Поглавје 3
Она што наскоро ќе се случи
1. Како можеш да го избегнеш извршувањето на Божјиот суд над овој свет?
ТРЕБА да бидеш длабоко заинтересиран за она што денес се случува во светот. Зошто? Затоа што овој свет нема да го избегне извршувањето на Божјиот суд. Но, ти можеш да го избегнеш. Како? Така што ‚нема да бидеш дел од светот‘ што е осуден на уништување. Ова не значи дека треба да живееш како аскет или монах. Сепак, додека водиш исполнет и смисловен живот, не треба да имаш ништо заедничко со нечесната политика, со алчната трговија и со религијата што го срамоти Бог, како и со насилството и неморалот. Освен тоа, мораш да постапуваш во согласност со Божјите високи мерила и да се трудиш да ја вршиш Божјата волја (Јован 17:14-16; Софонија 2:2, 3; Откровение 21:8). Библиската книга Откровение покажува колку е важно да обрнеш внимание на сите овие работи и да ги направиш потребните промени во животот.
2. Со кои зборови апостол Јован го почнал своето величествено пророштво во Откровението, и кому му ја дал Бог оваа важна порака?
2 Апостол Јован го почнува своето величествено пророштво со следниве зборови: „Откровение на Исус Христос, кое му го даде Бог, за да им го покаже на своите робови она што наскоро ќе се случи“ (Откровение 1:1а). Значи, воскреснатиот Исус Христос ја добил оваа важна порака од Бог. Оттука јасно се гледа дека Исус му е подложен на својот Татко — факт што покажува дека тој воопшто не е дел од некое таинствено тројство, односно Света Троица. На сличен начин, ‚робовите‘ што го сочинуваат христијанското собрание му се подложни на Исус Христос и ,го следат каде и да појде‘ (Откровение 14:4; Ефешаните 5:24). Но, кои се вистинските Божји „робови“ денес, и како им помага Откровението?
3. а) Кои се ‚робовите‘ што му се подложни на Исус Христос? б) Какво дело извршуваат верните „робови“ под водство на ангелите?
3 Апостол Јован, кој го напишал Откровението, за себе вели дека е роб на Бог. Тој бил последниот жив апостол, еден од избраната група „робови“ помазани со дух, кои добиваат бесмртен живот на небесата. Денес на Земјата има само неколку илјади од нив. Но, Бог има и други слуги, големо мноштво од мажи, жени и деца, кое сега брои милиони. Под водство на ангелите и заедно со помазаните „робови“, овие Божји слуги им ја објавуваат вечната добра вест на сите луѓе. Тие „робови“ навистина многу се трудат да им помогнат на кротките на Земјата да се спасат! (Матеј 24:14; Откровение 7:9, 14; 14:6). Откровението покажува што мораш да правиш ако сакаш и ти да имаш корист од таа прекрасна добра вест.
4. а) Зошто Јован зборувал за „она што наскоро ќе се случи“ кога поминале повеќе од 1.900 години откако го напишал Откровението? б) Што покажуваат доказите денес во врска со она што било проречено?
4 Но, зошто Јован запишал дека на овие „робови“ ќе им биде покажано „она што наскоро ќе се случи“? Зар од времето кога биле кажани овие зборови не поминале повеќе од 1.900 години? Од гледна точка на Јехова, во чии очи илјада години се како „вчерашен ден“, 1.900 години е кратко време во споредба со еоните што поминале додека создавал и ја подготвувал Земјата да биде населена со луѓе (Псалм 90:4). Апостол Павле напишал дека и самиот ‚желно исчекува и се надева‘ бидејќи, без сомнение, му се чинело дека наградата ќе ја добие многу брзо (Филипјаните 1:20). Но, многу докази денес покажуваат дека сѐ што било проречено ќе се случи токму во времето што е одредено за тоа. Никогаш порано во историјата не бил на коцка самиот опстанок на човештвото. Само Бог го има решението! (Исаија 45:21).
Како се пренесуваат Јеховините пораки
5. Како го добил Откровението апостол Јован, и како потоа им го пренел на собранијата?
5 Откровение 1:1б, 2 продолжува: „И [Исус] го испрати својот ангел, па преку него му го покажа [Откровението] во знаци на својот роб Јован, кој посведочи за Божјата реч и за сведоштвото од Исус Христос — за сѐ што виде“. Значи, Јован ја добил оваа вдахновена порака преку ангел, кој послужил како гласник. Ја запишал на свиток и им ја пренел на собранијата во тоа време. За среќа, Бог ја зачувал до денес за да ги храбри своите слуги, кои сега служат обединето во речиси 100.000 собранија низ целиот свет.
6. Со што ја споредил Исус групата што ја користи за да им дава духовна храна на своите „робови“ денес?
