Извонредна убавина и грациозност
„Тоа беше љубов на прв поглед. Коњите имаат посебна убавина и зрачат со невидена грациозност“ (ТОМАШ, ПРОФЕСИОНАЛЕН ОДГЛЕДУВАЧ НА КОЊИ)
МНОГУМИНА ги сметаат коњите за најубавите животни, чија грациозност и нескротлива енергија остава без здив кога ќе се кренат на задните нозе, кога удираат по земјата со копитата, кога гордо ’ржат и храбро јуришаат напред. Навистина се прекрасни!
Низ вековите се развиле голем број раси кои живеат во најразлични предели и климатски зони. Чистокрвниот арапски коњ се смета за една од најубавите раси. За овој коњ се вели дека е со врела крв, односно поседува сила, брзина, издржливост и интелигенција, поради што е добар и во коњичките спортови.
Интересно е тоа што во централна Европа, поточно во Полска, постои долга традиција на одгледување на овие енергични животни. И одгледувачите и стручњаците се согласуваат дека некои од највредните арапски коњи со врвно потекло доаѓаат од Полска. Зошто? Ова, а и неколку други прашања им беа поставени на одгледувачите на коњи и на стручњаците од оваа област.
Како вљубениците гледаат на оваа раса
За почеток, да дознаеме нешто повеќе за чистокрвниот арапски коњ. Оваа раса отсекогаш била поврзувана со Блискиот Исток. Томаш, професионален одгледувач на коњи, објаснува: „Бедуинските племиња со векови ја чувале чистокрвноста на арапскиот коњ. Благодарение на строгата селекција и внимателната грижа на одгледувачите, настанала ценетата арапска раса. Овие коњи може да бидат сиви, црвено-кафеави или костенливи, а понекогаш и црни“.
Жанета, која одгледува арапски коњи, вели: „Тие имаат несекојдневна убавина и се сметаат за најчиста и најстара раса коњи“. Познати се не само по својот пламенен темперамент, туку и по храброста и издржливоста. Силните бели дробови на арапскиот коњ, сместени во неговите широки и длабоки гради, го прават идеален за долго јавање.
Од Арабија до Полска
„Но, како арапскиот коњ воопшто стигнал до Полска?“ го прашавме Томаш, кој има своја ергела во оваа земја. „Можеби првпат дошле во 16 век заедно со еден царски пратеник кој, на пат кон султановиот двор во Стамбол, минувал низ Полска враќајќи се од едно од своите многубројни патувања“, објаснува тој. „Меѓутоа, она во што можеме да бидеме потполно сигурни е дека одгледувањето на вакви коњи во Полска датира од крајот на 18 век.“ Изабела Павелец Заватска, стручњак за арапски коњи, ја истакнува улогата на грофот Вацлав Жевуски. Како авторитет на полето на ориенталната култура, тој „бил иницијатор и организатор на неколку патувања до Арабија со цел да се купат коњи од таму“ и успеал да донесе 137 расни коњи во Европа.
Упорноста и ревноста на Жевуски довеле до основање на првата ергела за арапски коњи во Јанов Подласки, источна Полска, во 1817 год. „Почетоците ветувале многу. За коњите се грижеле квалификувани одгледувачи“, објаснува Томаш. „Но, двете светски војни кои беснееја во централна Европа, ги опустошиле полските ергели. Повеќето коњи умреле, избегале или биле украдени.“ Меѓутоа, извесно време по Втората светска војна, програмата за одгледување на овие расни коњи успешно била обновена.
Денес, во Полска има најмалку 30 ергели во кои се одгледуваат арапски коњи. Двовековната традиција е гаранција дека од нив излегуваат коњи со врвен квалитет. Така Полска стана еден од најважните центри за одгледување на арапски коњи, кој привлекува голем број експерти и вљубеници од целиот свет на престижните годишни шоуа и аукции.
