29. поглавје
Семејниот живот да се направи среќен
1. (а) Како започнало семејството? (б) Каква намера имал Бог со семејството?
КОГА Јехова Бог ги создал првиот маж и жена, ги здружил за да засноваат семејство (1. Мојсеева 2:21–24, Матеј 19:4–6). Намерата на Бог била овој брачен пар да раѓа деца. Кога децата би пораснале, требало да се женат и да основаат свои семејства. Божјата намера била, со текот на времето насекаде по Земјата да живеат среќни семејства кои целата Земја би ја претвориле во прекрасен рај (1. Мојсеева 1:28).
2, 3. (а) Зошто не можеме Бог да го сметаме виновен за распадот на семејството? (б) Што е неопходно за да се постигне успешен семеен живот?
2 Меѓутоа, денес многу семејства се распаѓаат, а многу од нив кои сѐ уште се заедно, не се среќни. Затоа, некој може да праша: ”Ако семејството е навистина Божје уредување, зарем не би требало да очекуваме подобри резултати?“ Меѓутоа, не можеме Бог да го сметаме виновен за распадот на семејството. Ако некој произведувач направи апарат и со него приложи упатство за ракување, тогаш сигурно не е тој виновен ако производот не функционира затоа што купувачот не го почитува упатството за ракување. Дури и ако тој производ е од совршен материјал, нема да функционира доколку со него правилно не се ракува. Слично е и со семејството.
3 Јехова Бог дал во Библијата правила за семејниот живот. Но, што се случува кога тие правила се запоставуваат? Иако семејството е совршено уредување, сепак може да се распадне. Тогаш членовите на семејството нема да бидат среќни. Од друга страна, ако се следат правилата од Библијата, тоа ќе придонесе за успешен и среќен семеен живот. Затоа е важно да разбереме на кој начин Бог ги создал различните членови на семејството и кои улоги треба да ги исполнуваат според неговата намера.
КАКО БОГ ГИ СОЗДАЛ МАЖОТ И ЖЕНАТА
4. (а) Кои разлики постојат помеѓу мажот и жената? (б) Зошто Бог ги создал тие разлики?
4 Секој може да види дека Јехова не ги создал мажот и жената еднакви. Тие во многу нешта се слични, но очигледно се разликуваат според изгледот и полот. Исто така се разликува и нивниот емотивен живот. Зошто се овие разлики? Бог така ги создал за да на секој му помогне да ја исполни својата улога. Откако го создал мажот, Бог рекол: ”Не е добро за човекот и понатаму да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнување“ (1. Мојсеева 2:18, NW).
5. (а) На кој начин Бог ја создал жената како ”дополнување“ на мажот? (б) Каде е склопен првиот брак? (в) Зошто бракот навистина може да биде среќна заедница?
5 Дополнувањето е нешто што му одговара на другото и го надополнува. Бог ја создал жената како соодветно дополнување на мажот за да може да му помогне да ја изврши задачата што му ја доверил Бог. Задачата била да ја наполнат Земјата со луѓе и да се грижат за неа. Откако ја создал жената од еден дел на човекот, Бог го склопил првиот брак во градината Еден така што ја ’довел жената кај човекот‘ (1. Мојсеева 2:22, ББД; 1. Коринтјаните 11:8, 9). Бракот може да биде среќна заедница, затоа што и мажот и жената се создадени со потреби коишто другиот е способен да ги исполни. Нивните разлики се порамнуваат на убав начин. Кога мажот и жената се разбираат и ценат еден со друг и меѓусебно соработуваат според своите доделени улоги, тогаш секој на свој начин придонесува за изградување на среќен семеен живот.
УЛОГАТА НА МАЖОТ
6. (а) Кој е поставен за поглавар на семејството? (б) Зошто е тоа исправно и практично?
6 На бракот или семејството му е потребно водство. Мажот е во поголема мера опремен со особини и сили потребни за преземање на водство. Од таа причина во Библијата пишува: ”Зашто мажот е глава на својата жена како што и Христос е глава на собранието“ (Ефесјаните 5:23, NW). Тоа е практично, зашто таму каде што нема водство владее неред и збрка. Семејство без водство е како некој да се обидува да вози автомобил без волан. Или, ако жената му го оспорува правото на својот маж да биде поглавар, тоа е како во еден автомобил да седат двајца возачи, од кои секој со својот волан управува со едно од предните тркала.
