Поглед во светот
◼ Во изминативе шест години, „во Соединетите Американски Држави беа убиени... речиси 100.000 луѓе“ (THE NEW YORK TIMES, САД).
◼ Една Интернет страница за дружење ги избришала електронските профили на 29.000 осудени извршители на сексуални кривични дела, кои биле нејзини корисници. „Напливот на профили што [на оваа страница] ги ставаат извршителите на сексуални престапи, бара веднаш да се преземе нешто“, изјавил Ричард Блументал, врховниот обвинител на Конектикат (REUTERS NEWS SERVICE, САД).
◼ „Во Кина има недостиг на презимиња... Една државна анкета во 2006 год. покажа [дека] околу 85 отсто... од 1,4-те милијарди жители на Кина имаат само 100 презимиња“ (CHINA DAILY, КИНА).
◼ Со секој поминат километар, „мотоциклистите имаат 32 пати поголеми шанси да загинат“ во сообраќајни незгоди отколку возачите на автомобил (UC BERKELEY WELLNESS LETTER, САД).
Јеховините сведоци регистрирани во Турција
На 31 јули 2007 год., Јеховините сведоци во Турција добија официјална потврда дека се законски регистрирани како верска заедница. Овој статус им овозможува да купуваат и да поседуваат имот, да изнајмуваат објекти за состанување, да прифаќаат доброволни прилози и да ги бранат на суд своите законски права, доколку има потреба од тоа.
Интернет „го намалува срамот“
Во еден билтен пишува дека една германска веб-страница, која им помага на луѓето да си најдат партнер со кој ќе го изневерат својот брачен другар, се фалела дека има 310.000 корисници и дека 1.000 нови ја посетуваат секој ден. Агенцијата била горда што на своите корисници им овозможува вонбрачни врски со „100-процентна анонимност“. Еден од директорите изјавил: „Анонимноста на Интернет го намалува срамот“, и затоа е „полесно да се започнат искрени и отворени врски“. А друг директор изразил увереност дека Интернет уште повеќе ќе ја зголеми популарноста на изневерувањето.
Проблематични фосили
Научниците главно сметаат дека во последните „фази од [својата] еволуција“, човекот напредувал од Homo habilis преку Homo erectus до „денешниот човек“, Homo sapiens. Но, тоа што два од тие фосили биле најдени на многу мала оддалеченост еден од друг во Кенија, сега навело некои научници на заклучокот дека двата вида Homo habilis и Homo erectus, кои се сметаат за предци на човекот, всушност, живееле во исто време. „Ако живееле истовремено, тогаш е многу мала веројатноста Homo habilis да еволуирал во Homo erectus“, вели Мив Лики, која е еден од авторите на овој извештај.
Полошо време за викенд?
Многу Германци имаат чувство дека во текот на викендите времето е полошо отколку во работните денови. Анализата на временските податоци од различни делови на Германија во текот на 15 години може да покаже дека нивните сомневања се оправдани, известува весникот Der Spiegel. Најтопол ден е среда, а најстуден сабота. Во саботите има 15 отсто повеќе дожд и врне за 10 отсто почесто отколку во понеделниците, кои се сметаат за најсуви денови. Во вторник има просечно 15 минути повеќе сонце отколку во саботите. Истражувачите заклучиле дека издувните гасови кои се испуштаат во атмосферата во текот на седмицата се акумулираат пред викендот, ја одбиваат сончевата светлина и придонесуваат да се создадат облаци затоа што воздухот е исполнет со честици околу кои се кондензира водената пареа.