Долгата и болна историја на забоболката
На плоштадот во еден средновековен град, раскошно облечен измамник се фали дека може безболно да вади заби. Неговиот ортак, кој глуми дека му е страв, доаѓа кај измамникот. Тој се преправа дека му го извадил забот и држи во раката еден крвав катник за сите да го видат. Оние што имаат забоболка почнуваат да се збогуваат и со парите и со забите. Трештат тапани и труби за да ги покријат врисоците кои би можеле да ги разубедат другите. Понекогаш, за неколку дена може да дојде до опасно труење на крвта, но дотогаш измамникот ќе биде веќе далеку.
ДЕНЕС, само малкумина што ги мачи забоболка би морале да побараат услуга од такви никаквеци. Денешните заболекари можат да ја излечат забоболката, а честопати можат да го спречат и губењето на забите. И покрај тоа, на мнозина им е страв да одат на заболекар. Сега ќе разгледаме како заболекарите во минатото научиле да им ја олеснат болката на своите пациенти. Можеби тоа ќе ни помогне повеќе да ја цениме денешната стоматологија.
Се вели дека, по настинката, кариесот е најчестата болест што ги мачи луѓето. Но, кариесот не е само современа болест. Поезијата на цар Соломон ни открива дека старите луѓе во древниот Израел минувале низ разни непријатности кога ќе ги изгубеле забите (Проповедник 12:3).
Страдале и благодродници
Елизабета I била кралица на Англија, но сепак не можела да ја избегне забоболката. Еден Германец, кога ги видел нејзините поцрнети заби, рекол дека тоа е „маана која е вообичаена меѓу Англичаните затоа што користат премногу шеќер“. Во декември 1578 год., забоболка ја мачела кралицата ден и ноќ. Лекарите ѝ препорачувале да ѝ го извадат забот, но таа не сакала. Можеби се плашела од болката. За да ја убеди, лондонскиот бискуп Џон Ајлмер дозволил во нејзино присуство прво нему да му извадат заб, веројатно некој расипан. Ова било многу галантен гест, со оглед на тоа што на овој старец и онака во устата му останале само уште неколку заба!
Во тоа време, обичните луѓе, кога требало да им се извади заб, оделе кај некој бербер или ковач. Но, со текот на времето сѐ повеќе луѓе можеле да си дозволат шеќер, па така имале и сѐ повеќе забоболки. Како резултат на тоа, имало потреба од луѓе што ќе вадат заби. Така, некои лекари и хирурзи почнале да се интересираат како да ги лекуваат расипаните заби. Тие морале самите да учат како да го прават тоа, затоа што стручњаците љубоморно ги чувале тајните на занаетот. Освен тоа, немало многу книги на таа тема.
Еден век по времето на Елизабета I, во Франција владеел кралот Луј XIV. Тој речиси целиот живот имал проблеми со забите, а во 1685 год. му биле извадени сите горни заби на левата страна. Некои тврдат дека таа година, мачен од болки поради инфекции на забите, кралот ја донел својата погубна одлука да го поништи едиктот за верска слобода во Франција. Оваа одлука предизвикала бран од сурово прогонство на помалите верски заедници.
Зачетоците на современата стоматологија
Влијанието што раскошниот начин на живот на Луј XIV го имал врз париското општество довело до раѓањето на стоматологијата. Дали некој ќе има успех на дворот и во општеството, зависело од тоа дали изгледал монденски. Поради побарувачката на вештачки заби, кои повеќе се носеле заради изглед отколку за јадење, изникнала една нова група лекари — заболекари чии пациенти биле од елитните кругови. Најистакнат заболекар во Париз бил Пјер Фошар, кој ја изучил медицината во француската морнарица. Тој ги критикувал лекарите кои дозволувале некомпетентни бербери и измамници да вадат заби, и прв се нарекол себеси заболекар.
Во 1728 год., Фошар го отфрлил обичајот да се чуваат тајните на занаетот и напишал книга во која ги открил сите техники што ги знаел. Поради ова, бил наречен „татко на стоматологијата“. Тој прв почнал да ги седнува пациентите на заболекарски стол, наместо на подот. Исто така, направил пет инструменти за вадење заби, но вадењето заби не му била единствената работа. Направил и забарска дупчалка, или турбина, а развил и методи за пломбирање на шуплините. Научил како да пломбира шуплина на коренот на забот и како да прицврсти вештачки заб за коренот. Вештачките вилици што ги правел од слонова коска имале една пружина што ја држела горната вилица добро прицврстена. Фошар ја втемелил стоматологијата како професија. Неговото влијание се раширило и од другата страна на Атлантикот.
Маките на првиот претседател на САД
Еден век по Луј XIV, во Америка, забоболка го мачела Џорџ Вашингтон. Од неговата 22 година, речиси секоја година му ваделе по еден заб. Замисли си низ какви маки мора минувал додека ја предводел својата војска! Кога, во 1789 год., станал првиот претседател на САД, бил речиси сосема штрбав.
