Гледиште на Библијата
Кој е Сатана? Дали навистина постои?
НЕКОИ изучувачи денес велат дека Сатана, всушност, не постои. Тие тврдат дека тој е само производ на човечката фантазија. Ова тврдење воопшто не е ново. „Најголемата измама на Ѓаволот“, напишал Шарл Пјер Бодлер, поет од 19 век, „е да нѐ убеди дека не постои.“
Дали Сатана е вистинска личност? Ако да, како настанал? Дали тој е невидливата сила која стои зад проблемите што го измачуваат денешниов свет? Како можеш да го избегнеш неговото злобно влијание?
Што вели Библијата
Библијата го опишува Сатана како вистинска личност која постои во невидливиот духовен свет (Јов 1:6). Таа ни кажува за неговите злобни и безмилосни особини, но и за неговите зли постапки (Јов 1:13-19; 2:7, 8; 2. Тимотеј 2:26). Во неа дури се запишани и некои од разговорите што Сатана ги водел со Бог и со Исус (Јов 1:7-12; Матеј 4:1-11).
Како настанало едно такво зло суштество? Долго време пред да биде создаден човекот, Бог го создал својот „првороден“ Син, кој станал познат како Исус (Колошаните 1:15). Со текот на времето, биле создадени и други „Божји синови“, наречени ангели (Јов 38:4-7). Сите биле совршени и праведни. Меѓутоа, еден од тие ангели подоцна станал Сатана.
Името Сатана не му било дадено на овој ангел во почетокот, кога бил создаден. Тоа е описно име, кое на изворниот грчки јазик значи „Противник; Непријател; Обвинител“. Името Сатана го добил затоа што свесно избрал да му се противи на Бог.
Чувствата на гордост и соперништво кон Бог се зголемувале кај ова духовно суштество. Тој сакал другите да му служат нему. Кога Божјиот првороден Син, Исус, бил на Земјата, Сатана се обидел да го натера ‚да му се поклони‘ (Матеј 4:9).
Сатана ‚не останал постојан во вистината‘ (Јован 8:44). Иако индиректно сакал да каже дека Бог е лажливец, всушност, тој бил лажливецот. Тој ѝ рекол на Ева дека таа би можела да биде како Бог, а, всушност, самиот сакал да биде како Бог. И, со своите измамнички постапки, ја исполнил својата себична желба. Ева, под негово влијание, навистина поверувала дека тој е поголем од Бог. Со тоа што го послушала Сатана, Ева го прифатила него како свој бог (1. Мојсеева 3:1-7).
Со тоа што подбуцнал побуна, овој ангел, во кого некогаш можело да се има доверба, станал Сатана — противник и непријател на Бог и на човекот. Името „Ѓавол“, кое на изворниот јазик значи „Клеветник“, исто така било додадено на описот на ова злобно суштество. Овој зачетник на гревот подоцна влијаел и врз други ангели — ги подбуцнал да му бидат непослушни на Бог и да му се придружат во побуната (1. Мојсеева 6:1, 2; 1. Петрово 3:19, 20). Овие ангели не им донеле ништо подобро на луѓето. Поради тоа што ги следеле себичните постапки на Сатана, ‚земјата се наполнила со насилство‘ (1. Мојсеева 6:11; Матеј 12:24).
Колкаво влијание има Сатана?
Злосторникот можеби ќе ги избрише отпечатоците од прстите од местото на злосторството за да не остави траги и да не биде откриен. Меѓутоа, кога ќе дојде полицијата, тие ќе сфатат дека, штом е извршено злосторство, мора да има и злосторник. Сатана, првиот „човекоубиец“, се обидува да не остави никакви траги за да не биде откриен (Јован 8:44; Евреите 2:14). Кога разговарал со Ева, Сатана го криел својот идентитет зад змијата за таа да не сфати кој зборува. Тој до ден-денес се обидува да се скрие со тоа што ‚им ги заслепува умовите‘ на неверниците за да прикрие колку моќно влијание, всушност, има (2. Коринќаните 4:4).
Меѓутоа, Исус го разоткрил Сатана како злосторничкиот ум што управува со расипаниот свет во кој живееме и го нарекол „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31; 16:11). Апостол Јован напишал: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Сатана на делотворен начин ги користи „желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот“ за да „го заведува целиот свет“ (1. Јованово 2:16; Откровение 12:9). Тој е оној кого го слушаат скоро сите луѓе.
Како што било случај и со Ева, Сатана, всушност, им станува бог на оние што го слушаат. Според тоа, Сатана е „богот на овој свет“ (2. Коринќаните 4:4). Последици од неговото владеење се лицемерство и лаги, војни, мачење и уништување, злосторства, алчност и расипаност.
Како да го избегнеш неговото влијание
Библијата предупредува: „Бидете трезвени, бдејте!“ Зошто? Затоа што „вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Иако овој библиски стих е отрезнувачки, утешно е да се знае дека Сатана ‚ќе ги измами‘ само оние што не се трезвени, односно оние што не бдеат (2. Коринќаните 2:11).
Многу е важно да го прифатиме фактот дека Сатана навистина постои и да дозволиме Бог ‚да нѐ зацврсти‘ и ‚да нѐ зајакне‘. Така ќе можеме да ‚му се спротивставиме‘ на Сатана и да застанеме на Божјата страна (1. Петрово 5:9, 10).
ДАЛИ СИ СЕ ПРАШАЛ?
◼ Како настанал Сатана? (Јов 38:4-7; Јован 8:44).
◼ Колку влијае врз светот? (Јован 12:31; 1. Јованово 5:19; Откровение 12:9).
◼ Како да се заштитиме од злите намери на Сатана? (1. Петрово 5:8-10).
[Слики на страница 12]
Дали Сатана е невидливата сила која стои зад проблемите што го измачуваат денешниов свет?