ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/2 стр. 24-28
  • Цепелини — сензационални џинови на небото

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Цепелини — сензационални џинови на небото
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Од балони на топол воздух до воздушни бродови
  • Џиновските воздушни бродови на гроф Цепелин
  • Првата воздухопловна патничка служба во светот
  • Да се качиме на Хинденбург
  • Најпрочуеното летало што некогаш постоело
  • Спектакуларни катастрофи
  • Нова генерација цепелини
  • Претскажаните „машини за уништување“
    Разбудете се! 2007
  • Најголемиот празник на балони во светот!
    Разбудете се! 2004
  • Колку се безбедни авионите?
    Разбудете се! 1999
Разбудете се! 2003
g03 8/2 стр. 24-28

Цепелини — сензационални џинови на небото

„ТАТКО МИ беше радио-оператор на еден цепелин и уживаше во секој момент додека беше на него“, изјави за Разбудете се! Ингеборк Валдорф. Всушност, во почетокот на 20 век, голем дел од светот бил воодушевен од овие џиновски воздушни бродови. Каде и да оделе, тие претставувале сензација.

Почетокот на 20 век бил ера на џиновски воздушни бродови. Тие станале многу важни на светската сцена поради нивните спектакуларни успеси — кои биле потиснати од подеднакво спектакуларните несреќи. Кога Хинденбург се урнал кај Лејкхарст (Њу Џерзи, САД) во 1937, нивната ера нагло завршила. Но, таа ера има фасцинантна историја.

Од балони на топол воздух до воздушни бродови

Со векови пронаоѓачите се обидувале да најдат начин човекот да лета. Во 18 век, французите Жозеф-Мишел и Жак--Етјен Монголфје забележале како чадот се крева во воздухот и дошле до заклучок дека тој чад мора да поседува некое посебно својство што би можело да им помогне на луѓето да летаат. Затоа, тие направиле една огромна вреќа од хартија и ткаенина и ја држеле над оган од кој се кревал чад. Селаните што се собрале да го гледаат овој експеримент биле вџашени кога вреќата се кренала кон небото. Тоа било во јуни 1783, и на тој начин браќата Монголфје го измислиле балонот на топол воздух. По пет месеци, во балон на Монтголфје бил изведен првиот лет со човечки екипаж.

Меѓутоа, слаба страна на балоните била таа што ги носел ветрот и не можеле да бидат управувани во некој определен правец. За да може да се управува со балонот била потребна некоја метода што ќе обезбеди погонска сила. Првата личност што ги комбинирала силата на потисокот и погонската сила бил французинот Анри Жифар, кој во 1852 летал со воздушен брод на погон на пареа. Наместо да користи топол воздух за да создаде сила на потисок, Жифар употребил водород, гас што е полесен од воздухот. Бидејќи со леталото на Жифар можело да се управува, тоа било наречено дирижабл — од латинскиот збор диригере, што значи „управува“.

Околу десет години подоцна, еден германски воен офицер отишол во Северна Америка како набљудувач во Граѓанската војна, каде што двете страни користеле балони за да вршат извидување на непријателските позиции. Овој офицер бил толку импресиониран од својот прв лет со балон над реката Мисисипи што неговото име станало неизбришливо поврзано со воздушните бродови. Станува збор за грофот Фердинанд фон Цепелин.

Џиновските воздушни бродови на гроф Цепелин

Според некои извештаи, Цепелин добил проект за воздушен брод со алуминиумска рамка од еден хрватски пронаоѓач по име Давид Шварц. Идејата за воздушен брод што е доволно голем за да пренесува голем број патници или тежок товар го фасцинирала Цепелин. Неговите воздушни бродови биле карактеристични по тоа што имале огромни димензии и облик на пура. Цепелините имале метална рамка што однадвор била обвиткана со ткаенина.a Во или под рамката имало гондола, каде што бил сместен екипажот. Патниците биле сместени или во гондолата или во внатрешноста на воздушниот брод. Силата на потисок ја обезбедувал водородот, кој се чувал во повеќе прегради — комори или мешини за гас — сместени во рамката. Погонската сила доаѓала од моторите што биле прицврстени за рамката. Кога гроф Цепелин експериментирал со воздушните бродови, го сметале за луд ексцентрик. Но, грофот сепак доживеал успех.

Гроф Цепелин ја напуштил војската и се сосредоточил на проектирање и правење воздушни бродови. Првиот цепелин што го направил полетал за првпат во близина на Фридрихшафен (Германија), во јули 1900. Мноштва луѓе стоеле на бреговите на Боденското Езеро додека возилото во форма на цилиндар, долго околу 127 метри, летало над водата 18 минути. Била основана компанијата за конструирање на воздушни бродови Luftschiffbau Zeppelin GmbH, па следеле и други воздушни бродови. Грофот повеќе не бил ексцентрик; тој станал славна личност во светот. Германскиот цар го нарекол најголемиот Германец на 20 век.