Но, Вашингтон го мачел и срам затоа што без заби не изгледал убаво, а и вештачките вилици не му стоеле добро. Се трудел да остави убав впечаток во јавноста како претседател на една нова земја, но бил многу свесен за својот изглед. Во тоа време, не се земала мерка за вештачките вилици, туку се обликувале од слонова коска, поради што било тешко да стојат прицврстено. И Англичаните имале исти маки како Вашингтон. Се вели дека тие го развиле својот ироничен хумор затоа што не сакале да се смеат наглас за да не им се видат вештачките заби.
По сѐ изгледа, приказната дека Вашингтон носел дрвени вилици не е точна. Тој имал вилици направени од човечки заби, слонова коска и олово, но не и од дрво. Неговите заболекари веројатно набавувале заби од крадците на гробови. Трговците со заби најверојатно ги следеле војските и им ги ваделе забите на загинатите војници. Според тоа, вештачките вилици биле луксуз што можеле да си го дозволат само богатите. Дури во втората половина на 19 век, кога била откриена вулканизираната гума која почнала да се користи во изработката на основата на вештачките вилици, и обичните луѓе можеле да си ги дозволат. Иако заболекарите на Вашингтон предводеле во својата професија, тие сѐ уште не ги разбирале потполно причините за забоболката.
Фактите за забоболката
Уште од древни времиња луѓето мислеле дека еден вид мали црви ја предизвикуваат забоболката, и ова мислење опстојало сѐ до 18 век. Во 1890 год., Вилоби Милер, американски заболекар кој работел на Универзитетот во Берлин (Германија), открил што го предизвикува кариесот, кој е главна причина за забоболка. Одреден вид бактерии, кои се хранат главно со шеќер, создаваат киселина што ги нагризува забите. Но, сега се појавило прашањето како да се спречи кариесот. Заболекарите дошле до одговорот сосема случајно.
Долги години заболекарите од Колорадо (САД) се чуделе зошто толку многу луѓе таму имаат темни дамки на забите. На крајот, откриле дека причина за тоа е што во водата таму имало премногу флуорид. Но, додека го проучувале тој проблем, случајно откриле еден факт кој бил важен за да се спречи забоболката во целиот свет: луѓето што пораснале во места каде што водата за пиење не содржи доволно флуорид имаат повеќе кариес. Флуоридот, кој природно го има во водата за пиење, е состојка на забната глеѓ. Кога на луѓето кои не внесуваат доволно флуорид преку пиење вода ќе им се даде идеална количина флуорид, шансите за појава на кариес се намалуваат до 65 отсто.
Со тоа мистеријата била решена. Забоболката најчесто е предизвикана од кариесот. Шеќерот предизвикува кариес, а флуоридот го спречува. Се разбира, јасно е дека флуоридот не е замена за миењето на забите и за чистењето со забен конец.
Изнаоѓање безболни методи
Пред пронаоѓањето на анестезијата, лекувањето и вадењето на заби било многу болно. Заболекарите ги дупчеле болните, расипани заби со остри инструменти и потоа дупката ја пополнувале со врел метал што служел како пломба. Бидејќи немале друг начин на лекување, го умртвувале болниот заб така што пикале вжештена железна прачка во забниот канал. Пред да бидат измислени стоматолошките инструменти и анестезијата, и вадењето заби било страшно искуство. Луѓето собирале сили за таква постапка само кога забоболката ќе станела неподнослива. Иако со векови наназад се користеле билни препарати, како што се опиумот, канабисот и мандрагорите, тие само малку ја намалувале болката. Заболекарите се соочиле со прашањето дали некогаш ќе успеат безболно да ги вадат забите.
Веднаш откако во 1772 год. англискиот хемичар Џозеф Пристли го направил азотниот оксид, било забележано дека тој гас има анестетско дејство. Но никој не го користел како анестетик сѐ до 1844 год. На 10 декември таа година, Хорас Велс, заболекар од Хартфорд (Конектикат, САД), присуствувал на едно предавање на кое луѓето се забавувале со азотен оксид, кој ги терал да се смеат. Велс забележал дека еден човек што вдишал од гасот воопшто не реагирал кога си ги изгребал нозете од една тешка клупа. Велс бил многу сочувствителен човек и тешко му паѓало кога гледал колкави болки имале неговите пациенти додека им ги лекувал забите. Веднаш помислил да го користи гасот како анестетик. Но, пред да им го даде на пациентите, решил прво да го проба самиот. Уште следниот ден седнал на својот заболекарски стол и вдишувал од гасот додека не изгубил свест. Потоа, еден негов колега му го извадил болниот умник. Тоа бил историски настан. Конечно можеле да се вршат безболни стоматолошки зафати!a
Оттогаш, стоматологијата доживеала многу технолошки подобрувања. Затоа, ќе видиш дека денес и не е толку страшно да се оди на заболекар.
[Фуснота]
a Денес, наместо азотен оксид, многу почесто се користи локална анестезија.
[Слика на страница 28]
Вештачката вилица од слонова коска на Џорџ Вашингтон, првиот претседател на САД
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на The National Museum of Dentistry, Baltimore, MD
[Слика на страница 29]
Уметнички приказ на првата стоматолошка операција при која била дадена анестезија со азотен оксид, 1844
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на National Library of Medicine
[Извор на слика на страница 27]
Со љубезна дозвола на National Library of Medicine