Единаесетто поглавје
Зачувај мир во своето домаќинство
1. Кои се некои работи што би можеле да доведат до поделби во семејствата?
СРЕЌНИ се оние што им припаѓаат на семејства во кои има љубов, разбирање и мир. Да се надеваме дека и твоето семејство е такво. За жал, безброј семејства не одговараат на ваквиот опис и, од оваа или онаа причина, тие се поделени. Што ги поделува домаќинствата? Во ова поглавје ќе разгледаме три работи. Во некои семејства сите членови немаат иста религија. Во други семејства децата можеби немаат исти биолошки родители. Во трети, пак, се чини дека борбата да се заработи за живот или желбата за повеќе материјални работи ги поделува членовите на семејството. Сепак, околностите кои поделуваат едно семејство можеби немаат никакво влијание врз некое друго семејство. Што игра улога во тоа?
2. На кои места некои луѓе бараат водство за семејниот живот, но кој е најдобриот извор на такво водство?
2 Еден фактор е гледиштето. Ако искрено се трудиш да го разбереш гледиштето на другиот, тогаш ти си во поголема можност да просудиш како да зачуваш едно обединето домаќинство. Втор фактор е изворот на твоето водство. Многу луѓе го следат советот на колегите од работа, на соседите, на коментаторите во весниците или на други човечки водачи. Меѓутоа, некои луѓе дознале што вели Божјата Реч за нивната ситуација и потоа го примениле она што го научиле. Како може таквото постапување да му помогне на едно семејство да го зачува мирот во своето домаќинство? (2. Тимотеј 3:16, 17).
АКО ТВОЈОТ СОПРУГ ИМА ПОИНАКВА ВЕРА
3. а) Кој е библискиот совет за стапување во брак со некој кој има поинаква вера? б) Кои се некои основни начела кои важат ако едниот сопружник е верник а другиот не е?
3 Библијата одлучно нѐ советува да не стапуваме во брак со некој кој има поинакво религиозно убедување (5. Мојсеева 7:3, 4; 1. Коринтјаните 7:39). Меѓутоа, можеби дури откако си стапила во брак ти си ја научила вистината од Библијата, а твојот сопруг не. Што тогаш? Се разбира, брачниот завет сѐ уште важи (1. Коринтјаните 7:10). Библијата ја нагласува трајноста на брачната врска и ги охрабрува луѓето кои се во брак да ги решат недоразбирањата, а не да бегаат од нив (Ефесјаните 5:28—31; Тит 2:4, 5). Меѓутоа, што ако твојот сопруг одлучно ти приговара поради тоа што ја практикуваш религијата на Библијата? Можеби се обидува да те спречи да одиш на собраниските состаноци или, пак, вели дека не сака жена му да оди од куќа до куќа и да зборува за религија. Што ќе сториш ти?
4. На кој начин сопругата може да покаже соживување ако нејзиниот сопруг не е од иста вера?
4 Запрашај се: ‚Зошто мојот сопруг се чувствува така?‘ (Изреки 16:20, 23). Ако не разбира точно што правиш, тој може да биде загрижен за тебе. Или можеби е под притисок од роднините бидејќи повеќе не учествуваш во некои обичаи кои се важни за нив. „Оставен сам во куќата, се чувствував напуштен“, рекол еден сопруг. Овој човек имал чувство како да ја губи својата жена поради религијата. Сепак, гордоста не му дозволувала да признае дека е осамен. Можеби на твојот сопруг му е потребно уверување дека твојата љубов кон Јехова не значи дека сега го сакаш сопругот помалку за разлика од порано. Не заборавај да минуваш време заедно со него.
5. Каква рамнотежа треба да одржува жената чиј сопруг има поинаква вера?
5 Меѓутоа, за да постапиш мудро во таа ситуација, мора да имаш на ум нешто што е уште поважно. Божјата Реч ги поттикнува жените: „Покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во името на Господа“ (Колосјаните 3:18). На тој начин, таа предупредува на духот на независност. Освен тоа, велејќи „како што прилега во името на Господа“, овој библиски стих покажува дека подложноста спрема сопругот треба да ја земе во обѕир и подложноста спрема Господа. Треба да постои една рамнотежа.
