Низ мирните води на Керала
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИНДИЈА
ЗАМИСЛИ СИ како седиш во една прекрасна пловна куќа со која можеш да се шеташ низ делтите на 44 реки. Такво нешто е можно низ внатрешните пловни патишта на југозападната индиска држава Керала, кои се долги околу 900 километри. Тоа е незаборавно и неспоредливо искуство — всушност, имаш чувство дека се нишаш во прегратките на природата. Остануваш без здив додека бавно пловиш покрај лагуните опкружени со кокосови палми, покрај раззеленетите оризови полиња, низ природните езера и по вештачките канали. Најверојатно токму поради нејзините мирни води, Керала беше вброена меѓу „50-те најубави места во светот што мора да се видат“ (National Geographic Traveler).
Но, ова место го красат и луѓето што живеат покрај многуте канали. Тие можат да се сетат на времето кога во нивниот крај немало ниту туристи ниту хотели со пет ѕвезди. Сепак, нивниот живот не е сменет многу. Иако некои од нив работат во новоотворените хотели и во други туристички објекти, нивната култура и начин на живот се исти како и порано. Одгледуваат ориз и кокосови ореви, а менито и приходот си ги дополнуваат со риболов и со продажба на риби.
Риболовот како стопанска дејност
Риболовот е составен дел од животот на мештаните. Само тука можеш да видиш како жените со голи раце ги ловат рибите наречени каримин (Etroplus suratensis), кои пливаат исклучиво во мирните води на Керала и се омилен деликатес и за Индијците и за странците. За да ги уловат, жените влегуваат во водата, носејќи си ѓумови. Штом ќе ги насетат, рибите нурнуваат подлабоко во водата и си ја закопуваат главата во тињата. Но, напразно — жените ги напипуваат со своите чувствителни стапала, а потоа со голи раце набрзина го грабнуваат својот немирен плен од водата и го пуштаат во ѓумовите што пловат на површината. Штом ќе уловат доволно, се враќаат на брегот, каде што ги чекаат нестрпливите купувачи. Со поголемите и поскапи риби се насладуваат богатите што се отседнати во хотелите со пет ѕвезди, а помалите риби се вкусен оброк за оние со поплиток џеб.
Кинеските рибарски мрежи
На бреговите на овие мирни води е вообичаено да се видат прекрасните кинески рибарски мрежи, кои се главна туристичка атракција.
Се смета дека кинеските трговци од дворот на Кублај-хан биле првите кои ги донеле ваквите мрежи во Кочин (Кочи) уште пред 15 век. Нив ги користеле најпрво Кинезите, а потоа и португалските доселеници. Исто како и пред 600 години, мрежите им овозможуваат на рибарите во Индија да заработат за живот, а на безброј други луѓе да имаат што да стават на маса. Звучи неверојатно, но со рибите уловени само со едно фрлање на мрежата може да се нахрани цело село. Зајдисонцето на кое се оцртуваат мрежи што се сушат е романтична глетка која многу туристи не пропуштаат да ја овековечат со својот фотоапарат.
Кинеските мрежи не се единствената туристичка атракција. Спортовите на вода, како што се традиционалните трки со змиести чамци, секоја година привлекуваат илјадници посетители.
Трките со чамци
Змиестите чамци се долги и тесни кануа. Наречени се „змиести“ бидејќи крмата им е во облик на глава на кобра. Во минатото, ваквите чамци ги користеле царевите во своите воени походи на кои тргнувале по жетвата. По извесно време војните престанале, со што се намалила потребата од вакви чамци. Подоцна тие ја разубавувале оваа област само за време на храмските празници. Со голема помпа, овие украсени чамци полни со веслачи се прикажувале како обележје на локалната култура. За време на празниците, трките со чамци се приредувале во чест на великодостојниците. Оваа традиција, која започнала пред околу илјада години, е популарна до ден-денес.
Обично, во овие трки учествуваат и до 20 вакви чамци со по 100 до 150 веслачи. Повеќе од сто души распоредени во два реда по должината на чамецот веслаат со кратки весла. Четворица кормилари со подолги весла се поставени на крмата за да го насочуваат чамецот. Двајца стојат во средината и со стапови удираат по една дрвена плоча за да им држат темпо на веслачите. Но, за темпото се грижат уште десетина души кои плескаат, свиркаат, викаат и пеат посебни песни за да ги поттикнат веслачите да забрзаат. Прецизното следење на ритамот е важно во текот на трката, но не и на крајот кога младите учесници во оваа спектакуларна трка даваат сѐ од себе за да стигнат до целта.
Во 1952 год., првиот премиер на Индија, Џавахарлал Нехру, го посетил Алепи, кој е многу важен град во оваа област. Тој бил толку вооодушевен од трката со чамци што, без да води сметка за својата безбедност, скокнал во победничкиот чамец и им се придружил на веслачите пеејќи и ракоплескајќи. Откако се вратил во Делхи, испратил сребрена макета на змиест чамец како подарок. На неа имало негов потпис со посвета: „На победниците во трката со чамци, која е посебно обележје на културниот живот“. Сребрениот чамец се доделува како трофеј при одржувањето на трката позната како Nehru Trophy Race. Неа секоја година ја следат стотици илјади луѓе. Тоа е време кога обично мирните води заживуваат.