7. (а) Зошто на некои жени не им се допаѓа идејата дека мажот треба да биде поглавар? (б) Кој сѐ има поглавар над себе, и зошто таквото Божје уредување е мудро?
7 Меѓутоа, на многу жени не им се допаѓа идејата дека мажот треба да биде поглавар на семејството. Една од главните причини за тоа е што многу мажи не ги почитуваат Божјите упатства за правилно извршување на поглаварството. Сепак, признат факт е дека некоја организација може да функционира добро само тогаш кога има некој кој презема водство и донесува конечни одлуки. Затоа во Библијата мудро вели дека ”Глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог“ (1. Коринтјаните 11:3, ББД). Во Божјето уредување единствено Бог нема поглавар над себе. Сите други — како Христос така и мажите и жените — мораат да се потчинат на одлуките на другите.
8. (а) Чиј пример треба да го следат мажите во вршењето на поглаварството? (б) Каква поука треба да извлечат мажите од тој пример?
8 Тоа значи дека мажите, доколку сакаат да ја исполнат својата улога на сопрузи, мораат да го признаат Христос како поглавар. Исто така, мораат да го следат неговиот пример со тоа што вршат поглаварство над своите жени како што Христос извршува авторитет над собранието од своите следбеници. Како постапувал Христос со своите земски следбеници? Секогаш бил љубезен и обѕирен. Никогаш не бил груб или избувлив, дури и кога бавно го прифаќале неговиот совет (Марко 9:33–37; 10:35–45; Лука 22:24–27; Јован 13:4–15). Да, тој дури и својот живот спремно го дал за нив (1. Јованово 3:16). Христијанскиот маж треба грижливо да го проучи Христовиот пример и да се труди со сите свои сили да постапува со своето семејство по тој пример. Тогаш нема да се однесува како заповеднички, себичен и безобѕирен поглавар на семејството.
9. (а) На што се жалат многу жени? (б) Што треба сопрузите мудро да земат во обѕир додека го извршуваат поглаварството?
9 Од друга страна, мажите треба да размислат за следново: Дали твојата жена се жали дека не ги исполнуваш должностите како што треба да ги исполнува еден семеен поглавар? Дали вели дека не преземаш водство во домот, не ги планираш семејните активности и дека не ја преземаш на себе одговорноста за донесување на конечни одлуки? Но, Бог го бара тоа од тебе како сопруг. Секако, мудро е да бидеш пристапен за предлозите и желбите на другите членови од семејството и да ги земаш тие предлози предвид додека го извршуваш поглаварството. Без сомнение, како сопруг ти имаш потешка улога во семејството. Но, ако искрено се трудиш да ја исполниш, твојата жена најверојатно радо ќе ти помага и ќе те поддржува (Изреките 13:10; 15:22).
КАКО ЖЕНАТА ЈА ИСПОЛНУВА СВОЈАТА УЛОГА
10. (а) Што им заповеда Библијата на жените? (б) Што се случува кога жените не го почитуваат советот од Библијата?
10 Според Библијата, жената е создадена како помошничка на својот маж (1. Мојсеева 2:18). Во согласност со тоа, Библијата заповеда: ”Вие, жените покорувајте им се на мажите свои“ (Ефесјаните 5:22, ББД). Денес станало вообичаено жените да бидат агресивни и да се натпреваруваат со мажите. Меѓутоа, ако жените се туркаат напред и се обидуваат да преземат водство, се појавуваат неминовни потешкотии. Многу сопрузи всушност велат: ”Доколку сака да управува со домаќинството, пушти ја нека го стори тоа.“
11. (а) Како може жената да му помогне на мажот да преземе водство? (б) Како веројатно ќе влијае на мажот ако неговата жена ја исполнува улогата што ја добила од Бог?
11 Или можеби сметаш дека мораш како сопруга да преземаш водство затоа што твојот сопруг не го презема. Но, зарем не е подобро да му помогнеш да ги исполни своите должности на семеен поглавар? Дали му даваш на знаење дека очекуваш од него да преземе водство? Дали бараш од него предлози и водство? Дали на кој и да е начин избегнуваш да го омаловажуваш она што тој го прави? Ако навистина се трудиш да ја исполниш улогата во семејството која Бог ти ја доделил, твојот сопруг веројатно ќе почне да ги исполнува своите должности (Колосјаните 3:18, 19).