Секојдневната грижа за арапскиот коњ
За да се одгледаат коњи со извонредно педигре, одгледувачите треба добро да се грижат за нив. Малгоржата, која исто има своја ергела, објаснува: „Грижата околу арапските коњи е сложена работа. Мораме да обезбедиме урамнотежена исхрана соодветна за овие темпераментни коњи ако сакаме да бидат во добра форма и убаво да изгледаат. Пред да се ождребат, на кобилите им е потребна посебна нега“.a Каква храна е најдобра за арапските коњи?
Малгоржата понатаму вели: „На почетокот од денот им даваме на коњите сено, од кое ги добиваат сите потребни хранливи материи, на пример неопходните витамини и минерали. Посебно хранливи се сламата или зобот во комбинација со трици. И јачменот и пченицата се исто така добри. Но, коњите посебно сакаат свежа сточна храна — на пример, трева или луцерка, како и компири, моркови и цвекло. На зима, одгледувачите честопати купуваат готова сточна храна богата со протеини. За арапските коњи се потребни и грутки сол кои содржат минерали или билки кои им го смируваат темпераментот. Но, мора да се каже дека дури и најдоброто сено или сточна храна не може да се спореди со свежата трева. Би сакала да спомнам и дека коњите треба во секое време да имаат пристап до чиста вода. Ако е нечиста, нема ни да ја допрат“.
Соодветната нега за арапскиот коњ вклучува и редовна грижа за кожата и влакното. Тоа значи внимателно да се чисти, нежно да се масира со посебни четки и да се гали. Но, вклучено е и многу повеќе, како што објаснува и Томаш. Тој вели: „Неопходно е секој ден да им се чистат копитата бидејќи тоа спречува да дојде до разни болести, меѓу кои е и ракот. Мораме да бидеме посебно внимателни кога станува збор за очите, ноздрите, усните и ушите на коњот“. Жанета додава: „За да биде коњот во добра форма и да изгледа грациозно, му треба простор каде што ќе може да трча, како и песок, кал или трева во кои ќе може да се валка. Кога ќе се испоти откако каскал или галопирал, прво мора некое време да биде покриен со ќебе, а потоа да се исчисти“.
Експертите нагласуваат колку е важно да се обрне внимание на специфичните потреби на секој коњ. Малгоржата го објаснува тоа вака: „Се смета дека арапските коњи имаат шесто сетило — сакаат да бидат со луѓе, сакаат галење и гушкање. Таквите изрази на нежност ја зајакнуваат довербата што коњот ја има во својот јавач до тој степен што животното ѝ станува потполно оддадено на таа личност. Познати се по тоа што знаат весело да за’ржат кога некој ќе им се насмее, ќе ги гушне или ќе ги почести со нешто — на пример со морков или коцка шеќер. Луѓето што сакаат коњи уживаат да се грижат за нив“. Томаш ја опишува својата љубов кон нив со следниве зборови: „Тоа беше љубов на прв поглед. Коњите имаат посебна убавина и зрачат со невидена грациозност. Но, не е лесно да се стекне нивната доверба. За тоа ми требаа многу години“.
Иднината на коњите
Луѓето од памтивек се восхитувале на убавината, брзината, подвижноста, силата и интелигенцијата на коњите, особено на арапските коњи, и воспоставиле посебна блискост со нив. За жал, истата оваа блискост со коњите се користела за лоши цели во војните, во кои биле убиени стотици коњи. Меѓутоа, под владеењето на Божјето Царство, луѓето ќе ги користат коњите исклучиво за благородни цели, на слава на нивниот Творец, Јехова Бог.
[Фуснота]
a Одгледувачите можат да одредат кога една кобила да се ождреби. Обично, таа може да раѓа секоја година, но не мора. Во својот просечен животен век од 25 до 30 години, една кобила може да роди помеѓу 15 и 18 ждребиња.
[Слика на страница 15]
Кобила и ждребе
[Слики на страница 16]
Секојдневната грижа за арапските коњи вклучува:
1. Внимателно тимарење на кожата и влакното
2. Чистење на копитата
3. Изрази на љубов од страна на луѓето
[Слика на страница 17]
Пастуви кои си играат во снег