Луксузни хотели на вода
Меѓутоа, змиестите чамци не се единствените пловни објекти што им се интересни на туристите. Сѐ повеќе се популарни и таканаречените оризови чамци, изработени на традиционален начин и пренаменети во луксузни пловни куќи.
Иако чамците во кои се возат туристите се главно нови, некои од нив се направени пред повеќе од сто години и подоцна биле пренаменети за туризам. Нивното првобитно име било кетувалам, што значи „чамец од јазли“. Целиот чамец е изработен од штици од еден вид тропско дрво сврзани со јаже од влакна на кокосов орев и при тоа не е закована ниту една единствена шајка. Ваквите чамци служеле за пренос на ориз и друга стока од едно село во друго, како и за пренос на зачини во далечни места. Но, со воведувањето на новите транспортни средства, овие чамци биле речиси исфрлени од употреба. Сепак, еден досетлив бизнисмен добил идеја да ги пренамени во пловни куќи за туристи. Бидејќи имаат „балкон“, луксузни спални со бањи и дневни соби со прекрасен мебел, пловните куќи со право можат да се наречат хотели на вода. Во нив има и послуга која е спремна да те вози каде и да посакаш и да ти зготви сѐ што ќе ти се пријаде.
Навечер, пловните куќи се укотвуваат на брегот, а оние што сакаат мир и приватност ги укотвуваат среде езеро. Таму можеш да уживаш во прекрасната тишина што повремено ќе ја наруши некоја риба кога ќе скокне во водата.
Меѓутоа, не е сѐ толку опуштено. Во оваа област има и ревносни „рибари на луѓе“, кои се многу зафатени.
Риболов во поинаква смисла
Изразот „рибари на луѓе“ го користел Исус обраќајќи им се на неколку рибари што подоцна станале негови ученици. Тој рекол: „Тргнете по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе“. Со тоа Исус сакал да каже дека ќе ги оспособи да им помагаат на другите да станат негови ученици (Матеј 4:18, 19; 28:19, 20). Денес, Јеховините сведоци ја извршуваат оваа задача низ целиот свет, а тука спаѓа и областа околу овие мирни води.
Во Керала има 132 собранија на Јеховините сведоци, а 13 од нив се наоѓаат околу мирните води. Многу од членовите на овие собранија се и дословни рибари. Ловејќи риби, еден од нив разговарал со некој друг рибар за Божјето Царство. Тој за кратко време ја увидел разликата меѓу Библијата и учењата на неговата црква. Жена му и неговите четири деца исто така се заинтересирале и почнале да ја проучуваат Библијата. Толку брзо напредувале што четири члена од ова семејство се веќе крстени, а иста цел имаат и другите две деца.
Членовите на едно собрание патувале со чамец до еден мал остров за да проповедаат. Бидејќи до таму нема редовна линија, мештаните го нарекуваат овој остров кадамакуди, што значи „влезеш ли, нема излегување“. Таму, Сведоците ги сретнале Џони и неговата сопруга Рани. Иако биле католици уште од раѓање, тие станале членови на еден центар за медитација, каде што ги приложувале сите пари што можеле да ги дадат. Џони многу се заинтересирал за библиската вистина и почнал да ја проучува Библијата. Новите работи што ги учел им ги кажувал и на другите. Библиската вистина му помогнала да ги остави цигарите и да престане да пие!
Џони бил спремен да го смени дури и работното место кое не било во склад со Светото писмо. Иако на почетокот семејството немало доволно пари, за кратко време Џони почнал да лови и да продава ракови за да го прехрани. Тој се крстил во септември 2006 год., а жена му и двете деца една година подоцна. Јасната надеж дека можат да живеат вечно кога целата Земја ќе биде претворена во рај, потполно им го променила ставот кон животот (Псалм 97:1; 1. Јованово 2:17).
Сигурно ќе се согласиш дека мирните води на Керала се прекрасно место — не само поради кинеските рибарски мрежи, змиестите чамци и пловните куќи туку и поради ‚рибарите на луѓе‘, односно верните Сведоци на Јехова што живеат таму.
[Карта на страници 22 и 23]
(Види во публикацијата)
ИНДИЈА
КЕРАЛА
[Слика на страница 23]
Риболовот е дел од животот во Керала
[Извор на слика]
Сликата најгоре: Salim Pushpanath
[Слика на страница 23]
Жени што ловат риби со голи раце
[Слика на страница 24]
Трка со змиести чамци
[Слика на страница 24]
„Кетувалам“
[Слика на страници 24 и 25]
Пловна куќа
[Слика на страници 24 и 25]
Џони и жена му Рани
[Извор на слика на страница 24]
Salim Pushpanath