6. Кои начела треба да ги има на ум една христијанска сопруга?
6 За еден христијанин, да се присуствува на собраниските состаноци и да им се сведочи на другите за својата вера која се темели на Библијата се важни аспекти на вистинското обожавање кои не треба да се запостават (Римјаните 10:9, 10, 14; Евреите 10:24, 25). Според тоа, што би сторил ако еден човек директно ти нареди да не се подложиш на некое одредено барање од Бог? Апостолите на Исус Христос изјавиле: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5:29). Нивниот пример дава преседан кој може да се примени на многу ситуации во животот. Дали љубовта кон Јехова ќе те поттикне да покажеш оддаденост што со право му припаѓа нему? Во исто време, дали љубовта и почитувањето кон твојот сопруг ќе те наведат да се обидеш да го правиш тоа на начин кој му е прифатлив? (Матеј 4:10; 1. Јованово 5:3).
7. На што треба да биде одлучна една христијанска сопруга?
7 Исус забележал дека ова нема секогаш да биде можно. Тој предупредил дека поради противењето на вистинското обожавање, членовите-верници на некои семејства ќе се чувствуваат разделени како да се појавил некој меч помеѓу нив и останатите во семејството (Матеј 10:34—36). Една жена од Јапонија го искусила ова. Нејзиниот сопруг ѝ се противел цели 11 години. Тој грубо ја малтретирал и честопати ја заклучувал надвор. Но, таа истрајала. Пријателите од христијанското собрание ѝ помогнале. Таа непрестајно се молела и црпела големо охрабрување од 1. Петрово 2:20. Оваа христијанка била убедена дека, ако остане цврста, еден ден нејзиниот сопруг ќе ѝ се придружи во служењето на Јехова. И, тој го сторил тоа.
8, 9. Како треба да постапува сопругата за да избегне да поставува непотребни препреки пред својот сопруг?
8 Постојат многу практични работи што можеш да ги направиш за да влијаеш врз ставот на својот брачен другар. На пример, ако твојот сопруг се противи на твојата религија, немој да му даваш оправдани причини да приговара на други подрачја. Домот одржувај го чист. Внимавај на својот личен изглед. Биди великодушна во изразите на љубов и ценење. Наместо да критикуваш, давај поддршка. Покажи му дека од него очекуваш поглаварство. Не враќај со иста мера ако сметаш дека со тебе не постапил добро (1. Петрово 2:21, 23). Земи ја во обѕир човечката несовршеност, а ако дојде до караница, понизно биди првата што ќе се извини (Ефесјаните 4:26).
9 Не дозволувај твоето присуство на состаноците да биде причина за да доцнат неговите оброци. Исто така, можеби ќе одлучиш да учествуваш во христијанската служба кога твојот сопруг не е дома. Мудро е една христијанка да не му проповеда на својот сопруг тогаш кога тоа не е пожелно. Наместо тоа, таа го следи советот на апостол Петар: „Вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени да се придобијат без услови, кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот“ (1. Петрово 3:1, 2). Христијанските сопруги се трудат што попотполно да ги покажуваат плодовите на Божјиот дух (Галатјаните 5:22, 23).
КОГА СОПРУГАТА НЕ Е СОХРИСТИЈАНКА
10. Ако сопругата има поинакво религиозно убедување, како треба да се однесува кон неа сопругот кој е верник?
10 Што ако сопругот е христијанин, а сопругата не е? Библијата дава упатства за таквите ситуации. Таа вели: „Ако некој од браќата има жена, која не поверувала, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава“ (1. Коринтјаните 7:12). Исто така, таа ги опоменува сопрузите: „Сакајте ги жените свои“ (Колосјаните 3:19).
11. На кој начин сопругот може да покаже способност на разликување и тактично да спроведе поглаварство над својата сопруга ако таа не е сохристијанка?