Првата воздухопловна патничка служба во светот

Гроф Цепелин гледал на своите џиновски воздушни бродови како на начин Германија да постигне надмоќ во воздухопловството. За време на I светска војна, германските вооружени сили користеле цепелини за шпионирање на непријателската територија, па дури и за фрлање бомби. Всушност, најразорниот воздушен напад во таа војна бил извршен со еден цепелин што летал над Лондон.

Меѓутоа, ентузијастите за цивилно воздухопловство го увиделе потенцијалот на воздухопловната патничка служба. Затоа, во 1909 била основана Deutsche Luftschiffahrts-Aktien-Gesellschaft (Германска компанија за транспорт со воздушни бродови), првата воздухопловна патничка служба во светот. Во следните години оваа служба била проширена и надвор од Европа. Цепелините Граф Цепелин и Хинденбург патувале од Германија до Рио де Жанеиро и Лејкхарст и назад.

Лудувањето по цепелини ги зафатило и Соединетите Држави. Откако Граф Цепелин првпат го преминал Атлантикот од Фридрихшафен до источниот брег на САД во 1928 — при што воздушниот брод бил оштетен — претседателот Колриџ истрчал на тревникот пред Белата куќа за да го види џинот што минувал над неговата глава. Воодушевувањето на њујорчани немало граници; градот ја покажал својата наклоност кон екипажот на Граф приредувајќи му свечена парада.

Да се качиме на Хинденбург

Патувањето со воздушен брод било поинакво од патувањето со современ авион. Замислете си дека се качувате на Хинденбург, кој бил трипати подолг од еден џамбо-џет и висок колку една зграда на 13 ката. Нема да Ви биде доделено седиште туку кабина со кревет и купатило. При полетувањето нема потреба да се врзете со сигурносен појас. Наместо тоа, можете да си останете во својата кабина или да се шеткате низ салонот или шеталиштето, гледајќи низ прозорците што би можеле да бидат дури и отворени. Сите овие простории за патниците се наоѓале во големата внатрешност на воздушниот брод.

Според книгата Hindenburg—An Illustrated History (Хинденбург — илустрирана историја), 50 патници ручале во трпезаријата, седнати на маси покриени со бели чаршафи и поставени со убаво сребро и порцелан. При едно просечно крстарење над Атлантикот, кујнскиот персонал користел 200 килограми месо и пилешко, 800 јајца и 100 килограми путер, подготвувајќи оброци во кујна опремена со електрична печка, шпорети, замрзнувач и фрижидер. Едно мало пијано било украс на салонот, во кој една стјуардеса се грижела за патниците.

Хинденбург бил направен за удобно, а не за брзо патување. Со брзина од речиси 130 километри на час и на надморска височина од 200 метри, Хинденбург најбрзо го преминал Северниот Атлантик во 1936, за речиси 43 часа. Обично, патувањето било пријатно. При еден лет од Лејкхарст, некоја патничка била толку уморна кога се качила на воздушниот брод што останала во својата кабина за да спие. Подоцна го повикала стјуардот и сакала да знае кога конечно ќе полета воздушниот брод. Збунетиот стјуард објаснил дека летаат веќе подолго од два часа. „Не Ви верувам“, грубо одвратила таа. Дамата се уверила дури кога отишла во салонот и погледнала низ прозорците кон брегот на Нова Англија, која се наоѓала неколку десетици метри под неа.

Најпрочуеното летало што некогаш постоело

Кулминацијата на ерата на цепелините настапила во 1929, кога Граф Цепелин летал насекаде во светот. Тргнувајќи официјално од Лејкхарст, овој воздушен брод ја заобиколувал Земјината топка од запад кон исток за 21 ден и се спуштал во Фридрихшафен, во Токио — каде што се собирале четврт милион луѓе за да го дочекаат — и во Сан Франциско и Лос Анџелес. По две години Граф повторно направил нешто незаборавно, летајќи кон Арктикот за да се сретне со еден руски мразокршач. Хинденбург — илустрирана историја коментира: „Досега Граф Цепелин стекна речиси мистична репутација. Каде и да појдеше, тој предизвикуваше сензација. Веројатно е сосема на место да се рече дека тој беше најпрочуеното летало што некогаш постоело — вклучувајќи го и современиот Конкорд“.

И други нации си замислувале голема иднина за воздушните бродови со цврста конструкција. Британија планирала да создаде флота од сребрени џинови за да ги обедини далечните краеви на својата империја со редовни летови до Индија и Австралија. Во Соединетите Држави, Шенондоу бил првиот воздушен брод со цврста конструкција што користел хелиум како погонска сила наместо запаливиот водород. Акрон и Мејкон можеле во лет да лансираат и да вратат мали летала, кои биле складирани во нивната внатрешност. Со својата опрема за радио-управување, Мејкон станал првиот наполно ефикасен носач на авиони во светот.