12. Што покажува дека жените слободно можат да го кажат своето мислење, дури и ако се разликува од мислењето на мажот?
12 Тоа не значи дека жената не смее да каже што мисли ако во мислењето не се сложува со сопругот. Можеби има исправно гледиште, па на семејството би му користело ако мажот ја послуша. Авраамовата жена Сара служи за пример на омажените христијанки, бидејќи му била покорна на својот маж (1. Петрово 3:1, 5, 6). Сепак, во една прилика дала предлог како да се реши еден семеен проблем; и кога Авраам не се сложил, Бог му рекол: ”Послушај го гласот нејзин“ (1. Мојсеева 21:9–12, ББД). Се разбира, кога мажот ќе ја донесе конечната одлука, жената треба да ја поддржува, доколку таа одлука не е спротивна на Божјиот закон (Дела на апостолите 5:29).
13. Што сѐ ќе прави добрата сопруга, и како ќе влијае тоа на нејзиното семејство?
13 Жената може многу да стори за да се грижи за семејството и исправно да ја исполни својата улога. На пример, може да подготвува храна, да води сметка за чистотата и уредноста на станот и да учествува во поучувањето на децата. Библијата ги повикува жените ’да ги сакаат своите мажи и своите деца, да бидат чесни, чисти, добри домаќинки, добри, благи, покорни на своите мажи, да не се хули на Божјата реч‘ (Тит 2:4, 5, ДК). Таквата жена и мајка која ги исполнува овие должности, секогаш ќе биде сакана и почитувана од своето семејство (Изреките 31:10, 11, 26–28).
МЕСТОТО НА ДЕЦАТА ВО СЕМЕЈСТВОТО
14. (а) Кое е исправното место на децата во семејството? (б) Што можат да научат децата од Исусовиот пример?
14 Јехова ѝ заповедал на првата човечка двојка: ”Плодете се, и множете се“ (1. Мојсеева 1:28, ББД). Да, Бог им рекол да имаат деца. Децата требало да бидат благослов за семејството (Псалми 127:3–5). Бидејќи се под законот и заповедта на своите родители, Библијата ја споредува положбата на детето со положбата на слуга (Изреките 1:8; 6:20–23; Галатјаните 4:1). Дури и Исус кога бил дете им бил потчинет на своите родители (Лука 2:51). Тоа значи дека ги слушал и правел сѐ што му кажувале. Кога сите деца би го правеле тоа, сигурно би придонело за среќата во семејството.
15. Зошто децата честопати им нанесуваат на родителите болка во срцето?
15 Наместо да бидат благослов во семејството, често пати децата им нанесуваат на родителите болка во срцето. Зошто? Затоа што децата исто како и родителите, пропуштаат да ги применат упатствата од Библијата за семејниот живот. Кои се тие закони и Божји начела? Испитај некои од нив на следните страници. Сигурно ќе се сложиш дека можеш да придонесеш за среќата во семејството доколку ги применуваш.
Сакај ја и оддавај ѝ чест на својата сопруга
16. Што им се заповеда на мажите, и како треба исправно да ја следат таа заповед?
16 Со божествена мудрост Библијата вели: ”Мажите се должни да ги сакаат своите жени како што ги сакаат своите тела“ (Ефесјаните 5:28–30, ББД). Искуството секогаш потврдува дека за да жените бидат среќни, потребно е да чувствуваат дека се сакани. Тоа значи дека сопругот треба да ѝ посвети на сопругата посебно внимание, да биде нежен и полн со разбирање и да ја увери дека ја сака. Како што пишува во Библијата, тој мора да ја ’почитува‘. Тоа го прави така што ја зема во обѕир во сѐ што работи. На тој начин ќе го придобие нејзиното почитување (1. Петрово 3:7, NW).
Почитувај го својот сопруг
17. Што им се заповеда на жените, и како тие го прават тоа?