11 Ако ти си сопруг на жена чија вера е поинаква од твојата, биди особено внимателен да покажуваш почитување кон својата сопруга и обѕирност кон нејзините чувства. Како возрасен човек, таа заслужува одредена мера на слобода да ги практикува своите религиозни верувања, дури и ако ти не се согласуваш со нив. Кога првпат ќе ѝ зборуваш за својата вера, не очекувај таа да ги отфрли своите верувања кои ги држела толку долго време и да избере нешто ново. Наместо отсечно да речеш дека се неисправни обичаите што таа и нејзиното семејство ги почитувале долго време, стрпливо обиди се разумно да разговараш со неа на темел на Библијата. Можеби се чувствува запоставена ако голем дел од времето им го посветуваш на собраниските активности. Можеби се противи на твоите напори да му служиш на Јехова, но основната порака можеби едноставно е: „Потребно ми е да ми посветиш повеќе време!“ Биди стрплив. Со твојата љубезна обѕирност, со текот на времето можеби ќе ѝ помогнеш да го прифати вистинското обожавање (Колосјаните 3:12—14; 1. Петрово 3:8, 9).
ВОСПИТУВАЊЕ НА ДЕЦАТА
12. Дури и ако сопругот и неговата жена имаат различни религии, како треба да ги применат библиските начела во воспитувањето на децата?
12 Во едно домаќинство кое не е обединето во обожавањето, религиозната поука на децата понекогаш станува спорно прашање. Како треба да се применат библиските начела? Библијата му доделува на таткото првенствена одговорност да ги поучува децата, но и мајката исто така игра важна улога (Изреки 1:8; спореди 1. Мојсеева 18:19; 5. Мојсеева 11:18, 19). Дури и ако таткото не го прифаќа Христовото поглаварство, тој сепак е поглавар на семејството.
13, 14. Ако сопругот ѝ забранува на својата жена да ги носи децата на христијанските состаноци или да проучува со нив, што може да стори таа?
13 Некои татковци кои не се верници, не приговараат ако мајката ги поучува децата за религиозни работи. Други, пак, приговараат. Што ако сопругот не сака да ти дозволи да ги носиш децата на христијанските состаноци, па дури и ти забранува дома да ја проучуваш Библијата со нив? Сега ќе треба да доведеш во рамнотежа неколку обврски — твојата обврска кон Јехова Бог, кон твојот сопруг како поглавар и кон твоите сакани деца. Како можеш да ги усогласиш?
14 Сигурно дека ќе се молиш во врска со тоа (Филипјаните 4:6, 7; 1. Јованово 5:14). Но, на крајот ти си таа што мора да одлучи како да постапи. Ако постапиш тактично, јасно давајќи му до знаење на својот сопруг дека не го оспоруваш неговото поглаварство, на крајот противењето може да се намали. Дури и ако сопругот ти забранува да ги носиш децата на состаноци или да водиш формална библиска студија со нив, ти сепак можеш да ги поучуваш. Со твоите секојдневни разговори и со твојот добар пример, обиди се да им всадиш извесна мера љубов кон Јехова, вера во неговата Реч, почитување кон родителите — вклучувајќи го и нивниот татко — љубезна заинтересираност за другите луѓе и ценење за совесните работни навики. Со текот на времето, таткото може да ги забележи добрите резултати и да сфати колку вредат твоите напори (Изреки 23:24).
15. Каква одговорност при воспитувањето на децата има таткото кој е верник?
15 Ако ти си сопруг кој е верник а твојата сопруга не е, тогаш мора да преземеш одговорност да ги подигаш своите деца „во стега и Јеховино мисловно насочување“ (Ефесјаните 6:4, НС). Се разбира, додека го правиш тоа, треба да бидеш љубезен, полн со љубов и разумен во постапките со твојата сопруга.
АКО ТВОЈАТА РЕЛИГИЈА НЕ Е КАКО РЕЛИГИЈАТА НА ТВОИТЕ РОДИТЕЛИ
16, 17. Кои библиски начела мора да ги запомнат децата доколку прифатат вера која е поинаква од верата на нивните родители?
16 Повеќе не е необично дури и малолетните деца да прифатат религиозни гледишта кои се поинакви од религиозните гледишта на нивните родители. Дали си го сторил тоа? Ако е така, Библијата содржи совет за тебе.