Спектакуларни катастрофи

„Да, навистина, татко ми уживаше да лета“, изјави Ингеборк Валдорф, што ја спомнавме во почетокот. „Но, ризиците го вознемируваа.“ Татко ѝ летал за време на I светска војна, но дури и во време на мир, летањето во воздушен брод било опасна работа — и покрај сите прочуени успеси. Во кој поглед?

Еден од најголемите непријатели на цепелинот биле временските неприлики. Од првите 24 воздушни бродови што ги направиле грофот Цепелин и неговата компанија, 8 биле изгубени поради невреме. Во 1925, американскиот воздушен брод Шенондоу бил распарчен среде лет од силните ветрови. А кога поради лошото време се урнале уште два воздушни брода — Акрон во 1933 и Мејкон помалку од две години подоцна — конечно бил најавен крајот на американската ера на џиновски воздушни бродови со цврста конструкција.

Британија ги полагала своите надежи во R 101. Во 1930, на неговото прво патување од Британија во Индија, R 101 не отишол подалеку од Франција, каде што го затекнало лошо време и се срушил. Еден писател известува дека „ниедна друга катастрофа по загубата на Титаник во 1912 не ја шокирала британската јавност толку многу“. На златната ера на британските воздушни бродови со цврста конструкција ѝ дошол крај.

Сепак, во Германија сѐ уште се полагала голема доверба во индустријата за цепелини. Тогаш се случила катастрофата што го потресла светот. Во мај 1937, Хинденбург летал од Франкфурт за Њу Џерзи и правел маневри да слета во Морнарската воздухопловна база во Лејкхарст. Одеднаш, на врвот на надворешната обвивка, во близина на опашот, се појавила мала печурка од пламен. Водородот во коморите за гас брзо го претворил воздушниот брод во пекол. Умреле 36 луѓе.

За првпат биле присутни камермани за да снимаат една катастрофа додека таа била во тек. Низ целиот свет се прикажувала снимката на несреќата што траела 34 секунди — времето откако се појавил првиот пламен па сѐ додека џинот не се урнал на земја — заедно со емотивниот коментар на спикерот: „Гори, целиот е во пламења . . . Ох, човештвото и сите патници!“ Ерата на џиновскиот воздушен брод траела подолго од 30 години; во извесна смисла, таа завршила за 34 секунди.

Нова генерација цепелини

Цепелините никогаш не престанале да ги фасцинираат жителите на Фридрихшафен. Музејот Цепелин ги враќа посетителите во минатото, давајќи им шанса да се качат на еден реконструиран дел на Хинденбург. Еден музејски водич, кој го видел вистинскиот Хинденбург на Олимписките игри во Берлин во 1936, изјави за Разбудете се!: „Не може да се опише какво е чувството кога се гледа некој цепелин. Тоа е нешто неодоливо“.

Се вели дека се подготвува една нова генерација цепелини, за која ќе се користи современа технологија. Помали од нивните џиновски претходници, новите цепелини се наменети за „ексклузивен, спокоен и еколошки туризам“. Дали ќе ги достигнат успесите на нивните предци, сензационалните џинови на небото? Останува времето да покаже.

[Фуснота]

a Овој вид е познат како цепелин, или воздушен брод со цврста конструкција, бидејќи има цврста рамка што му дава облик на леталото. Воздушниот брод со мека конструкција нема рамка туку едноставно се состои од вреќа во вид на балон чија форма се задржува само со притисок на гасот внатре. Третиот тип е воздушниот брод со полуцврста конструкција, сличен на оној со мека конструкција но со додаток на фиксна кобилица под вреќата за гас. Заедничка карактеристика на сите воздушни бродови според која се разликуваат од балоните е моторот, со кој може да се управува со воздушните бродови.

[Слика на страница 24]

Гроф Фердинанд фон Цепелин

[Извор на слика]

Фотографиите на страница 24: Архивот на Luftschiffbau Zeppelin GmbH

[Слики на страница 25]

Боинг 747

Хинденбург

Титаник

[Слики на страници 27 и 28]

Од лево надесно: „Граф Цепелин“ над Филаделфија; контролната кабина; салонот за гости

[Извор на слика]

Архивот на Luftschiffbau Zeppelin GmbH

[Слики на страница 28]

Катастрофата на „Хинденбург“ во Лејкхарст во 1937 придонесе за драматичниот крај на ерата на џиновски воздушни бродови

[Извор на слика]

Фотографии: Brown Brothers

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели