Божественото име низ вековите
ЈЕХОВА Бог бара од човекот да го знае и да го употребува неговото име. Тоа се гледа од фактот што Тој им го открил Своето име на првите две личности на Земјата. Ние знаеме дека Адам и Ева биле запознаени со Божјето име, бидејќи откако Ева го родила Каина, според оригиналниот хебрејски текст, рекла: „Произведов човек со Јеховина помош“ (1. Мојсеева 4:1, НС).
Подоцна читаме дека верни мажи како Енох и Ное ‚живееле секогаш според волјата Божја‘ (1. Мојсеева 5:24; 6:9). Тогаш, мора да го знаеле и Божјето име. Името го преживеало големиот потоп заедно со праведниот човек Ное и со неговото семејство. Извесно време подоцна, и покрај големиот бунт што се случил во Вавилон, вистинските Божји слуги продолжиле да го употребуваат неговото име. Тоа се појавува стотици пати во законите коишто Бог му ги дал на Израел. Само во книгата 5. Мојсеева тоа се појавува 551 пат.
Во времето на судиите, Израелците очигледно не се колебале да го употребуваат Божјето име. Го употребувале дури и при меѓусебното поздравување. На пример, (во оригиналниот хебрејски текст) читаме како Воз ги поздравувал своите жетвари: „Нека е Јехова со вас“. Тие отпоздравиле, велејќи: „Јехова да те благослови“ (Рут 2:4, НС).
Низ сета израелска историја, сѐ до времето кога се вратиле во Јуда од заробеништвото во Вавилон, Јеховиното име останало во општа употреба. Цар Давид, човек кој му бил угоден на Божјето срце, многу често го употребувал божественото име — тоа се појавува стотици пати во псалмите што ги напишал тој (Дела 13:22). Божјето име било составен дел од многу израелски лични имиња. Така читаме за Адонија („Мој Господ е Јах“ — „Јах“ е скратен облик од Јехова), Исаија („Спасение од Јехова“), Јонатан („Јехова дал“), Михеј („Кој е како Јах?“) и Јошуа („Јехова е спасение“).
Вон Библијата
Постојат и докази од небиблиски извори за многу честата употреба на божественото име во стари времиња. Според еден извештај во Israel Exploration Journal (Израелски истражувачки журнал, том 13, бр. 2), во 1961 година, недалеку од Ерусалим, на југозападната страна била откриена една древна погребна пештера. На нејзините ѕидови имало хебрејски натписи, кои изгледа датираат од втората половина на осмиот век пр. н. е. Натписите содржат изјави како на пример „Јехова е Бог на целата Земја“.
Во 1966 година, во Israel Exploration Journal (том 16, бр. 1), бил објавен еден извештај во врска со парчиња од грнчарија испишани со хебрејско писмо, кои биле пронајдени во Арад, јужен Израел. Биле напишани во втората половина од седмиот век пр. н. е. Едно од нив било приватно писмо до некој човек по име Елиашиб. Писмото почнува вака: „До мојот господар Елиашиб: Нека Јехова го побара твојот мир“. А завршува: „Тој живее во домот Јеховин“.
Во 1975 и во 1976 година, археолозите кои работеле во Негеб откриле една колекција од хебрејски и феникиски натписи на гипсени ѕидови, големи врчви за складирање и камени садови. Натписите го содржеле хебрејскиот збор за Бог, како и Божјето име, ЈХВХ, со хебрејски букви. Во самиот Ерусалим неодамна била откриена малечка, намотана сребрена лента, која очигледно датира од времето пред вавилонското заробеништво. Истражувачите велат дека кога била одмотана, на неа го пронашле Јеховиното име напишано на хебрејски (Biblical Archaeology Review — Библиска археолошка ревија, март/април 1983, страница 18).
Друг пример за употребата на Божјето име се таканаречените Лахис писма. Овие писма напишани на парчиња глина, биле пронајдени помеѓу 1935 и 1938 година во урнатините на Лахис — утврден град кој заземал видно место во израелската историја. Се чини дека биле напишани во Лахис, од страна на некој офицер на јудејската претстража до неговиот претпоставен, по име Јаош, за време на војната помеѓу Израел и Вавилон кон крајот на седмиот век пр. н. е.
Од осумте читливи парчиња, седум ја започнуваат својата порака со поздравот: „Нека Јехова и годинава му даде на мојот господар добро здравје!“ Сѐ на сѐ, во седумте пораки Божјето име се појавува 11 пати, што јасно покажува дека кон крајот на седмиот век пр. н. е., Јеховиното име секојдневно се употребувало.
Дури и паганските владетели го знаеле и го употребувале божественото име кога се осврнувале на Богот на Израелците. Така, на Моавскиот камен, царот Меша од Моав се фали со своите воени подвизи против Израел и, меѓу другото, наведува: „Кемош ми рече: ‚Оди, земи го Небо од Израел!‘ И така отидов ноќе и се борев против него од зори до пладне и го зазедов и ги заклав сите . . . И ги зедов оттаму [садовите] Јеховини и ги довлечкав пред Кемош“.
Со оглед на овие вонбиблиски употреби на Божјето име, Theologisches Wörterbuch zum Alten Testament (Теолошкиот речник на Стариот завет) во том 3, колона 538, вели: „На тој начин, околу 19 документирани докази за Тетраграматонот во обликот јхвх сведочат за доверливоста на М[азоретските] Т[екстови] во овој поглед; може да се очекуваат и повеќе, пред сѐ од архивите Арад“ (преведено од германски).
Божјето име не е заборавено
Ваквото познавање и употреба на Божјето име продолжиле сѐ до времето на Малахија, кој живеел околу 400 години пред Исус. Во библиската книга што го носи неговото име, Малахија му придава огромна важност на божественото име, употребувајќи го вкупно 48 пати.
Како што одминувало времето, многу Евреи живееле далеку од Израел, и некои повеќе не умееле да ја читаат Библијата на хебрејски јазик. Затоа, во третиот век пр. н. е., на грчки, новиот меѓународен јазик, почнал да се преведува делот од Библијата што постоел тогаш („Стариот завет“). Но, Божјето име не било занемарено. Преведувачите го задржале, пишувајќи го во неговиот хебрејски облик. За тоа сведочат древните копии од грчката Септуагинта, коишто се зачувани до денешно време.
Меѓутоа, каква била ситуацијата кога Исус живеел на Земјата? Како можеме да знаеме дали тој и неговите апостоли го употребувале Божјето име?
[Слика на страница 12]
Во ова писмо, напишано на парче грнчарија во втората половина од седмиот век пр. н. е., Божјето име се појавува двапати.
[Извор на слика]
(Слика со љубезна дозвола од Одделот за антиквитети и музеи на Израел)
[Слики на страница 13]
Божјето име исто така се наоѓа на Лахис писмата и на Моавскиот камен