17 Божјата Реч вели: „Бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. ‚Почитувај ги татка си и мајка си!‘ “ (Ефесјаните 6:1, 2). Тоа вклучува едно здраво почитување кон родителите. Меѓутоа, иако е важно да им се биде послушен на родителите, притоа мора да се покажува почитување кон вистинскиот Бог. Кога детето ќе стане доволно големо за да почне да донесува одлуки, тоа сноси и поголема одговорност за своите постапки. Ова не важи само во поглед на световниот закон туку особено во врска со божествениот закон. „Секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“, изјавува Библијата (Римјаните 14:12).
18, 19. Ако децата имаат религија која е поинаква од религијата на нивните родители, како можат да им помогнат на своите родители подобро да ја разберат нивната вера?
18 Ако поради твоите верувања правиш промени во својот живот, обиди се да го разбереш гледиштето на своите родители. Веројатно тие ќе бидат задоволни доколку ти, како резултат на тоа што ги учиш и ги применуваш библиските науки, почнеш да покажуваш поголемо почитување и станеш попослушен и потрудољубив во она што го бараат од тебе. Меѓутоа, ако поради својата нова религија ги отфрлаш верувањата и обичаите што тие лично ги почитуваат, тогаш можеби ќе мислат дека отфрлаш едно наследство што се обиделе да ти го пренесат. Исто така, можеби ќе стравуваат за твоето добро ако она што го правиш не е прифатено во околината или ако тоа го одвратува твоето внимание од активностите за кои сметаат дека би можеле да ти помогнат да напредуваш во материјален поглед. И гордоста би можела да биде препрека. Можеби мислат дека ти, всушност, велиш дека си во право, а дека тие не се во право.
19 Затоа, колку што е можно поскоро обиди се да направиш подготовка твоите родители да се запознаат со некои старешини или други зрели Сведоци од локалното собрание. Охрабри ги своите родители да ја посетат Салата на Царството за самите да слушнат што се дискутира и од прва рака да видат какви луѓе се Јеховините сведоци. Со текот на времето, ставот на твоите родители може да омекне. Дури и кога родителите упорно се противат, ја уништуваат библиската литература и им забрануваат на своите деца да присуствуваат на христијанските состаноци, обично има прилики да се чита на друго место, да се зборува со сохристијаните и неформално да им се сведочи и да им се помага на другите луѓе. Исто така, можеш да му се молиш на Јехова. Пред да бидат во можност да сторат нешто повеќе, некои млади луѓе треба да чекаат сѐ додека не се доволно возрасни за да живеат надвор од семејниот дом. Меѓутоа, каква и да е домашната ситуација, не заборавај ‚да ги почитуваш татка си и мајка си‘. Стори го својот дел за да придонесеш за мир во домот (Римјаните 12:17, 18). Над сѐ, тежнеј кон мир со Бог.
ПРЕДИЗВИКОТ ДА СЕ БИДЕ ОЧУВ ИЛИ МАЌЕА
20. Какви чувства може да имаат децата ако нивниот татко или мајка е очув или маќеа?
20 Во многу домови, ситуацијата што претставува најголем предизвик е од биолошка, а не од религиозна природа. Во многу домаќинства денес има деца од претходните бракови на едниот или на обата родитела. Во едно такво семејство децата можеби доживуваат чувствува на љубомора, огорченост или конфликт на лојалноста. Како резултат на тоа, тие можеби ги отфрлаат напорите што очувот или маќеата искрено ги вложуваат за да бидат добри татко или мајка. Што може да придонесе за успехот на едно семејство со очув или маќеа?
21. И покрај посебните околности, зошто очувите и маќеите треба да се обратат до начелата кои се наоѓаат во Библијата за да добијат помош?
21 Сфати дека и покрај посебните околности, библиските начела кои донесуваат успех во другите домаќинства важат и во овој случај. Моментално може да изгледа дека со запоставување на тие начела проблемот се олеснува, но тоа подоцна веројатно ќе нанесе длабока болка (Псалм 126:1; Изреки 29:15). Негувај мудрост и способност на разликување — мудрост за да ги применуваш божествените начела имајќи ги на ум долгорочните користи, а способност на разликување за да сфатиш зошто членовите на семејството велат и прават извесни нешта. Исто така, потребно е и соживување (Изреки 16:21; 24:3; 1. Петрово 3:8).