17 А како е со сопругите? ”Жената треба да има длабоко почитување спрема својот маж“, објаснува Библијата (Ефесјаните 5:33, NW). Затоа што сопругите често пати не го почитуваат овој совет, тоа е главната причина зошто некои мажи не се задоволни од своите жени. Жената покажува почит спрема мажот со тоа што ги поддржува неговите одлуки и со сета душа соработува со него на остварувањето на семејните цели. Со тоа што ја исполнува улогата која ѝ е доделена според Библијата, имено, ’да биде помошничка и дополнување‘ на својот сопруг, таа му олеснува на својот сопруг да ја сака (1. Мојсеева 2:18, NW).
Бидете верни еден на друг
18. Зошто брачните другари треба да бидат верни еден на друг?
18 Во Библијата пишува: ”Мажот и жената мораат да бидат верни еден на друг“ (Евреите 13:4, Today’s English Version). На мажите им порачува: ”Весели се со жената на својата младост; (...) А зошто да се занесуваш, синко, по туѓинка и да ги милуваш градите на туѓа?“ (Изреките 5:18–20, ДК). Да, браколомството е против Божјиот закон; доведува до проблеми во бракот. ”Многумина мислат дека вонбрачниот однос може да го зачини бракот, да го направи поинтересен“, објаснил еден стручњак за брак и додал дека таквиот однос секогаш доведува до ”вистински проблеми“ (Изреките 6:27–29, 32).
Мисли на среќата на брачниот другар
19. Како можат брачните партнери да најдат најголемо задоволство во сексуалниот однос?
19 Среќата не се постигнува само ако сопружниците се заинтересирани првенствено за сопственото сексуално задоволување, туку ќе бидат посреќни ако настојуваат да го задоволат својот брачен партнер. Во Библијата пишува: ”Мажот да ја врши својата должност спрема жената, а исто така и жената спрема мажот“ (1. Коринтјаните 7:3, д-р Чарниќ). Овде е нагласено возвраќањето, давањето, а преку давањето и давателот ќе најде вистинско задоволство. Токму како што рекол Исус: ”Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела на апостолите 20:35, NW).
Посвети им се на своите деца
20. Зошто е важно да им се посвети време на децата?
20 Едно осумгодишно дете рекло: ”Татко ми цело време работи и никогаш не е дома. Ми дава пари и ми подарува многу играчки, но јас одвај го видувам. Го сакам и би сакал да не работи толку многу за да можам почесто да го видувам.“ Колку е поубав семејниот живот кога родителите ја слушаат заповедта од Библијата да ги учат своите деца ’кога седат дома, кога се на пат, кога си легнуваат и кога стануваат!‘ Ако им се посветиш на своите деца и поминеш квалитетно време со нив, тоа сигурно ќе придонесе за среќата на семејството (5. Мојсеева 11:19, ББД; Изреките 22:6).
Дај го потребниот укор
21. Што вели Библијата за карањето на децата?
21 Нашиот небесен Татко е добар пример за родителите со тоа што го кара својот народ, односно го поучува во стега. На децата им е потребен укор (Евреите 12:6; Изреките 29:15). Затоа Библијата поттикнува: ”Вие, татковците (...) воспитувајте ги [своите деца] во науката и стравот Господов [Јеховин, NW].“ Ако родителите ги караат своите деца, дури и ако притоа ги тепаат или им одземаат извесни предности, тоа докажува дека ги сакаат. Во Библијата пишува: ”Кој го сака [својот син], го казнува за да го поправи“ (Ефесјаните 6:4, ББД; Соломонови изреки 13:25 [13:24, ДК]; 23:13, 14).
Млади — спротивставете им се на светските навики
22. Каква обврска имаат младите, и што сѐ спаѓа во тоа?
22 Светот сака да ги наведе младите да ги прекршат Божјите закони. Освен тоа, во Библијата пишува: ”Безумието му е приврзано на детето за срце“ (Изреките 22:15, Ст). Значи, потребна е борба за да се постапува исправно. Во Библијата уште пишува: ”Деца, бидете им послушни на родителите свои, зашто тоа е справедливо“ (Ефесјаните 6:1–4, ББД). Тоа ќе донесе богата награда. Затоа, вие млади, бидете мудри. Слушајте го советот: ”Спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја.“ Спротивставете му се на искушението да земате дрога, да се опивате, да вршите блуд, или на кој и да е друг начин да ги кршите Божјите закони (Ефесјаните 6:1-4; Проповедник 12:1, ББД; Изреките 1:10–19).
