Младешка сила засекогаш!
НА ЧОВЕКОТ што висел на столбот до Исус не му останувало уште многу време — бил на умирање. „Исусе“, молел тој, „сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство.“ Исус му одговорил: „Навистина ти велам денес: Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:42, 43). Точно, тој човек, чиешто име не е кажано, не умрел од некоја болест или од старост; бил погубен зашто извршил злостор. Сепак, старите можат да извлечат големо охрабрување од неговата очајна ситуација.
Не можеме а да не се восхитуваме на исклучителната доверба на овој човек! Иако Исус умирал на маченички столб веднаш до него, тој човек не се сомневал дека Исус сигурно ќе владее како Цар на Божјето Царство. Исто така, си мислел дека Исус ќе може да го запамти по добро и дека еден ден ќе се сети на него. Замисли си само — тој осуденик ќе воскресне во еден величествен рај, над кој ќе царува Исус!
Луѓето се наоѓаат во состојба слична на состојбата на овој престапник што бил на умирање. Зошто го велиме ова? Без оглед на нашата возраст, сите ја плаќаме казната за гревот и на сите ни треба спасение (Римјаните 5:12). Како тој злосторник, и ние можеме да очекуваме Исус Христос да ни даде надеж — дури и надеж дека ќе најдеме спас од болните проблеми што ги носи староста! Едно е сигурно, Исус им нуди на луѓето можност да живеат вечно на рајска земја и да бидат совршени, и во физички и во умствен поглед (Јован 3:16, 36).
Сѐ ново за старите и за младите
Под Христовото Царство жителите на земјата „ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11). Никој нема да рече: „Болен сум“ (Исаија 33:24). Ќе исчезне секој недостаток што можеби сме го имале, зашто „хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува“ (Исаија 35:6). На старите пак ќе им се врати младешката сила; телото ‚ќе им процвета со младост‘ (Јов 33:25).
Но, дали е реално да се надеваме на вакво нешто? Па, размисли за Оној што му дал надеж дека ќе има рај на човекот што бил на умирање. Во многу прилики мноштвата му носеле на Исус куци, сакати, слепи и глуви луѓе. Тој спремно лекувал „секаков вид болест и секаква немоќ“ (Матеј 9:35, 36; 15:30, 31; Марко 1:40-42). Покажал на дело што ќе направи кога ќе владее како Цар. Исус дури и воскреснал неколкумина што умреле (Лука 7:11-17; Јован 11:38-44). Со тоа му дал уште поголема јачина на ветувањето дека „сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).
Замисли си да се разбудиш во Рајот со ново тело, со бистар вид, во ушите да ти одекнуваат птичјиот пој и веселите гласови, во рацете и нозете да немаш ни трошка болка и да имаш совршено здрав ум. Засекогаш ќе ги снема ‚лошите денови‘ на староста (Проповедник 12:1-7; Исаија 35:5, 6). Дури и смртта ќе биде „уништена“ — ќе биде „проголтана засекогаш“ (1. Коринќаните 15:26, 54).
Ако ги споредиме библиските пророштва со денешните настани во светот, ќе ни стане јасно дека брзо се ближи крајот на староста што добро ја знаеме денес (Матеј 24:7, 12, 14; Лука 21:11; 2. Тимотеј 3:1-5). Близу е времето кога на старите што покажувале вера во Бог и му служеле, повторно ќе им се врати младешката сила — но овој пат ќе ја имаат засекогаш!
[Рамка/слика на страница 9]
Вежбај си го мозокот!
Како што физичките вежби ги зајакнуваат мускулите, така и умствените вежби му помагаат на мозокот. За да го мотивираме мозокот, треба да правиме нови работи. Еве некои начини на кои можат да се воспостават и да се зајакнат врските меѓу клетките во мозокот.
◼ Интересирај се за нови работи како, на пример, уметност, вајарство, или сложувалки и крстозбори; научи друг јазик.
◼ Контактирај со најразлични луѓе; дружи се и разговарај за да не ти биде досадно и за да си го изостриш умот.
◼ Развивај ја духовноста. „Не бидете тегобно загрижени за ништо, туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7).
◼ Читај добар материјал; раскажи им на другите што си прочитал.
◼ Присетувај се и раскажувај вести што си ги чул на радио или на телевизија за да го вежбаш своето краткотрајно и долготрајно памтење.
◼ Користи ја раката што обично не ја користиш (левата ако си деснак и обратно) кога ги притискаш копчињата на далечинскиот управувач, кога зборуваш на телефон или кога си ги миеш забите.
◼ Користи ги сите сетила колку што е можно повеќе во текот на денот.
◼ Учи и патувај на далечни или блиски интересни места.
[Слика на страници 8 и 9]
Исус ветува дека наскоро болната старост ќе ја снема, и засекогаш ќе биде заменета со младешка сила