6 Бог имал свои посредници преку кои го пренел Откровението во времето на Јован, а Јован спаѓал во земните посредници. Слично како тогаш, Бог и денес има посредници преку кои им дава духовна храна на своите „робови“. Во своето значајно пророштво за свршетокот на овој поредок, Исус ја споредил групата од земни посредници со еден ‚верен и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време‘ (Матеј 24:3, 45-47). Тој ја користи оваа група, во која припаѓал и Јован, да го разоткрие значењето на пророштвата.
7. а) Како треба да влијаат врз нас знаците што се дадени во Откровението? б) Колку долго имаат удел во исполнувањето на виденијата од Откровението некои од класата на Јован?
7 Апостол Јован пишува дека Исус му го покажал Откровението „во знаци“, или во симболи. Овие знаци се многу живописни и возбудливи. Тие даваат слика за голема активност која, пак, треба да нѐ поттикне нас ревносно да им го објавуваме на другите ова пророштво и неговото значење. Во Откровението се прикажани голем број возбудливи виденија, а Јован имал удел во секое од нив — или како учесник или како набљудувач. Оние што припаѓаат на класата на Јован и имаат удел во исполнувањето на овие виденија — понекогаш и со децении — се среќни што Божјиот дух им го открил значењето за да можат и тие да им го објаснат на другите.
8. а) Што е карактеристично за секое видение од Откровението? б) Како едно пророштво на Даниел ни помага да разбереме што претставуваат ѕверовите во Откровението?
8 Виденијата од Откровението не се дадени по хронолошки редослед. Секое се исполнува во одредено време. Во многу од нив одѕвонуваат зборови од пророштвата што биле дадени порано, и тие помагаат да се протолкува значењето. На пример, во едно пророштво на Даниел се опишани четири страшни ѕверови, а потоа е објаснето дека со нив биле претставени некои од владејачките сили на Земјата. Тоа ни помага да разбереме дека ѕверовите во Откровението претставуваат политички тела, а некои од нив постојат и денес (Даниел 7:1-8, 17; Откровение 13:2, 11-13; 17:3).
9. а) Слично на Јован, каков став покажуваат помазаниците како група? б) Како Јован ни покажува што треба да правиме за да бидеме среќни?
9 Јован верно посведочил за пораката што му ја дал Бог преку Исус Христос. Тој објаснил во детали ‚сѐ што видел‘. Класата на Јован искрено бара водство од Бог и од Исус Христос за да го разбере пророштвото во потполност и да му ги објасни неговите прекрасни пораки на Божјиот народ. За да го охрабри помазаното собрание (како и големото меѓународно мноштво на кое Бог ќе му помогне да ја преживее големата неволја), Јован пишува: „Среќен е оној што чита и оние што ги слушаат зборовите на ова пророштво и го држат она што е напишано во него. Зашто, блиску е времето за да се исполни“ (Откровение 1:3).
10. Како ќе ни помогне Откровението да бидеме среќни?
10 Ќе имаш голема корист ако го читаш Откровението, и уште поголема ако го држиш она што е напишано во него. Во едно од своите писма, Јован објаснил: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки, бидејќи сѐ што е родено од Бог го победува светот. А ова е победата која го победи светот: нашата вера“ (1. Јованово 5:3, 4). Ќе бидеш многу среќен ако и ти изградиш таква вера!
11. а) Зошто треба без одложување да ги држиме зборовите од пророштвото? б) Кое време е опасно блиску?
11 Мораме без одложување да ги држиме зборовите на ова пророштво, „зашто, блиску е времето“. Кое време? Па, времето кога ќе се исполнат пророштвата од Откровението, вклучувајќи го и Божјиот суд. Блиску е времето кога Бог и Исус Христос ќе ја извршат конечната пресуда над Сатановиот свет. Кога бил овде на Земјата, Исус изјавил дека само Татко му го знае „денот и часот“. Предвидувајќи ги неволјите во светот, кои нагло се зголемија во нашево време, Исус исто така рекол: „Ова поколение нема да помине додека не се случи сето тоа“. Значи времето кога Бог ќе ја спроведе својата одлука веќе е опасно блиску (Марко 13:8, 30-32). Во Авакум 2:3 стои: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него. Видението брза кон крајот и нема да излаже. Дури и да се забави, чекај го, зашто бездруго ќе се исполни. Нема да задоцни“. Нашето спасение во големата неволја ќе зависи од тоа дали ја држиме Божјата пророчка реч (Матеј 24:20-22).
[Рамка на страница 15]
За да ја разбереме книгата Откровение треба:
● Да добиеме помош од Јеховиниот дух
● Да сфатиме кога започнал денот на Господарот
● Да го признаеме верниот и разборит роб кој постои денес