење. Предвременото побелување на косата може да биде предизвикано од наследни фактори или од некоја болест. Меѓутоа, не е точно дека косата може да побели преку ноќ. Пигментот е сместен под кожата на главата. Затоа, треба да помине време за да порасне белата коса (околу 1,25 сантиметри месечно) и да се појави на површината на главата.
П: Од кои причини паѓа косата?
О: Паѓањето на косата е дел од природниот циклус на влакното. Во просек, кај секој човек паѓаат по 50 до 80 влакна на ден. Но, вообичаената појава на ќелавост на темето кај мажите е наследна и изгледа дека е предизвикана од хормонална нерамнотежа, што води до трајно опаѓање на косата. Абнормалното паѓање на косата се нарекува алопеција.a
П: Некои велат дека косата е огледало на здравјето. Дали сте дошле до ваква констатација?
О: Да. Под кожата на главата, крвта го храни влакното. Затоа, здравата коса може да биде одраз на богат доток на крв. Меѓутоа, оној што се храни лошо или претерува со алкохолни пијалаци може да утврди дека неговата коса станува млитава и слаба, бидејќи крвта не може да ја храни како што треба. Паѓањето на косата или тенкото влакно може дури и да биде знак на болест или бременост.
Да се одржува здравјето на косата
П: Опишете како треба да се мијат косата и главата.
О: Искуството покажува дека повеќето луѓе што имаат проблеми со сува коса премногу често ја мијат главата. Се разбира, маснотијата во косата привлекува нечистотија и првут и може да ги затвори масните канали што водат до фоликулите. Затоа, неопходно е редовно миење на косата. Но, овие природни масла исто така ја штитат кожата од штетни бактерии ѝ ја задржуваат потребната влажност. Со премногу често миење се отстранува овој заштитен слој од кожата на главата и се создаваат проблеми како што е сува коса. Повеќето експерти препорачуваат миење на косата секогаш кога главата или косата се нечисти. Луѓето што имаат масна коса треба почесто да ја мијат од оние со нормална или сува коса.
Кога ја миете косата, масирајте го темето и тилот. На тој начин се отстрануваат мртвите клетки и се поттикнува исправна циркулација на крвта, која ја храни косата. Не заборавајте темелно да ја исплакнете! Ако не ги исплакнете рацете откако ќе ги измиете со сапун, кожата ќе се исуши и ќе распука. На сличен начин, ако не го исплакнете шампонот како што треба, кожата на главата може да се исуши и да се појави првут.
П: Што да се прави со сувата коса?
О: Пијте многу вода и хранете се здраво. Ова ја навлажнува кожата и го збогатува дотокот на крв. Користете благ шампон и редовно масирајте го темето и тилот. Некои луѓе користат регенератори што не се одмиваат и разни лосиони за навлажнување на косата.
Избор на фризура
П: На што треба да се мисли кога се оди на фризер?
О: Ако сакате да ја промените фризурата, понесете слика од моделот што го сакате и можеби од моделот што не го сакате. Отворено кажете што сакате и колку време имате намера да одвојувате за секојдневна нега на косата, бидејќи некои фризури бараат повеќе внимание од други. Имајте на ум дека обично треба да појдете кај некој фризер два-три пати за да ја запознае Вашата коса и да воспостави добра комуникација со Вас. Затоа, немојте премногу брзо да се откажувате од својот фризер!
Што открива Вашата коса
Негата на косата и изборот на фризурата се начини на кои се изразувате себеси. Косата се потстрижувала, се издолжувала, се исправувала, се ондулирала, се бојадисувала и се обликувала во различни фризури за да ги задоволи модните трендови, религиозните верувања, па дури и општествените и политичките сфаќања. Подетално погледнете ја Вашата коса. Што открива таа за Вас? Здравата коса со вкусна фризура го краси сопственикот и другите ѝ се восхитуваат.
[Фуснота]
a За повеќе информации видете ја статијата „Алопеција — да се помирите со паѓањето на косата“ во англиското издание на Разбудете се! од 22 април 1991.
[Слики на страница 22]
Хранливите оброци и пиењето многу вода можат да помогнат во негата на сувата коса
[Слика на страница 22]
Побелувањето на косата е нормален дел од процесот на стареење
[Слика на страница 22]
Премногу честото миење може да ја лиши кожата на главата од заштитните масла