Врвни средновековни лекари
МНОГУ работи во современата медицина можеби и не се толку современи како што некои си мислат. Всушност, голем број од денешните медицински постапки се применувале во некои земји уште пред многу векови. На пример, да ја разгледаме медицината во средниот век на Блискиот Исток.
Во 805 год. од н.е., КАЛИФОТ ХАРУН АР-РАШИД отворил болница во главниот град Багдад. Помеѓу 9 и 13 век, и други владетели изградиле и финансирале болници низ исламскиот свет, од Шпанија па сѐ до Индија.
Во овие болници нега можеле да добијат и богатите и сиромашните, без оглед на нивната религија. Лекарите не само што ги лекувале болните туку и вршеле разни истражувања и обучувале нови лекари. Имало посебни одделенија за различни гранки од медицината — интерна медицина, офталмологија, ортопедија, хирургија, инфективно одделение и одделение за ментални нарушувања. Секое утро, лекарите во придружба на своите студенти ги прегледувале болните и им препишувале соодветна исхрана и лекарства. Во самата болница имало и фармацевти кои издавале лекови. Управата на болницата водела уредна евиденција за болните, се грижела за сметководството, го надгледувала подготвувањето на храната и вршела други административни задачи — исто како и денес.
Според историчарите, овие болници биле „едно од најголемите достигнувања на средновековното исламско општество“. Низ целиот муслимански свет, „болницата како институција доживувала револуционерен развој кој извршил влијание врз развојот на медицината и на здравствената нега, а тоа влијание се чувствува и до ден-денес“, вели писателот и историчар Хауард Тарнер.
РАЗЕС (Абу Бекр Мухамед ал-Рази) е роден кон средината на деветтиот век во древниот град Раја, кој сега е предградие на Техеран. Тој е наречен „најголемиот лекар во исламот и во целиот среден век“. За да имаат корист и други лекари, овој научник ги запишувал методите што ги користел при експериментите, условите во кои ги вршел, инструментите што ги употребувал и добиените резултати. А ги советувал и сите лекари да бидат во тек со најновите откритија од нивната област.
Разес дошол до многу важни сознанија. На пример, неговите стручни медицински текстови се објавени во 23 тома со наслов Ал-Хави (Сеопфатна книга), која се вбројува меѓу најзначајните медицински учебници. Се вели дека во оваа книга се наоѓаат зачетоците на акушерството, гинекологијата и офталмолошката хирургија. Во неговите 56 дела на медицински теми може да се најде најстариот точен опис на мали и големи сипаници. Разес открил и дека покачената телесна температура е еден од одбранбените механизми на телото.
Освен тоа, бил и управник на болниците во Раја и во Багдад, каде што работел со ментално болни пациенти, поради што е наречен татко на психологијата и психотерапијата. Освен за медицина, Разес наоѓал време да пишува книги и за хемија, астрономија, математика, филозофија и теологија.
АВИЦЕНА (Абу Али ал-Хусеин ибн Сина), уште еден деец на полето на медицината, потекнува од Бокара во денешен Узбекистан. Тој станал еден од најголемите лекари, филозофи, астрономи и математичари од 11 век. Авицена е автор на енциклопедијата Ал-Канин ал-Тиб, на запад позната како Канон, која ги содржела сите дотогашни сознанија на полето на медицината.
Во својот Канон, Авицена напишал дека туберкулозата е заразна, дека болестите може да се шират преку вода и преку почва, дека емоциите влијаат врз физичкото здравје и дека нервите пренесуваат и болка и дразби што предизвикуваат контракција на мускулите. Во Канонот се опишани околу 760 фармаколошки препарати — нивните својства, дејства и индикации — како и принципи за испитување на нови лекарства. Оваа книга, која била преведена и на латински, со векови се користела на медицинските школи низ Европа.
АБУЛКАСИС (Абу Касим ал-Захрави) е уште една маркантна фигура во историјата на медицината. Овој иноватор од Андалузија (денешна Шпанија) кој живеел во 10 век напишал збирка од 30 тома, меѓу кои и дел од 300 страници посветен на хирургијата. Во овој дел опишал напредни хируршки зафати, како шиење рани со хируршки конец од животинско потекло, отстранување на камења од жолчка со помош на инструмент што се вметнува низ мочниот канал, тироидектомија (хируршко отстранување на тироидната жлезда) и отстранување на катаракта.
Абулкасис користел „релативно современи медицински техники“ при тешки породувања и при третман на исчашено рамо. Тој прв почнал да користи памук како хируршка облога и гипс при скршеници. Освен тоа, опишал техники за реимплантирање на паднати заби, за изработка на вештачки заби, за корекција на накриво израснати заби и за отстранување на забен камен.
Делот за хирургија од Абулкасис ги содржи и првите илустрации на хируршки инструменти. Станува збор за прецизни цртежи на околу 200 хируршки инструменти, а дадени се и упатства како и кога да се користат. Некои од неговите инструменти претрпеле многу мали промени во следните илјада години.
Знаењето се шири на Запад
Во 11 и 12 век, учените луѓе, особено во Толедо (Шпанија) и во Монте Касино и Салерно (Италија), почнале да ги преведуваат арапските медицински учебници на латински. Потоа, лекарите ги изучувале овие преводи на универзитетите низ Европа, каде што во употреба бил латинскиот јазик. На тој начин, средновековните медицински сознанија „во следните векови продреле длабоко во Европа, веројатно повеќе од која и да е друга исламска наука“, вели Есан Масуд, кој пишува на научни теми.
Очигледно, откритијата и изумите на врвните средновековни умови како Разес, Авицена, Абулкасис и нивните современици со право можат да се наречат камен-темелник на современата медицина.