Заеднички проучувајте ја библијата
23. Каква корист има семејството од заедничкото проучување на Библијата?
23 Ако еден член на семејството ги проучува библиските науки и ги применува, ќе придонесе за семејната среќа. Но, колку само ќе биде благословено семејството ако сите го прават тоа — мажот, жената и децата! Тогаш ќе владее срдечен близок однос, отворено ќе се разговара меѓу себе и секој ќе се труди да му помогне на другиот да му служи на Јехова Бог. Затоа, имајте навика да ја проучувате Библијата заедно како семејство (5. Мојсеева 6:4–9; Јован 17:3).
УСПЕШНО РЕШАВАЊЕ НА СЕМЕЈНИТЕ ПРОБЛЕМИ
24. Зошто брачните партнери треба да си ги признаат грешките еден на друг?
24 Одвреме навреме се појавуваат проблеми дури и во семејства кои обично се среќни, затоа што сите ние сме несовршени и грешиме. ”Сите честопати се спрепнуваме“, пишува во Библијата (Јаков 3:2, NW). Сопружниците не би требало да очекуваат совршеност еден од друг. Секој би требало да ги поднесува погрешките на другиот. Поради тоа, ниту еден од сопружниците не би требало да очекува совршено среќен брак, зашто на несовршени луѓе им е невозможно да го постигнат тоа.
25. Како треба во љубов да се решават брачните проблеми?
25 Се разбира, мажот и жената ќе се трудат да не го прават она што го раздразнува другиот партнер. Но, колку и да се трудат, понекогаш ќе направат нешто што ќе го вознемири другиот. Како да се постапи кога ќе појават потешкотии? Библијата го дава советот: ”Љубовта покрива многу гревови“ (1. Петрово 4:8, ББД). Тоа значи дека сопружниците кои се сакаат нема постојано да ги истакнуваат грешките коишто партнерот ги направил. Љубовта на некој начин вели: ”Да, ти згреши, но и јас понекогаш грешам. Затоа ќе поминам преку твоите грешки, а и ти, те молам, помини преку моите“ (Изреките 10:12; 19:11).
26. Што ќе му помогне на некого да ги отстрани настанатите тешкотии?
26 Кога сопружниците се спремни да ги признаат грешките и се обидат да ги исправат, можат да избегнат многу кавги и болка во срцето. Треба да имаат за цел да ги решат проблемите, а не да мислат кој ќе победи во кавгата. Дури и кога твојот брачен другар не е во право, можеш со својата љубезност да му олесниш да го реши проблемот. Ако не си во право, понизно моли за прошка. Не одлагај; реши го проблемот без колебање. ”Сонцето да не зајде со вашето раздразнето расположение“ (Ефесјаните 4:26, NW).
27. Кој библиски совет ќе им помогне на сопружнците во решавањето на нивните проблеми?
27 Особено ако си во брак, мораш да го почитуваш правилото: ”Не гледајте поединечно само на својата сопствена корист туку и на користа на другите!“ (Филипјаните 2:4, Ст). Послушај ја библиската заповед: ”Облечете се (...) во нежна наклоност на сочувство, доброљубивост, понизност на умот, благост и долготрпеливост. Продолжете да се поднесувате еден со друг и да си простувате спремно еден на друг ако некој има причина за поплака против друг. Како што Јехова спремно ви простил вам, така правете и вие. А над сето тоа облечете се во љубов, бидејќи таа е совршена врска на единство“ (Колосјаните 3:12–14, NW).
28. (а) Дали разводот е исправен начин за решавање на брачните проблеми? (б) Според Библијата, која е единствената причина за развод, која дава право на повторно стапување во брак?
28 Денес многу брачни двојки не дозволуваат советите од Божјата Реч да им помогнат да ги решат проблемите, туку бараат развод. Дали Бог го одобрува разводот како решение на проблемите? Не (Малахија 2:15, 16). Тој сакал бракот да биде доживотна заедница (Римјаните 7:2). Библијата дозволува само една причина за развод, со право за повторно стапување во нов брак, а тоа е браколомството (грчки: порнеја, тежок сексуален неморал). Ако е направено браколомство, недолжниот брачен партнер може да одлучи дали ќе побара развод или не (Матеј 5:32).