22. Зошто на децата може да им биде тешко да го прифатат очувот или маќеата?
22 Ако си очув или маќеа, можеби се присетуваш дека како семеен пријател децата веројатно те дочекувале со радост. Но, кога си им станал очув или маќеа, нивниот став можеби се променил. Сеќавајќи се на биолошкиот родител кој повеќе не живее со нив, децата можеби се борат со конфликт на лојалноста и можеби мислат дека ти сакаш да им ја одземеш љубовта што ја чувствуваат кон отсутниот родител. Понекогаш можеби безобѕирно ќе те потсетат дека ти не си нивниот татко или нивната мајка. Таквите изјави нанесуваат болка. Сепак, „не брзај во својот дух да се навредуваш“ (Проповедник 7:9, НС). За да се излезе на крај со чувствата на децата, потребни се способност на разликување и соживување.
23. Како може да се примени стега во едно семејство со пасторчиња?
23 Овие особини се пресудни кога се применува стега. Многу е важно стегата да биде доследна (Изреки 6:20; 13:1). Со оглед на тоа што сите деца не се исти, стегата може да се разликува од еден до друг случај. Некои очуви или маќеи увидуваат дека, барем за почеток, можеби е подобро биолошкиот родител да го извршува овој аспект на родителството. Меѓутоа, неопходно е обата родитела да се согласуваат со стегата и да ја поддржуваат, но без да покажуваат поголемата наклоност кон природниот потомок отколку кон пасторчето (Изреки 24:23). Послушноста е важна, но треба да се земе во обѕир и несовршеноста. Немој да реагираш претерано. Применувај стега со љубов (Колосјаните 3:21).
24. Што може да помогне да се отстранат проблемите во врска со моралот помеѓу членовите кои се од спротивен пол во едно семејство со очув или маќеа?
24 Семејните дискусии можат да сторат многу за да се спречат неволји. Тие можат да му помогнат на семејството да ги задржи во средиштето најважните работи во животот. (Спореди Филипјаните 1:9—11.) Исто така, со нив може секому да му се помогне да увиди на кој начин би можел да придонесе за да се постигнат семејните цели. Освен тоа, отворените семејни дискусии можат да отстранат проблеми во врска со моралот. Девојчињата треба да сфатат како да се облекуваат и како да се однесуваат пред својот очув или пред полубраќата кои ги имаат од него, а на момчињата им треба совет за тоа како да се однесуваат исправно кон маќеата или кон полусестрите што ги имаат од неа (1. Солунјаните 4:3—8).
25. Кои особини можат да помогнат да се одржи мир во семејството со очув или маќеа?
25 Додека се соочуваш со посебниот предизвик да бидеш очув или маќеа, биди стрплив. Потребно е време за да се создадат нови односи. Да се придобие љубовта и почитувањето на децата со кои не си биолошки поврзан, може да претставува огромна задача. Но, тоа е можно. Мудрото и проникливо срце, заедно со силната желба да му се угоди на Јехова, претставува клуч за мир во семејството со очув или маќеа (Изреки 16:20). Таквите особини можат да ти помогнат успешно да се соочиш и со други ситуации.
ДАЛИ МАТЕРИЈАЛНИТЕ ТЕЖНЕЕЊА ГО ПОДЕЛУВААТ ТВОЈОТ ДОМ?
26. На кои начини можат проблемите и ставовите во врска со материјалните работи да го поделат семејството?
26 Проблемите и ставовите во врска со материјалните работи можат да ги поделат семејствата на многу начини. За жал, некои семејства се поделени со расправии во врска со парите и желбата да бидат богати — или барем малку побогати. Поделби можат да се појават тогаш кога обата партнера работат световна работа и го развиваат ставот „мои пари, твои пари“. Дури и кога ќе се избегнат расправии, ако обата брачни другари работат, би можеле да дојдат во ситуација да имаат временски распореди кои им допуштаат малку време еден за друг. Сѐ поголем тренд во светот е татковците да живеат одвоено од своите семејства во текот на подолги периоди — месеци, па дури и години — со цел да заработат повеќе пари отколку што некогаш би можеле да заработат дома. Ова може да доведе до многу сериозни проблеми.
