Запознајте го мистериозниот снежен леопард
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФИНСКА
МАЛКУ животни се толку мистериозни како што е снежниот леопард. Само еден грст луѓе го виделе во дивината, а многу малку е познато како живеат овие животни.
Снежниот леопард е главна атракција во зоолошката градина во Хелсинки (Финска). Чудните навики на ова животно од родот на мачките — што мнозина го сметаат за најубаво од фамилијата на големите мачки — го прават фасцинантно суштество.
Мачка на врвот на светот
Иако може да се најде барем во десетина земји од Бутан до Русија, снежниот леопард обично се поврзува со Хималаите. Овие планини — највисоки во светот — со својата убавина го одземаат здивот. Но, тие не се место за човекот. Всушност, планините на Централна Азија се едни од најстудените и најкарпести места во светот.
Меѓутоа, снежниот леопард е сосема задоволен на надморски височини од 3.000 до 4.500 метри. Неговото дебело крзно му обезбедува соодветна заштита од студот, а една голема носна шуплина му овозможува на ова животно да го добие потребниот кислород од реткиот планински воздух. Широките, крзнени шепи на снежниот леопард му овозможуваат вешто да се движи низ длабокиот снег. Но, што е со карпестиот планински терен? Тоа не е проблем затоа што, користејќи ја својата долга крзнена опашка како кормило, снежниот леопард може да направи скок од околу 15 метри од една карпа на друга, надминувајќи го скокот дури и на сивиот кенгур.
Снежниот леопард обично тежи од 27 до 45 килограми, висок е околу 60 сантиметри и долг е околу 2 метра од носот до опашката. Но, она што го прави снежниот леопард нешто навистина посебно е неговиот нарав. „Има многу благ нарав“, вели Лајф Бломквист, директор на зоолошката градина во Хелсинки. „Снежниот леопард лесно се спријателува со луѓето, а наутро во зоолошката градина доаѓа да го поздрави својот чувар.“ Бломквист додава дека благиот нарав може да се види дури и кај леопардчињата. „Не претаат кога вработените во зоолошката градина ги мерат и ги вакцинираат“, вели тој. Но, што ако имате работа со некој друг вид леопарди на иста возраст? „Речиси е невозможно да се стори тоа“, вели Бломквист. „Ќе Ви треба заштитна облека и ракавици, бидејќи даваат жесток отпор.“
Зошто ретко можат да се видат?
Да се игра криенка со снежниот леопард би било многу фрустрирачки, бидејќи изгледа дека оваа сивобела мачка се слева во планинскиот предел како камелеон. Неговата ефикасна камуфлажа е една причина зошто во дивината можат да се видат толку малку снежни леопарди. Па, некои истражувачи што се осмелиле да појдат во карпестите планини за да ја проучат оваа мистериозна мачка се вратиле дома без да здогледаат ниту едно животно!
Тоа што снежните леопарди се такви самотници е уште една причина зошто е уште потешко да се видат. Освен тоа, нивните територии се прилично големи, бидејќи нивниот плен, кој обично се состои од диви овци или кози, го нема многу на планините. За жал, ловокрадците — лакоми за крзното на снежниот леопард — придонеле да се намали неговата популација до тој степен што моментално снежниот леопард се наоѓа на списокот на загрозени видови.a Зоолошките градини прават многу за да го зачуваат ова извонредно животно.
Снежниот леопард во Хелсинки
Зоолошката градина во Хелсинки е многу успешна во одгледувањето снежни леопарди. Всушност, во 1976 овој објект доби задача да ја води меѓународната книга на педигре на снежниот леопард. Таа е корисна алатка во водењето грижа за популацијата на снежни леопарди што се затворени.
Слични книги на педигре се водат и за многу видови што живеат во зоолошките градини, но особено на загрозените видови. Една книга на педигре наведува детали за сите животни од еден конкретен вид што живеат во зоолошка градина. Зоолошките градини се одговорни да го информираат оној што ја води таа книга кога ќе има нови младенчиња, кога ќе се пренесе некое животно од едно на друго место и кога ќе умре некое од нив. Овие книги се користат за да се изберат соодветни партнери за размножување на затворените животни. „Бидејќи таквите популации се релативно мали, лесно може да дојде до дегенерација и вкрстување на сродници“, објаснува Бломквист.
Само во Зоолошката градина во Хелсинки се родени повеќе од сто леопардчиња, а повеќето од нив се испратени во зоолошките градини во странство. За да се обезбеди разнообразност во популацијата, зоолошките градини честопати прават размена на затворените снежни леопарди. Популацијата на затворените снежни леопарди сега е толку разнообразна што повеќе нема потреба да се ловат оние што сѐ уште се во дивината.
Многу зоолошки градини, вклучувајќи ја и онаа во Хелсинки, придонесуваат за зачувување на живиот свет во природата со тоа што настојуваат да задржат генетички здрава популација животни. Се разбира, тие исто така им нудат на посетителите фасцинантен поглед во овие извонредни животни. Навистина, снежниот леопард остава траен впечаток и му оддава чест на Творецот, кој ‚направил сѐ прекрасно‘ (Проповедник 3:11).
[Фуснота]
a Тешко е конкретно да се каже колку снежни леопарди се останати. Проценките се движат од 3.500 до 7.000.
[Извори на слики на страница 13]
Страница 12: Во средината: ©Aaron Ferster, Photo Researchers; страница 13: Горе десно: © Korkeasaaren Eläintarha/Markku Bussman; долу: ©T. Kitchin/V. Hurst, Photo Researchers
[Извор на слика на страница 14]
Chuck Dresner/Saint Louis Zoo