29. (а) Што треба да правиш ако твојот брачен партнер не сака да ти се придружи во христијанското обожавање? (б) До што би можело да доведе тоа?
29 А што ако твојот брачен другар одбива да ја проучува со тебе Божјата Реч или дури се противи на твојата христијанска служба? Сепак, Библијата те охрабрува да останеш со него и да не гледаш на одвоениот живот како на лесен излез од проблемите. Направи сѐ што можеш за да ја подобриш ситуацијата во домот така што ќе ги применуваш советите од Библијата за христијанското однесување. Со време, можеби со своето христијанско однесување ќе го придобиеш својот брачен другар (1. Коринтјаните 7:10–16; 1. Петрово 3:1, 2). Колкав благослов ќе биде за тебе ако твоето љубезно трпение биде наградено на тој начин!
30. Зошто е толку важно родителите да им дадат добар пример на децата?
30 Многу семејни проблеми денес ги вклучуваат децата. Што можеш да сториш ако е тоа случај и во твоето семејство? Пред сѐ, треба како татко или мајка да дадеш добар пример. Тоа е затоа што децата се наклонети да постапуваат според она што го правиш, отколку според она што го зборуваш. И ако едно зборуваш а друго работиш, децата брзо ќе го увидат тоа. Затоа, ако сакаш тие да водат добар, христијански живот, мораш самиот да им дадеш пример (Римјаните 2:21, 22).
31. (а) Која поважна причина им е потребна на децата за да го послушаат советот од своите родители? (б) Како би можел да им објасниш на својот син или ќерка зошто е мудро да се послуша Божјиот закон за блудот?
31 Исто така, мораш да разговараш разумно со своите деца. Не е доволно на младите едноставно да им речеш: ’Не сакам да вршиш блуд, бидејќи тоа не е исправно.‘ Потребно е да знаат дека нивниот Творец, Јехова Бог, вели дека таквите работи како што е блудот се неисправни (Ефесјаните 5:3–5; 1. Солунјаните 4:3–7). Но, и тоа не е доволно. На децата мора да им се помогне да сфатат зошто треба да ги слушаат Божјите закони и како тоа ќе им користи. На пример, можеш на синот или ќерката да им укажеш на кој прекрасен начин — со соединување на машката сперма со женската јајце клетка — се зачнува дете, и потоа да прашаш: ”Зарем не мислиш дека Оној којшто го овозможил чудото на раѓање, најдобро знае како треба луѓето да ги употребуваат органите за размножување коишто им ги дал?“ (Псалми 139:13–17). Или би можел да прашаш: ”Дали мислиш дека нашиот Голем Творец би поставил закон со кој би нѐ лишил од радостите на животот? Зарем не би требало да бидеме уште посреќни ако ги слушаме неговите закони?“
32. (а) Како треба да се однесуваш ако гледиштето на твоето дете не е согласно со Божјето гледиште? (б) Како можеш да му помогнеш на своето дете да ја спознае мудроста на она што го вели Библијата?
32 Таквите прашања може да го наведат детето на размислување за Божјите закони во поглед на употребата на органите за размножување. Прифати ги неговите гледишта. Ако неговите гледишта не се согласни со твоите, немој да се лутиш. Обиди се да разбереш дека генерацијата на твоето дете е далеку од праведните науки на Библијата и потруди се да му објасниш зошто неморалните постапки на неговата генерација не се мудри. Можеби ќе можеш да го свртиш вниманието на своето дете на некој конкретен пример, којшто покажува дека неморалот довел до вонбрачни деца, полни болести и други проблеми. Така можеш да му помогнеш да увиди дека е разумно и исправно она што го вели Библијата.
33. Зошто библиската надеж за вечен живот во рајот на Земјата може да ни помогне семејниот живот да го направиме успешен?
33 Особено библиската надеж во вечен живот во рајот на Земјата може да ни помогне семејниот живот да го направиме среќен. Како? Ако навистина сакаме да живееме во Божјето ново уредување, уште сега напорно ќе се трудиме да живееме онака како што се надеваме да живееме тогаш. Тоа значи дека тесно ќе се придржуваме на правилата и упатствата од Јехова Бог, а како резултат на тоа, Бог ќе ја круниса нашата сегашна среќа со дарот на вечен живот и изобилство од среќа низ целата вечност која е пред нас (Изреките 3:11–18).