27. Кои се некои начела што можат да му помогнат на едно семејство кое се наоѓа под финансиски притисок?
27 Не можат да се постават никакви правила за решавањето на овие ситуации, бидејќи различни семејства мора да се соочуваат со различни притисоци и потреби. Сепак, библискиот совет може да помогне. На пример, Изреки 13:10 покажува дека со ‚советување‘ понекогаш може да се избегне непотребна борба. Ова не значи некој само да ги каже своите гледишта туку исто така да побара совет и да открие на кој начин другиот гледа на таа работа. Понатаму, реалното планирање на буџетот може да помогне да се обединат семејните напори. Понекогаш е неопходно — можеби само привремено — обата брачни партнера да работат надвор од домот за да се грижат за додатните трошоци, особено кога имаат деца или некои други што зависат од нив. Ако е тоа случај, сопругот може да ја увери својата жена дека тој сѐ уште има време за неа. Заедно со децата, тој може со љубов да помага во некои работи кои обично таа можеби ги извршува сама (Филипјаните 2:1—4).
28. Кои опомени, ако човек се придржува кон нив, ќе му помогнат на едно семејство да постигне обединетост?
28 Меѓутоа, имај на ум дека иако парите се потребни во овој систем на ствари, тие не носат среќа. Тие сигурно не даваат живот (Проповедник 7:12). Всушност, преголемиот нагласок врз материјалните работи може да предизвика духовна и морална пропаст (1. Тимотеј 6:9—12). Колку е подобро да го бараме најнапред Царството на Бог и Неговата праведност, со засигурување дека ќе го имаме Неговиот благослов додека се напрегаме да го набавиме она што ни е потребно за живот! (Матеј 6:25—33; Евреите 13:5). Ако ги ставаш духовните интереси во преден план и ако пред сѐ тежнееш кон мир со Бог, може да откриеш дека твоето домаќинство, иако можеби е поделено поради некои околности, ќе стане домаќинство кое навистина е обединето на најважните начини.
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА ИМ ПОМОГНАТ . . . НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО ДА ЗАДРЖАТ МИР ВО ДОМОТ?
Христијаните негуваат способност на разликување (Изреки 16:21; 24:3).
Љубовта и почитувањето што венчаната двојка си ги покажува во бракот не се условени од тоа дали обајцата имаат иста религија (Ефесјаните 5:23, 25).
Еден христијанин нема никогаш намерно да го прекршува Божјиот закон (Дела 5:29). Христијаните се миротворци (Римјаните 12:18).
Немој брзо да се навредуваш (Проповедник 7:9, НС).
[Рамка на страница 139]
ПРОПИСНИТЕ БРАКОВИ НОСАТ ДОСТОИНСТВО И МИР
Во денешно време, многу мажи и жени живеат заедно како сопруг и сопруга без некаква законска обврска. Можеби некој нов верник треба да се соочи со ваква ситуација. Во некои случаи врската можеби е одобрена од средината или од некој племенски обичај, но таа не е законска. Меѓутоа, библиското мерило бара прописно регистриран брак (Тит 3:1; Евреите 13:4). За луѓето кои се во христијанското собрание, Библијата исто така пропишува дека во една брачна заедница треба да има само еден маж и една жена (1. Коринтјаните 7:2; 1. Тимотеј 3:2, 12). Придржувањето кон ова мерило е прв чекор за да има мир во твојот дом (Псалм 118:165). Она што го бара Јехова не е нереално или тегобно. Сето она што нѐ поучува тој, наменето е за наша корист (Исаија 48:17, 18).
[Слика на страница 130]
Обиди се да го разбереш гледиштето на другиот
[Слика на страница 138]
Без оглед дали си природен родител или, пак, очув или маќеа, ослони се на Библијата за водство