„Пишете му на Антон!“
● Еден тинејџер и Јеховин сведок по име Антон живеел во далечното село Шелкан во Ставрополски Крај (Русија). Во детството му била дијагностицирана Дишенова мускулна дистрофија, неизлечлива болест која се карактеризира со слабост во мускулите и од која болниот обично умира пред да наполни дваесет години. На девет години, Антон повеќе не можел да оди ниту да станува.
Евгениј и неговата сопруга Дијана се запознале со Антон кога посетиле едно собрание на Јеховините сведоци. „Антон беше неверојатно кревок физички“, вели Дијана, „но силен духовно. Бидејќи неговиот постар брат починал од истата болест на 19 години, Антон беше свесен дека не му останува уште многу живот. Сепак, беше среќен и позитивен.“
Дијана и маж ѝ го поттикнале Антон да прави повеќе во службата за Бог така што ќе им пишува писма на луѓето во други далечни села. Во 2005 год., тој напишал околу 500 писма и ги испратил на адреси во околните села. Но, се разочарал кога не добил ниту еден одговор. Сепак, Антон продолжил да пишува писма и од сѐ срце го молел Бог да му покаже како да постигне повеќе во службата и покрај своите околности.
Еден ден, во еден весник, Антон прочитал писмо од една болна жена на која ѝ требало утеха. Тој ѝ напишал писмо, а дел од него бил објавен во истиот весник. „Иако мојата болест е неизлечлива, читањето на Библијата ми помага да гледам со доверба на иднината. Многу сакам да добивам писма и секој ден очекувам некое“, напишал Антон.
Длабоко трогната, жената повторно испратила писмо до весникот. Тоа било отпечатено во колумна со наслов: „Пишете му на Антон!“ Таа изразила благодарност за духовните мисли што ѝ ги напишал Антон и додала: „Ајде да му помогнеме на Антон! Пишете му писмо. На ова младо момче многу му требаат љубезни зборови!“ Била наведена и адресата на Антон.
Наскоро во малата пошта во неговото село почнале да пристигнуваат писма за Антон — дури по 30 дневно! Доаѓале од сите страни на Русија, па дури и од Балтичките земји, Германија и Франција. Добил стотици писма од читатели на весникот. „Антон беше пресреќен!“ се сеќава Дијана. „Имаше стотици луѓе на кои можеше да им пишува и да ги сподели со нив своите верувања што се темелат на Библијата.“
Повеќе од една година Антон се допишувал со оние што му пратиле писма и им кажувал за библиските вистини. Рацете сѐ повеќе му заслабнувале, па затоа почнал да ги диктира писмата. Во септември 2008 год., на само 20 години, Антон починал. Иако физички бил толку кревок, неговата вера и љубов кон службата за Бог му дале можност да допре до срцето на стотици луѓе.